На 4 октомври 2023, во конференциската сала на Хотел Панорамика, се одржа дванаесеттата сесија на Работната група 3, Правосудство и основни права на Националната конвенција на ЕУ во РСМ, во организација на Европското движење, на тема „Изборот и напредувањето во правосудните институции – Преку поголема транспарентност и квалитет, до зголемување на довербата на граѓаните во правосудството“. На сесијата присуствуваа членовите на судскиот совет, претставници од министерството за правда, претставници од академијата и граѓанскиот сектор, судии, адвокати, правници како и други засегнати страни.
Сесијата ја започна националниот координатор на НКЕУ-МК, професор Милева Ѓуровска, посочувајќи дека во актуелниот момент Конвенцијата е фокусирана на прашања од Првиот кластер – „Фундаментални вредности“ со цел преку дијалог да се креираат препораки кои ќе бидат придонес кон реформските процеси истовремено афирмирајќи ги пристапните преговори за членство во Унијата.
Таа истакна дека транспарентноста е значајна и за стекнување легитимитет на судиите и обвинителите, а таа директно произлегува од довербата на граѓаните кои формираат ставови според судските одлуки и судските постапки.
Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ на сесијата истакна дека транспарентноста е основната карактеристика на модерните демократии и оти особено е важна во правосудните институции, бидејќи промовира ефикасност, одговорност, поголема правна заштита и активна борба против корупцијата. Таа потсети дека пред неколку месеци ЕК на билатералниот скрининг во своите завршни зборови потенцираше дека земјава ги преземала сите потребни реформи и го поздравила донесувањето на сите законски решенија кои се усогласени со меѓународните стандарди, но дека мора да се посвети внимание идниот период на нивна имплементација.
-За да говориме за комплетно независен и непристрасен правосуден систем потребно е да бидат исполнети два императиви – правилна примена на законите и правилна примена на судската пракса на Европски суд за човекови права. Од друга страна, транспарентноста води до зголемена ефикасност и промовира доверба во правосудниот систем. Токму во таа насока испорачуваме видливи резултати со цел да го олесниме пристапот до правдата на граѓаните во правосудниот систем, оцени таа.
Оља Ристова, судија во Основниот кривичен суд и експерт во НКЕУ-МК, посочи дека секогаш како составен дел на реформскиот процес во правосудните органи е и транспарентноста на истите, бидејќи високото ниво на транспарентност во државите со развиен правосуден систем дава огромни резултати.
-Се очекува дека поголемата транспарентност ќе ја зголеми довербата на граѓаните, односно колку повеќе е информирана јавноста и колку помалку се одлучува „зад затворени врати“, довербата кај јавноста пропорционално треба да се зголемува. Јавноста може да види како работи советот на седници и како размислуваат членовите на судскиот совет за донесување на конкретна одлука, какви аргументи даваат во поткрепа на својата одлука да гласаат за или против некој предлог, смета Ристова. Според неа, не секогаш големата транспарентност, значи дека има и квалитетно и професионално работење. За последново треба да бидат исполнети критериумите за независен и професионален состав на судскиот совет, судски совет чии членови имаат интегритет и се отпорни на било какви надворешни влијанија, рече Ристова
Христоф Харсдорф, поранешен судија и обвинител, германски и ЕУ правен експерт, говореше за своето искуство во споделувањето на правни совети каде што бил испраќан во повеќе држави во светот.
Изборот и промовирањето на судиите е многу критична точка, имаме случаи каде што судството е дегенерирано во некои земји, и судиите пресудуваат во корист на политичките партии, и одржување на интегритетот на правниот сектор е многу тешка задача, рече тој.
Говорејќи за изборот на судии во Германија, рече дека студентот треба да добие магистерска титула по право од признаен универзитет и по магистратурата по право има опција да биде обучен за судија три години.
-Само мал дел од студентите решаваат да одат во тој правец. По овие три години има државен испит, кој трае 12 дена, спроведен од Министерството за правда и на тој испит нема ограничувања какви прашања ќе добие. Ова е извонреден пример за интегритетот на системот. Ќерката на премиерот еднаш падна на овој испит, и тоа беше примено како многу добар пример дека системот ги одбива оние кои се слаби кандидати, нагласи Харсдорф.
За нашето правосудство кажа дека сме добри во практика, односно имаме добра правна рамка.
Никола Тупанчевски, поранешен министер за правда, професор на Правниот факултет при УКИМ и експерт на НКЕУ-МК, кажа дека она што го загрижува е дека временската рамка на Стратегијата за развој на правосудството за 2023 -2027 година.
Станува збор за еден сериозен документ во кој се исцртани маргините што треба и во која насока треба да се движиме во иднина кога станува збор за сектор правосудство. За некои работи се уште не сме усогласени како општество и како држава. Така што ќе мора итно да се направи чекор за донесување на стратегијата, тоа да биде 2024 затоа што се губи смислата затоа што во 2023 нема да биде стратегија, туку анализа на правосудниот сектор, посочи Тупанчевски.
Фатиме Фетаи, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство – Скопје, рече дека заедничката цел е европската иднина, но тоа подразбира доследност во градење на општество засновано на европски вредности, првенствено на владеење на правото, како што налага првиот Кластер Темели.
Се уште има отсуство или минимална доверба во правосудството од граѓаните. Она што ни недостасува не се поконкретни правила, не се нови закони, туку ни требаат правници кои имаат способност да ја применуваат правната рамка, духот на правото и на општествените вредности кои правото ги штити, рече Фетаи. Оцени дека сите досегашни опции со кои се крпел системот се веќе искористени.
Ана Павловска Данева, професор на Правниот факултет „Јустинијан први“ при УКИМ, кажа дека Стратегијата 2017 – 2022 започнува всушност со реформи во Судскиот совет и дека Судскиот совет е апострофиран во тоа време во 2017 година како рак рана на правосудството, како една од најголемите кочничари на реформата во судството.
Апропо забелешките и значајните ставови и насоките во стратегијата беше прво изменет законот за судски совет, беше донесен нов Закон за судски совет кој ги доби сите позитивни оценки и од меѓународната заедница и од домашните експерти, но де факто ако ја гледаме состојбата ќе видиме дека апсолутно ништо не е сменето во поглед на ефектите и резултатите што не ги постигна овој закон, оцени Данева.
Образложението на одлуките на Судскиот совет, додаде, е тесно поврзано со транспарентноста на нивното работење, но, ние такви не можеме да видиме.
Така што, за ова не треба измена на закон. Треба само да се почитува законот и треба судиите да се произнесат она што нив ги водело, тоа што било водилка за да одлучат на определен начин да го аргументираат, да го соопштат јавно и тоа на јавноста да и биде достапно. Мнозинство од осуммина за гласање тоа е исто предвидено во законот, а ние гледаме дека се носат одлуки без тоа мнозинство, што значи дека толкувањето и имплементацијата на законската одредба е погрешна, лоша е, ако сакате политизирана, а не дека законот има недостатоци и дека треба да се менува во таа смисла, рече таа.
Дарко Аврамовски, директор на Коалицијата „Сите за правично судење“, кажа дека клучната работа која треба да ја имаме предвид е транспарентноста, која што не подразбира само јавност.
Транспарентност подразбира да може да биде извршена граѓанската контрола. Затоа што и сите институции на крајот се подредени на граѓаните. Сит институции и државни органи работат во интерес и за сметка на граѓаните на државата.
Оттаму, вели тој, граѓаните мора да имаат право да бидат запознаени со тоа како овие институции и органи го спроведуваат правото, како се грижат за заштита за нивните права и слободи, и како ги донеле оние одлуки коишто ги имаат донесено, кажа Аврамовски.
Амбасадорот, Претседател на Совет на амбасадори, Мухамед Халили, во улога на ко-претседавач, ја посочи важноста на присуството на претставниците од високите институции на оваа сесија, затоа што е добро да истите имаат можност да ги слушнат препораките на граѓанскиот сектор, како и да го изложат своето мислење во делот на дискусија. Халили додаде дека во моментот државата има високи амбиции, со се соочува и со високи контрадикции, односно претставниците од владата сакаат нивните роднини да бидат идни судии и обвинители, додека во исто време се залагаат за подобар избор при вработувањата во правниот сектор. Тука тој го постави прашањето дали судиите се жртви на политичарите, или пак политичарите се жртви на судиите.
Меѓу препораките што произлегоа од сесијата е и да се разгледа можноста за ревидирање на одредбите со кои Претседателот на РСМ предлага двајца членови на Судскиот совет, кои потоа ги бира Собранието. Натаму, условот „истакнат правник“ во УРМ за избор на членовите на Судски совет и Советот на јавни обвинители на предлог од страна на Собранието на РСМ треба да биде законски прецизиран и да содржи критериуми за должина на работното искуство, материјата со која професионално се занимавале… Овие членови кои ќе ги исполнат наведените услови не треба да бидат од редот на судии, стои меѓудругото во препораките на НКЕУ-МК.