Скокни до главната содржина
Delegation of EU to MK
Evropsko dvizenje
Sfpa

Петта пленарна конференција: Националната конвенција за ЕУ постави темели за успешен процес на пристапните преговори

Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК) во партнерство со Собраниската комисија за европски прашања ја реализираа Петтата пленарна конференција која се одржа во собраниската сала „Борис Трајковски“. После официјалните обраќања на високи претставници од националните институтуции, Европската Унија, Соединетите Американски Држави и Република Словачка се одржаа две панел-дискусии на темите: „Основите на европската интеграција: Владеење на правото и спроведени реформи“ и „Како да се справиме со климатските промени и социјалните последици во земјоделството, шумарството и животната средина“. НКЕУ-МК е граѓанска платформа со континуирана структура за дијалог за подршка на пристапните преговори за членство во Европската Унија.

„Во изминатите пет години Националната конвенција даде значаен придонес да ја подготви земјата да се приклучи кон ЕУ. Работните групи овозможија отворена инклузивна дебата за интеграцијата во ЕУ заедно со претставниците на граѓанскиот сектор, претставници на Владата, граѓански организации, како и поединци експерти. Особено сум задоволен што имаме различни претставници кои опонираат на политичките мислења на сите прашања поврзани со реформите“, изјави Ерик Мејер, заменик шеф на мисијата во Амбасадата на САД. Тој нагласи дека во партнерство со Владата на Словачка, американската Влада даде поддршка на Националната конвенција за ЕУ на Северна Македонија и заедно ги поставија темелите за успешен процес на преговори.

И словачкиот амбасадор, Хенрик Маркуш, го нагласи значењето на Националната конвенција, која „стана важна алатка за подготовката на земјата за пристапните преговори за членство во ЕУ“, нудејќи дебати со вклученост на националните актери – Владата, Парламентот, граѓанското општество, деловната и академската заедница, но и на странски експерти, особено од Словачка, кои ги споделуваат словачките искуства на патот кон ЕУ.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој имаше воведно обраќање, рече дека промените или реформите во државата не треба да ги првиме само за да ги задоволиме европските бирократи, туку и фундаментално да го промениме нашето општетство и работата на нашите институции.

„Колку брз ќе биде процесот на нашата интеграција во Европската Унија зависи и од Брисел, и од државите-членки, но, најмногу од нас“. Само со излегување од комфорната зона на политички декларации, процесот на пристапување кон Европската Унија ќе ја има трансформативната моќ која ни е повеќе од потребна, рече Пендаровски.

„Субјектите од целиот политички спектар треба да се сплотат за националниот интерес и да се фокусираат на испорачување на ЕУ-реформите. Секако, ова не значи дека опозицијата треба да запре со работа, нејзината улога е да преиспитува, да поставува прашања, но и да нуди решенија“, рече евроамбасадорот Дејвид Гир.

Пратеникот Арбер Адеми кој е претседател на собраниската Комисија за европски прашања, порача дека консензусот е неопходен кога станува збор за стратешката определба на државава, во контекс на очекуваните уставни измени. Но, неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски истакна дека власта порано требало да мисли на градењето консензус.

„Македонија има свој уникатен пат за влез во Унијата од која било друга членка. Ќе се согласите дека ваков притисок од соседите прво Грција, па сега Бугарија никоја друга земја немала“, истакна Николовски.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на панел-дискусијата, прашан за тоа како се справуваме како држава со хибридните закани, особено ако се земе предвид фактот дека многу училишта добија дојави за поставени експлозивни направи, рече дека во тој контекст се и дојавите за поставување на експлозивни направи во скопски средни училишта и оти во МВР прашањето се третира со максимална сериозност, иако „заедничка цел на сите им е да се продуцира страв во општеството“.

„Сите дојави од страна на МВР се третираат со максимална сериозност и се преземаат сите активности: откако ќе се спроведе евакуацијата, се обезбедува заштитен периметар и се пристапува кон антитерористичка проверка на објектите и околината, при што се ограничува и пренасочува сообраќајот. Притоа, Северна Македонија не е некој исклучок за ваквите хибридни напади т.н. лажни дојави за бомби. Напротив, на ваков тип напади масивно се изложени и соседните земји – како на пример: Србија, Хрватска и Црна Гора, а и подалечните, како Нов Зеланд, Канада, САД, Германија итн, рече тој.

Освен политичарите и дипломатите, на Конвенцијата во Собранието учествуваа и судии, обвинители, професори и други македонски и словачки експерти за правосудство и за животна средина, екологисти, но и претставници на граѓанскиот сектор, релевантни за двете теми. Речиси сите констатираа дека владеењето на правото треба да стане приоритет за Северна Македонија, која генерално има добро скроени закони во сите сфери, но проблемот е што тие не се спроведуваат доследно.

Со Пленарната конференција, како што заклучи националната координаторка на НКЕУ-МК, проф. д-р Милева Ѓуровска, се заокружи петгодишниот циклус од работењето на Националната конвенција, која досега на 44 одржани сесии усвои над 500 препораки и вклучи над 2000 учесници кои ги преставуваа релевантните институции, граѓанските здруженија,  бизнис секторот, академската средина, синдикатите, организациите на работодавачи и други во пет работни групи од поглавјата за правосудство, правда, земјоделство, социјална политика и животна средина.