ПОГЛАВЈЕ 23 – ПРАВОСУДСТВО И ОСНОВНИ ПРАВА
Поглавјето 23 е едно од најобемните и сложени поглавја, а брзината и времетраењето на преговорите во оваа област директно влијаат врз напредокот во другите аспекти на преговорите со Европската унија.
Политиките на ЕУ во оваа област имаат за цел да ја одржат и понатаму да ја развиваат Унијата како област на слобода, безбедност и правда. Политиките во поглавјето 23 поделени се на четири главни и меѓусебно поврзани области: правда, борба против корупција, основни права и права на граѓаните на ЕУ.
Функционирањето на независно и ефикасно судство е од пресудно значење. Непристрасноста, интегритетот и високиот стандард при донесувањето на одлуки од страна на судовите се суштински за заштита на владеењето на правото. Тоа подразбира цврста посветеност за елиминирање на надворешните влијанија врз судството и обезбедување на соодветни финансиски ресурси и обука. Неопходно е воспоставување правни гаранции за фер судење.
Исто така, државите-членки мораат ефикасно да се борат со корупцијата, бидејќи таа претставува закана за стабилноста на демократските институции и владеењето на правото. Потребна е цврста правна рамка и сигурни институции за поддршка на кохерентна политика за превенција и спречување на корупцијата.
Од државите-членки се очекува да обезбедат почитување на основните права и правата на граѓаните на ЕУ кои се загарантирано со правото на ЕУ и со Повелбата на Европската Унија за фундаментални права.