Скокни до главната содржина

Шеста сесија на Работна група 1 – Земјоделство и рурален развој ( Поглавје 11) „ Предизвиците во земјоделството соочено со климатските промени“

На 12.09.2019 во Клубот на пратеници во Скопје, се одржа шестата сесија на Работната група 1 на НКЕУ-МК за Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) на тема: „Предизвиците на земјоделството соочено со климатските промени“.

Во сесијата учество земаа преку 60 претставници на засегнатите страни, меѓу кои министерот за Земјоделство, шумарство и водостопанство на РСМ, како и претставници од невладиниот сектор, претставници од релевантните институции и министерства во државата, земјоделци, професори и експерт за областа од Словачка.

Сесијата ја отвори координаторката на НКЕУ-МК, проф. Милева Ѓуровска која истакна дека не би можело да има општество без земјоделство. За жал, денес земјоделството ни се наоѓа во криза, па останува на нас да свртиме кон него и да му помогнеме да се справи со предизвиците кои ги носат климатските промени.

Министерот за Земјоделство, шумарство и водостопанство посочи дека климатските промени  предизвикуваат сериозни штети врз земјоделското производство, што крајно влијае и врз севкупната економија. Тој наведе дека климатските промени директно влијаат врз земјоделецот, а она што е интерес на земјоделецот е и интерес на државата. Затоа интензивно се работи на мерки за ублажување на последиците од климатските промени во земјоделството.

Проф. Ордан Чукалиев своето излагање го започна со податоците за емисијата на CO2 и други гасови кои што придонесуваат за глобалното затоплување, кои се во постојан пораст. Потоа зборуваше за состојбата во Македонија и со кои промени ние се соочуваме во однос на температурата, водата , почвата и сл. Проблемот со недостигот на вода го издвои како особено важен, поради тоа што оваа состојба само ќе се влошува, а е од клучно значење за земјоделството. Несомнено, климатските промени придонесуваат за намалување на продуктивноста, покачување на цените и намалување на добросостојбата на земјоделците, но и на сите граѓани. Чукалиев истакна дека располагаме само со туѓи информации и дека тие може не се совпаѓааат во целост со реалната состојба, затоа од исклучително значење е спроведување на научни истражувања за климатските промени, за да можеме да знаеме точно каква е состојбата кај нас и да мижеме соодветно да реагираме за да се соочиме со проблемите.

Експертот од Словачка и директор на Секторот за земјоделство и услуги при Словачката комора за земјоделство и храна, Јан Баршвари, изјави дека климатските промени се една од најактуелните теми во ЕУ. Зборуваше за ризик факторите кои произлегуваат од климатските промени и кои можат да да бидат во однос на цената, производството, разновидноста и политичките фактори. Според Баршавари, ризиците предизвикани од климатските промени се зголемуваат и имаат сериозен економски ефект врз земјоделството и сточарството. Намалувањето на ризиците се поврзува со зголемување на цените за производство, но тоа не може да биде само на терет на земјоделците. Менаџментот на ризикот не може да им се остави само на фармерите, поради тоа што производството на храна претставува социјален проблем, па агрикултурата треба да биде еден од приоритетните сектори на еконимијата во секоја држава.

Следеше дискусија на темата во која збор земаа повеќе претставници од институциите, невладиниот сектор и земјодеци, кои ги истакнаа нивните гледишта и проблемите со кои се соочуваат во однос на климатските промени.

Дискусијата заврши со прифаќање на понудените препораки.