Скокни до главната содржина

17-та сесија на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23) – Уставниот суд на раскрсница помеѓу Европските стандарди и домашните предизвици

На 02 септември 2025 година, се одржа 17. сесија на Поглавје 23 – Правда и темелни права, на која имаше сеопфатна расправа за улогата на Уставниот суд во заштитата на темелните права и слободи и неговото влијание врз владеењето на правото во Северна Македонија. Сесијата е во рамките на проектот НКЕУ-МК, кој е поддржан од Делегација на Европската Унија и Министерството за надворешни работи на Република Словачка преку СловакАид.

Сесијата официјално ја отвори Милева Ѓуровска, Национален координатор на НКЕУ-МК, која во воведното обраќање ја истакна важноста на континуитетот на Конвенцијата како платформа која во изминатите осум години со 72 сесии овозможи вклучување на сите релевантни чинители во реформските процеси, посочувајќи дека реформите во областа на уставното судство биле актуелни и во 2019 година, но потребата за нивно подобрување денес е уште понагласена. Таа истакна дека ЕУ не пропишува конкретен модел за уставен суд, но постојано нагласува дека оваа институција има клучна улога во водењето на реформите во правосудството, усогласувањето на законите со уставот и обезбедувањето на судска независност. Особено предупреди дека уставните судови на земјите-кандидати не смеат да бидат инструментализирани за политички цели, туку да дејствуваат како активен чувар на владеењето на правото.

Амбасадорот Андреј Лепавцов, копретседавач на Работната група 3, потенцираше дека перцепцијата за владеењето на правото е клучен индикатор во процесот на пристапување кон ЕУ и дека земјата е групирана со Црна Гора, Србија и Албанија во заедничките извештаи на Европската унија, што дополнително ја засилува одговорноста да се постигнат видливи резултати. Тој ја нагласи потребата од транспарентно и политички независно работење на Уставниот суд, особено во контекст на чувствителни закони како Законот за употреба на јазиците, кој беше предмет на оспорување и предизвика широка јавна дебата за неговата уставност и усогласеност со Рамковниот договор и европските стандарди.

Првиот панел започна со експертско излагање на Ана Павловска-Данева, уставен судија и професор на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, посочи на проблемот со создавање правни празнини поради непостапување на институциите по одлуките на Уставниот суд. Како пример го наведе случајот со Изборниот законик и малиот праг (од 1% на 0,95%) донесен во нетранспарентна процедура, што го нарече „погранично со потсмев кон Уставниот суд“. Најалармантен пример беше членот 353 од Кривичниот законик (злоупотреба на службена должност), каде Судот му даде шестмесечен рок на парламентот да донесе измени, предупредувајќи за „сериозен правен вакуум“.

Следеше презентација на хрватското искуство, кое беше презентирано од Маша Марочини-Зрински од Уставниот суд на Хрватска, која ги сподели искуствата на својата земја со предмети како „Статилео“, каде Европскиот суд за човекови права утврди повреда на правото на сопственост поради продолжени рестриктивни мерки. Таа нагласи дека клучен фактор за успешно решавање на ваквите случаи било воспоставувањето на законодавен механизам што обезбедува пропорционалност и балансирање на интересите на сите засегнати страни, како и редовен дијалог помеѓу уставното судство, парламентот и јавноста.

Втората панел дискусија започна со излагање на судија Мирјана Лазаровска-Трајковска, која го прошири прашањето со акцент на практиките на институциите кои, иако формално ги прифаќаат одлуките на Уставниот суд, често ги одложуваат нивните ефекти преку итни законодавни постапки или со повторно носење на идентични или слични одредби. Таа предупреди дека ова води до состојба на хронично непочитување на судските одлуки, што создава недоверба кај граѓаните и го еродира легитимитетот на правосудниот систем. Таа предложи воспоставување јасни механизми за мониторинг и отчетност во спроведувањето на одлуките, вклучително и обврска за јавна и транспарентна информација од страна на Собранието за секое одлагање или непостапување.

Последен говорник беше Денис Прешова, професор на Правен факултет „Јустинијан Први“, кој се осврна на европските стандарди и ја потенцираше улогата на Венецијанската комисија и нејзината „Rule of Law Checklist“ како референтна алатка за оценка на владеењето на правото. Тој наведе дека во Северна Македонија недостасува предвидливост и систематски пристап при интеграција на уставносудските одлуки во законодавниот процес, а тоа се гледа и во случаи како Законот за употреба на јазиците, каде одлуката на судот не беше навремено проследена со конкретни мерки од Собранието, што доведе до продолжени политички тензии и нејаснотии околу примената на законот. Прешова истакна дека ваквите ситуации создаваат впечаток дека Уставниот суд е оставен сам да ги носи последиците од неактивноста на другите институции и повика на јасно дефинирање на одговорностите и роковите.

По излагањата, следеше и дискусија на присутните, во која беше нагласено дека честите законодавни интервенции преку скратени постапки, како што беше случајот со измените на Кривичниот законик, создаваат нестабилност и ја доведуваат во прашање предвидливоста на правниот систем. Присутните учесници истакнаа дека медиумскиот дискурс често ја тривијализира суштината на уставносудските одлуки, прикажувајќи ги низ дневнополитички призми, што дополнително ја намалува довербата на јавноста. Беше предложено да се разгледа можноста за воведување на превентивни механизми, преку кои Собранието би можело да побара мислење од Уставниот суд уште во фазата на подготовка на законите, за да се избегне нивно последователно укинување.

Се заклучи дека уставното судство во Северна Македонија се соочува со предизвикот да ја зајакне својата улога како активен чувар на владеењето на правото, во услови на политички тензии и институционална инертност. Експертите оценија дека потребни се конкретни и итни чекори за воспоставување на јасни правила за постапување по уставносудските одлуки, зголемување на транспарентноста при именувањата и системска едукација на клучните носители на одлуки. НКЕУ-МК уште еднаш ја потврди својата улога како инклузивна и стручна платформа која обезбедува простор за вакви суштински дебати, насочени кон обезбедување поголема правна сигурност и забрзување на процесот на европска интеграција.