Скокни до главната содржина
Delegation of EU to MK
Evropsko dvizenje
Sfpa

Трета сесија на Работна група 5 – Животна средина (Поглавје 27) – „Отпадот – загадувач или ресурс? Како да се подобри имплементацијата на Законот за управување со отпад во Република Северна Македонија?“

Чист град за повеќето во Македонија е „мислена именка“, а заработка од отпадот „научна фантастика“!

Сепак тоа е возможно. Начинот како да се оствари тоа го посочија експертите на Националната конвенција (НКЕУ-МК) на онлајн дебатата на тема „Отпадот –  загадувач или ресурс? Како да се подобри имплементацијата на Законот за управување со отпад во Република Северна Македонија?“ што ја организираше Европското движење (ЕМ-МК) на 10 декември 2021.

„Новиот десетгодишен национален план за управување со отпадот што е донесен оваа година има за цел да ги направиме промените денес за да ја зачуваме средината во која ќе живееме во иднина. Но, за да ја постигнеме таа цел неопходно е да ја препознаеме вредноста на отпадот како ресурс“, изјави заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска, додавајќи дека сите ние како граѓани треба да дадеме свој придонес и сите надлежни институции целосно и координирано да соработуваат меѓу себе..

На дебатата, исто така, беше посочено дека правилното управување со отпадот е дел од обврските што нашата држава треба да ги исполни преку Поглавјето 27 за животна средина како предуслов да стане полноправна членка на ЕУ.

Но, според анализите во земјава реалноста покажува дека справувањето со отпадот се сведува на негово собирање и депонирање, со незначителна застапеност на превенција и селектирање што претставува предуслов за неговото искористување како ресурс.

Иако државата бележи напредок во транспонирањето на ЕУ легислативата во националното законодавство, реалноста сигнализира дека сме многу далеку од имплементацијата и од стандардите на Европската Унија, каде само 25 отсто од отпадот може да биде депониран, а другиот дел треба да биде преработен, посочи на дебатата националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење (ЕМ-МК), Милева Ѓуровска.

Преку дијалогот, во кој учествува македонски и словачки експерти за животна средина, консултанти, професори, истражувачи, екологисти, како и претставници на граѓански организации, на бизнис заедницата и на инспекторатите се настојуваше да се дефинираат клучните прашања за справување со отпадот.

Претседателката на Центарот за климатски промени од Скопје, Бојана Станојевска-Пецуровска, посочи дека системот за селекција изостанува и дека дивите депонии сé уште постојат поради недоволен број инспекциски надзори, а освен тоа повеќето општински депонии не ги исполнуваат ни условите за безбедно управување со отпад. Единствено одреден напредок, според неа, има како резултат на работата на колективните постапувачи.

И раководителката на Секторот за отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Мазнева–Каранфиловска, рече дека сите засегнати страни „сме должни да преземеме мерки“, така што вредните материјали треба да се реинкорпорираат во процесот на управување со отпад во согласност со специфични критериуми развиени од страна на Европската Унија и воведени во македонските закони.

Јадранка Иванова, пак, која е тим-лидерка и експертка за апроксимација за програмата „Поддршка за албанските ЕУ преговори во животната средина, Поглавје 27“ ја презентираше состојбата со отпадот во однос на правната рамка, додека инспекторката за животна средина Александра Димитриевска–Аврамовска, ја отслика реалната состојба на терен и посочи дека не само што е неопходно институционално зајакнување на капацитетот на инспекциски служби, туку мора да се креира и социолошки паметен систем за да ги одвратат граѓаните од одредена социолошка категорија да го сметаат „загадувањето како помало зло од гладта“, користејќи штетни материјали за загревање.

„За начинот на управување со отпад, но и за други важни прашања како што е грижата за животната средина можеме да учиме едни од други, особено во рамките на зелената агенда на Европската Унија“, изјави директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА) од Братислава, Томаш Стражај. Тоа се покажа, како што рече тој, преку досегашните 44 одржани сесии на Националната конвенција, која по добивањето на датумот за преговори ќе стане дел од преговарачкиот процес.

Чешкото искуство во управувањто со отпад, всушност, го пренесе, директорката на Институтот за циркуларна економија на Република Словачка, Ивана Малеш, која рече дека македонските власти можат да учат од нивните грешки. Таа ги запозна учесниците со законодавството во Словачка, нагласувајќи дека една од најважните алки е циркуларната економија, а ја претстави и зелена политика наречена „Позелена Словачка“, според која до 2030 година заедно со борбата против климатските промени државата ќе мора да транзитира кон таа кружна економија.

„Многу сум среќна што денес состојбата во Словачка за разлика од пред десетина години е многу поразлична што рециклирањето се подобри за 60 проценти и што изградивме нови депонии. Сепак, треба да се знае дека се создаде друг проблем, а тоа е што управувањето со отпадот стана многу поскапо. Но тоа е цената што треба да се плати за заштита на животната средина“, рече Ивана Малеш.

Таа посочи дека секој од жителите на Словачка треба да плаќа надоместок според количината на отпад што го произведува, односно дека секој загадувач си плаќа соодветна сума за загадувањето. Исто така, врз промена на секојдневниот живот се одразил и отпадот од храна и биорзградливи материјали. Уште една промена што таа ја посочи е транзицијата кон зелени јавни набавки, при што се внимава јавните пари да се трошат за зелени решенија. Сепак, најважната алатка на државно ниво во Словачка е Програмаата за управување со отпад што се ниоси на секои пет години. Последната е донесена во ноември 2021 година со што се очекува загадувањето да се намали за 25 проценти, а тука се и владините уредби за новиот систем за плаќање кауција на амбалажа за пијалаци, на пет амбалажа, лименки, пластика, метал, стакло… Она што сé уште го нема во Словачка, а што треба да се спроведе во претстојниот период, рече таа, е  рециклирање на текстилот и био отпадот.

Според презентацијата на словачката експертка, Словачка произведува 12 милиони тони годишно, од кои само комунален отпад е 2,3 милиони тони отпад годишно. Околу 50 проценти од отпадот се депонира во депонии, 41 отсто се рециклира, а само 9 отсто се гори.

Како добри практики од Словачка се примерите со системот на плаќање според количеството на отпад, па така секој граѓанин плаќа според големината на кантата за отпадоци и според бројот на нејзино празнење, додека контејнерите се со бар код. А, како добар начин да се намали отпадот е примерот со компостирање што неодамна го воведе Братислава.

За што поскоро да се приближиме барем до стандардите за управување со отпад на Словачка, низ дијалогот произлегоа и конкретни препораки за поефикасна имплементација на новиот Закон за управување со отпад од октомври 2021 година што може да бидат корисни во справувањето со дивите депонии, афирмацијата и имплементацијата на ЕУ стандардите во локалните средини и операционализацијата на регионалната перспектива во управувањето со отпадот што на крајот на дебатата на Националната конвенција како еден официјален документ ги прочита директорката на „Еко свест“ од Скопје, Ана Чоловиќ-Лешоска.