НАЦИОНАЛНА КОНВЕНЦИЈА ЗА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
ПРЕПОРАКИ ОД ПРВАТА СЕСИЈА НА РАБОТНАТА ГРУПА 1
ЗЕМЈОДЕЛСТВО И РУРАЛЕН РАЗВОЈ:
ТЕМА:
„КАКО ДА СЕ ПОДОБРИ ИСКОРИСТЕНОСТА НА ПРОГРАМАТА ИПАРД 2“
Програмскиот совет на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој, која што е во рамките на Националната конвенција за Европската Унија во Република Македонија, како резултат на првата работна сесија на тема „Како да се подобри искористеноста на ИПАРД 2“, одржана на 20 март 2018 година, ги даде следниве
ПРЕПОРАКИ
Препорака 1. Подобрување на структурните услови за подобро искористување на средствата од програмата ИПАРД 2:
- создавање структурни услови за инвестирање во основни средства (градежни објекти) кои треба да се постават како приоритет на највисоко ниво,
- процесот на донесување детални урбанистички планови во општините да се забрза и да се заврши што е можно поскоро,
- документацијата за проекти што вклучуваат градежни активности и барања за легализација, кои се наменети за користење на ИПАРД треба да имаат приоритет пред другите барања,
- сите релевантни институционални регистри поврзани со ИПАРД да бидат завршени и да бидат поврзани меѓусебно,
- измените на Законот за консолидација на земјоделско земјиште да бидат усвоени, бидејќи тоа е еден од предусловите за надминување на прашањата за имотните и законските права.
Препорака 2. Олеснување на условите за обезбедување на техничка документација:
- постапките за набавка на потребната документација треба да се поедностават и можноста за набавка на некои од документите по службена должност од АФСАРД треба да се разгледаат (некои примери на кои укажуваат засегнатите страни: договор за закуп на државно земјиште, доказ за сопственичката структура, документи за влијанието на инвестицијата врз животната средина, потврда од Управата за јавни приходи итн.),
- да се разгледаат можностите за олеснување на барањата за понуди и документи од странство (на пример, прифаќање на профактури од странски фирми испратени по електронска пошта и олеснување на барањето за доказ за сопственост на сопственичката структура на понудувачот),
- Јасно да се утврди кои документи треба да бидат издадени од надлежните институции (општините, министерствата, другите државни институции).
Препорака 3. Поефикасна организација на јавните повици:
- да бидат разгледани различни опции за објавување повици (на пример, една можна опција е отворен јавен повик во текот на целата година со определени периоди на одлучување за проценка на апликацијата; друга можна опција е јавниот повик да биде пуштен во неколку фази со посебни мерки, кои нема да се совпаднат со периодот на објавување на јавните повици за националната програма),
- временската рамка со определените рокови да биде дадена за сите фази на процесот (повикот, одобрување на апликацијата, спроведување, мониторинг и контрола) и оваа временска рамка да биде во согласност со земјоделските активности,
- да се воведе поефикасна постапка при оценување на апликациите од страна на
Препорака 4. Вовед и акредитација на нови мерки во програмата:
- Процесот за акредитација на новите ИПАРД 2 мерки да се забрза, за да придонесе за подобро и поуспешно искористување на програмата (на пример, мерката за инвестиции во руралната јавна инфраструктура),
- да се создадат услови за воведување и акредитација на нови мерки што е можно поскоро (мерки во врска со советодавните услуги и стратегии за локален развој – пристапот LEADER),
- дополнително да се зголеми кофинансирањето онаму каде што е тоа можно (на пример, за жените-земјоделци),
- процесот на програмирање, вклучување и акредитација на мерките за следниот програмски период да започне навремено, така што употребата на средствата да може да се започнат навреме,
- во следниот програмски период на ИПАРД, поголемо внимание и средства треба да се насочат кон мерките за развој на руралните области (инвестиции во руралната јавна инфраструктура, диверзификација, LEADER итн.), и кон мерки кои се наменети за шумарството (со претходно воведување на пилот мерки во националната програма).
Препорака 5. Подобрување на капацитетот на институциите:
- да се зајакне капацитетот на институциите поврзани со имплементацијата на ИПАРД (особено Телото за управување со ИПАРД во рамки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и Националната агенција за проширување): да се зголеми бројот на вработени, со експертски и стручен кадар; да се подобрат знаењата и вештините на вработените преку обуки; да се воведат финансиски стимулации за вработените кои имаат зголемен ангажман и обем на работа поврзана со ИПАРД; да се подобрат работните услови (канцелариски услови и канцелариски материјали).
Препорака 6. Подобри информации и комуникација во врска со програмата:
- да се подигне свеста кај корисниците за можностите што ги нуди ИПАРД 2, особено во насока на преземање нови развојни инвестиции, иновации, додадена вредност, а не само набавка на механизација,
- да се подобрат информациите до крајните корисници со поефикасен систем на промотивни активности и навремена комуникација, почести информативни сесии и едукативни дебати: настани што ќе се одржуваат во селата во период погоден за земјоделците (кога немаат обврски; во вечерните часови); да бидат организирани тематски настани (само за една целна група, или соодветен избор на специфичен регион за производство, така што да се понудат информации за можностите за тој подсектор); главните, но и подеталните информации да се пренесат на едноставен и разбирлив јазик (на пример, да се понуди визуелен водич кој вклучува што да очекуваат корисниците пред, за време и после апликацијата и одобрувањето на проектот; да се презентираат успешни примери од земјата и странство итн.),
- да се воведе редовно информирање и обука за јавни и приватни советници во врска со програмата, подготовка на апликации и развој на бизнис планови,
- да се воведе редовно медиумско информирање за програмата, како и специјализирана обука за новинари,
- да се подобри комуникацијата помеѓу институциите во областа на континуирана размена на информации (на пример, помеѓу АПРЗ и АФСАРД, помеѓу НВОите и институциите, итн.),
- да се надополни работата на Комитетот за мониторинг на ИПАРД: со почести средби, за поедноставно и поефективно следење на користењето на програмата и со редовно учество на невладините организации (земјоделски здруженија, стопански комори, преработувачи и земјоделски задруги кои ги имаат исполнето условите за социо-економски партнери на МЗШВ во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој).





