Националната конвенција за Европска унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) според својата форма е демократски форум за отворен и транспарентен дијалог за прашања поврзани со Пристапните преговори за членство во Европската унија. НКЕУ-МК е платформа која дава можност поширок круг на граѓани – стручни во определена област да влијаат врз содржините на промените (реформите) обликувајќи ги според поширокиот јавен интерес.
Концептот на Националната конвенција за Европска унија се покажа соодветен во приближување кон Европската унија. Во Република Словачка, каде беше најпрво применет, се здоби со титулата „добра практика за влез во ЕУ“. Оваa мобилизирачка методологија поседува капацитет да го демократизира процесот на усвојување, прифаќање и реализирање на политичките одлуки за членство во ЕУ преку дијалогот помеѓу претставници на Владата, Парламентот и другите релевантни чинители со исклучително активна улога на граѓанското општество. „Усвојувањето на евроинтеграциските структури не може да се постигне со декорација. НКЕУ е од голема помош поради три причини: овозможува инклузивна јавна дебата за европската интеграција; второ – ја институционализира јавната дебата поттикнувајќи партнерства на различни сегменти во општеството; трето – ги поврзува носителите на одлуки на сите нивоа на општеството“.
Првиот циклус од Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија, во траење од две години започна во Октомври 2017 година, а заврши во септември 2019. Вториот циклус од овој проект почна веднаш по завршувањето на првиот, во октомври 2019 и ќе трае две години.
Во првиот циклус НКЕУ-МК работеше во:
- Поглавје 11 – Земјоделство и рурален развој (Работна група 1);
- Поглавје 19 – Социјална политика и вработување (Работна група 2,);
- Поглавје 23 – Правосудство и основни права (Работна група 3),
- Поглавје 24 – Правда, слободи и безбедност (Работна група 4).
Како промена која се воводе со отпочнувањето на вториот циклус на НКЕУ-МК е тоа што освен продолжувањето со работа во овие поглавја, почна со работа и во:
- Поглавје 27 – Животна средина (Работна група 5)
Во период од две години НКЕУ-МК помина низ повеќе развојни фази постојано зајакнувајќи ја својата основна мисија – поддршка и афирмација на евроинтеграциските процеси на Р.С. Македонија. Иако, отсекогаш постоел консензус во врска со европските перспективи на државата и висок степен на прифаќање на ЕУ од страна на граѓаните (над 80%), сепак е неопходно да се развие еден поинаков пристап за посуштинско разбирање на членството во Унијата. Капацитетот на НКЕУ-МК да мотивира, вклучува и поврзува се покажа како исклучителен во фазата кога беше неопходно евроинтеграцискиот процес да се пренесе од политичките структури кон релевантните стручни лица и пошироката јавност. НКЕУ-МК успеа да го промовира ставот дека Европската интеграција е задача на граѓанските здруженија, на претпријатијата, синдикатите, универзитетите, локалните власти, фармерите и секој поединечен граѓанин.
Во рамките на соработката меѓу НКЕУ-МК и Секретаријатот за европски прашања се воспостави редовна комуникација која овозможи размена на информации за нивото на напредокот во поглавјата. Претставници на СЕП редовно учествуваа на работните состаноци и на сесиите на НКЕУ-МК придонесувајќи во дискусиите, како и во афирмацијата на препораките. Членови на работните групи на НКЕУ-МК беа редовно информирани за сесиите на објаснувачкиот скрининг што даваше можност експертите поблиску да навлезат во преговарачките прашања во определени поглавја.
Треба да се истакне фактот дека во работењето на НКЕУ-МК се вклучија над 100 активни граѓански здруженија со што НКЕУ-МК доби директен легитимитет и во рамките на граѓанското општество. НКЕУ-МК е првиот директен систематски инпут на граѓанското општество во четири преговарачки поглавја. Ова особено се однесува на Поглавјето 11 (Земјоделство и рурален развој и за Поглавјето 19 (Социјална политика и вработување) каде сè уште систематизацијата во преговарачките поглавја е во почетна фаза. Во Поглавјето 23 и 24 веќе постоеше неколкугодишен систематски пристап и анализи направени од мрежата на граѓански здруженија која ги следеше реформите во Правосудството и основните права.
Работните групи на НКЕУ-МК имаат постојано членство од 20 – 25 стручни лица, со можност за проширување со дополнителни учесници – истакнати експерти на темата за која се дебатира. Во просек имаше по 50 учесници во секоја од сесиите на работните групи. Секоја работна група беше водена и уредувана од страна Програмски совет кој го сочинуваа експерти во постојан состав (2-3 во секоја работна група), копретседавачи (еден висок функционер на релевантното министерство и еден претставник на граѓанскиот сектор), националниот координатор на НКЕУ-МК и членовите на тимот. Ваквата структура овозможува циркулација на заклучоците и препораките меѓу сите релевантни инстанции.
НКЕУ-МК работи врз основа на стандардизирана методологија по која се одвива дијалогот. Станува збор за структуриран дијалог со дефинирани улоги на чинителите, а една од целите е да се овозможи споделување на искуствата (знаењата) од определени области и усогласување на ставовите на учесниците. Уште во првите сесии се увиде дека постои солиден капитал од информации релевантни за поглавјата, меѓутоа дека постои проблем на размена на информациите меѓу различните чинители кои дејствуваат во истата област. Се воочи дека не е развиен системот на размена на информации меѓу самите државни институции, а особено меѓу граѓанските здруженија и институциите. НКЕУ-МК е специфична со оглед на крајниот резултат – препораките кои претставуваат значаен придонес во преговарачкиот капацитет на државата. Вклучувањето на различните чинители во работата на сесиите даде можност да се „испеглаат„ различните мислења и да се слушнат аргументи од некој друг агол на гледање. Исто така, НКЕУ-МК овозможи да се оствари директен контакт меѓу институциите, граѓанските организации и другите чинители придонесувајќи за намалување на ексклузивитетот на формалниот институционален авторитет. Новосоздадена вредност на НКЕУ-МК е групниот идентитет на членовите чија комуникација и соработка продолжува и по завршувањето на сесијата. Со тоа НКЕУ-МК станува платформа која го зголемува легитимитетот на институциите во нивната идна преговарачка мисија. Дебатите овозможија да дојде до израз еден друг вид на знаење и факти од терен кој не го поседуваат институциите.
Генерални заклучоци во однос на дејствувањето на НКЕУ-МК:
- НКЕУ-МК се изгради во институционален дијалог на релевантните чинители во определен домен што се огледа во континуираноста на активностите, постојаното членство и посветеноста на членовите на групите и регуларната соработка меѓу сите чинители;
- Прифатена е како платформа за изразување на ставовите на поширок круг на заинтересирани чинители. Легитимитетот го добива од големиот број на учесници кои јавно искажуваат дека НКЕУ-МК им овозможува заедно со претставниците на институциите да дискутираат за прашања кои нив ги засегаат;
- Дејствува стимулативно на институциите во фокусирањето кон соодветното преговарачко поглавје;
- Ги мотивира членовите на работните групи да го проучуваат поглавјето и поблиску да се запознаат со европските директиви;
- НКЕУ-МК има исклучително инклузивен карактер особено во Поглавјето 11 и во Поглавјето 19 каде се обединија повеќе граѓански мрежи и каде постои исклучителен интерес за вклучување на нови граѓански здруженија и нови чинители;
- НКЕУ-МК Создава богата база на информации, заклучоци и препораки со кои се збогатува сознајната база на податоци во поглавјата – корисни за преговарачкиот процес;
- НКЕУ-МК изгради ефективана размена со словачките партнери во поглед на примената и адаптацијата на методологијата во исклучително сложен национален контекст со поголеми политички турбуленции.
- Добивањето на датум за отпочнување на преговорите на НКЕУ – МК ќе даде ново значење и нова улога со значаен придонес во преговарачкиот процес.
НКЕУ-МК е финансиски подржан од USAID и SlovakAid
Проф. д-р Милева Ѓуровска
Координатор на НКЕУ-МК