Скокни до главната содржина

14 сесија на Работна група 4 – Правда, слобода и безбедност: Поголема отчетност, транспарентност и интегритет на полицијата за зголемување на довербата од граѓаните

Министерството за внатрешни работи да ги следи актуелните напори на Европската унија за јакнење на механизмите за полициско постапување со интегритет, обезбедувајќи транспарентност за своето работење во заедницата. Почетната претпоставка за развојот на полицискиот интегритет е да се заштити постапката за прием на нови полициски службеници, која ќе гарантира дека договор за вработување во МВР ќе склучат најдобрите кандидати. Тестот за интегритет е добра алатка која во наредниот период може да ги даде очекуваните резултати, но потребно е да се следи и унапредува неговата примена и да се оцени дали постојното решение ги исполнува потребите заради кои е воведен тестот. Со цел да се обезбеди поголема транспарентност во работата на полицијата, МВР да иницира стручна расправа за ефективноста на постојните инструменти за собирање, ажурирање, управување и спроведувањето на поплаките од страна на граѓаните, со вклученост на претставници на надлежните институции, меѓународните полициски тела (ОБСЕ, СоЕ, ИСИТАП) и на граѓанскиот сектор. Добрата европска пракса може да ја подобри довербата меѓу полицијата и граѓаните во Република Северна Македонија.

Ова се дел од предлог-препораките за кои се дискутираше на денешната 14 сесија на Работната група 4 (поглавје 24) „Правда, слободи и безбедност“ на тема „Преку професионалност и интегритет до транспарентност и отчетност во полициското работење“, која се одржа во Скопје, во организација на Европско движење во Република Северна Македонија во рамките на проектот Национална конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК).
Милева Ѓуровска, национален координатор на НКЕУ-МК и претседател на Европското движење во Република Северна Македонија во воведното обраќање истакна дека Поглавјето 24 е значајно бидејќи станува збор за област од која произлегува државниот суверенитет и врз која почиваат темелите за функционирање на институциите и заштитата на јавните интереси.
„Се забележува една цела бура на препораки кои доаѓаат од различни страни (ЕУ, меѓународни организации, граѓански здруженија и други). Многу од нив се повторуваат што покажува дека процесот на реформи е бавен и дека носителите на одлуки стануваат неосетливи, дури и за препораките од ЕУ. Ова, особено се однесува за препораките поврзани со спречувањето и борбата против корупцијата“, подвлече Ѓуровска, истакнувајќи ја важноста на Работната група 4, која, како што потенцираше досега одржала 13 сесии и е активна повеќе од 6 години.
Трпе Стојановски, професор на Факултетот за безбедност при Универзитет „Св. Климент Охридски“-Битола смета дека основните очекувања од полицијата во демократско општество е
таа да го спроведува законот со поддршка од граѓаните. Зборувајќи за скрининг процесот, професорот Стојановски рече дека една од препораките е дека во нашата земја постојат добри законски решенија, но недостасува конкретно извршување на тие решенија.
„Полицијата во континуитет ужива високо ниво на доверба во споредба со другите институции, но има простор за натамошно напредување“, истакна професорот Стојановски, во неговото обраќање.
Од Беренер Малме, виш советник од Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал се осврна на значењето на транспарентноста, отчетноста и интегритетот на полицијата.
Малме кој работи на полициските реформи во Западен Балкан во последните десетина години, истакна дека е неприфатливо политичко влијание во оперативното носење одлуки, како и политичко влијание поврзано со истрагите.
Наум Паноски, јавен обвинител при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија зборуваше за новоформираното посебно одделение за гонење на организиран криминал и корупција. Паноски подвлече дека веќе граѓаните се одважуваат и повеќе пријавуваат кривични дела поврзани со полициското работење во обвинителството.
„Соработката со МВР е на солидно ниво. Како држава и Јавно обвинителство досега е постигнат солиден напредок, како системски и легислативен напредок во споредба со периодот пред постоење на одделението“, истакна Паноски.
Микаел Коскениеми, проектен менаџер во проект поддржан од Кралството Шведска „Полициско работење во заедницата во Северна Македонија“ рече дека демократската полиција мора да се темели на четири столбови, кои вклучуваат почитување и заштита на човекови права, отчетност на полицијата, отчетност кон надворешните контролори (Народен правобранител, Јавното обвинителство итн) и полицијата да е во служба на поединечните групи. Според него, потребно е да се воспостават цврсти механизми за отчетност, како и силно партнерство со организациите во заедницата.
Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола истакна дека државата е во почетна фаза на градење на полицискиот интегритет. Зборувајќи за работата на полицијата, Дујовски, исто така, потенцираше дека МВР најмногу потфрлило во делот на јавните набавки, наведувајќи како пример дека од 100 набавки, 97 се повторени.
„Сè уште треба да работиме на деполитизација и департизација на полицијата“, рече Дујовски.
Според него, постои очајна потреба од поголем број полициски службеници, бидејќи нема доволен интерес за полициската служба.
Марк Диксон, раководител на Одделот за јавна безбедност и контакт со заедницата во ОБСЕ истакна дека постои потреба од надзор врз полицијата, особено граѓански надзор.
„Има силна потреба да се оддели извршната власт од работата на полицијата. Ако се направи тоа, ќе бидат направени цврсти чекори напред“, подвлече Диксон.
Фросина Крушкаровска, истражувач во „Евротинк“ ги презентираше наодите од проектот „Подобрување на транспареноста и отчетноста на полицијата во Република Северна Македонија“, наведувајќи дека генералниот тренд на довербата на граѓаните во сите институции е во опаѓање, иако постои тренд на зголемување на довербата на граѓаните во полицијата во споредба со претходните години.

На денешната сесија присутните заклучија дека транспарентноста, отчетноста и интегритетот се клучни за поголема доверба во полицијата и нејзина поголема професионалност во служба на граѓаните.

* * *

Проектот Национална конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија е платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ. Проектот се реализира од страна на Европското движење во Република Северна Македонија, а е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и SlovakAid.