Скокни до главната содржина

Втора сесија на Работна Група 6 – Антикорупција – „Фискална политика заснована на правила: значењето и улогата на јавните финансии во Евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија“

На 2 Ноември 2023, во просториите на Хотел Панорамика, се одржа втората сесија на Работна Група 6 – Антикорупција (Поглавје 5 – Јавни набавки, Поглавје 18 – Статистика и Поглавје 32 – Финансиска контрола) на тема „Фискална политика заснована на правила: значењето и улогата на јавните финансии во Евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија“.

Работната група препорачува преиспитување на поставените клаузули во фискалните правила за природни непогоди, пад на економската активност и трошоци за стратешки инвестициски проекти, кои овозможуваат целосно или делумно некористење на правилата, односно нивно усогласување со праксата во ЕУ земјите.

Утврдување на потребите за финансирање во јавното здравство и пензискиот систем во следните десет години, што ќе ги создава процесот на демографското стареење на населението иселувањето на работната сила, се, исто така, дел од препораките, според кои врз основа на кои треба да се размислува за промени во даночниот систем и создавање на специфични фискални правила кои ќе го поддржуваат подоброто функционирање на системот.

Групата препорачува да се направи анализа на ефективноста на прагот на фискалното правило за општините, кое што приходната страна на буџетите на општините ја определува како процент од остварувањата во претходните три години, со цел да не може да се планира неостварлива буџетска приходна страна која ќе создава преземени, а неплатени обврски.

Функционирање на IFMIS системот кој ќе овозможи целосна поврзаност на јавните финансии и адекватна информациска база за функционирање на систем на јавни финансии базиран на правила, е исто така, препорака, според која ќе се обезбеди системот да ги евидентира и покажува сите креирани обврски и создавање на правила кои ќе оневозможат зголемување на исплатените обврски.

Како што информираат од работната група, ЕУ е во процес на дефинирање на нов систем на правила во јавните финансии. Додека постојните фискални правила во Европската Унија беа суспендирани за време на пандемијата и на почетокот на војната во Украина и ќе треба да се обноват во 2024 година, Европската комисија предлага систем на фискални правила, кој има за цел да ги минимизира негативните надворешни ефекти од фискалната нерамнотежа на земјите членки врз остатокот од Унијата. Тој се состои од три компоненти: збир на критериуми и цели за фискална одржливост, задолжително фискално прилагодување кон одржлива фискална позиција, и санкции во случај на непочитување.

Сесијата започна со воведен збор од професор Милева Ѓуровска, Национален координатор на НКЕУ-МК, и претседател на Европско Движење во Република Северна Македонија, која со поздрав до присутните, ја објасни тековната работа на Националната Конвенција на Европска Унија на Северна Македонија, која се темели на научни структурирани дијалози, и ги појасни и другите активни поглавја во моментот, и тоа: Поглавје 23 и Поглавје 24. кои се активни во моментот. Антикорупцијата е од витална важност за Северна Македонија, и дел од Кластер 1, Фундаментални Вредности, и денешната тема е актуелна за состојбата на државата.

-Меѓутоа и за оваа област, како и за многу други граѓанските здруженија веќе имаат акумулиран сознаен капитал. Тоа знаење е важно за институциите, но и за граѓаните кои треба да имаат информации кога станува збор за Работната група 6 и антикорупцијата навистина граѓаните да бидат информирани за тековите на јавните пари, истакна Ѓуровска

Александар Кржаловски, Директор на Македонски центар на меѓународна соработка (МЦМС) во улога на ко-претседавач, ја најави темата, потенцирајќи ја важноста на антикорупцијата за држава како Северна Македонија која има големи проблеми со фискалните политики, кои треба да се подигнат на Европско ниво. Го најави Франци Клужер, виш советник, министерство за финансии на Република Словенија, појаснувајќи ја потребата од Европска перспектива за долгот на државите, и целта кон која треба да се стремиме при Евроинтеграцискиот процес.

Клужер во своето воведно излагање посочи дека Македонија има многу отворени проблеми, но најпредизвикувачките прашања се оние кои треба да ги решиме со постојните фискални правила. Во 2015, 2016 и 2017 година имаме пресврт од негативниот раст на БДП, и дури подоцна создадовме простор за фискална консолидација. Новите фискални правила треба да бидат повеќе во смисла дека можеме да имаме постепен, но одржлив пат за консолидација. Ако земјата предложи некои големи инвестиции или реформи, тогаш може да треба поголемо време за фискално прилагодување. Ако земјата се оцени како земја со висок ризик, тогаш периодот на приспособување треба да биде поголем. Ако имате 4 години планови, треба да го покажете вашето истражување после тоа, што покажува дека долгот е намален, додаде Клужер.

Како следен говорник Кржаловски го најави Глигор Бишев, професор и Претседател на Фискален совет на Република Северна Македонија, кој во своето излагање се задржа на фискалната состојба на Северна Македонија, имено дека денес не постои институција која води дискрециона и монетарна политика, затоа што носителите на економските политики сакаат амбиентот за стопанисување да го направат предвидлив, и да нема изненадување, и од тој аспект без разлика дали правилото е 3% дефицит или 60% максимален долг, може да се види и буџетскиот дефицит и задолженоста, и дали се држиме до тие правила. Златното фискално правило вели дека буџетскиот дефицит треба да е еднаков на 0. Од 1996 до 2009 фискалниот дефицит се приближи до 0, но во 2001, заради конфликтот, буџетскиот дефицит отиде до 7,5% проценти, и во 2006 и 2007 имаме дури фискален суфицит. Тој сподели дека буџетските приходи и расходи во Северна Македонија се движат од 30-35% од БДП, што е едно од најниските нивоа во Европа. Државата мора да инвестира и во иновации, и треба да се обезбеди транзиција во дигитализирана економија , и соодветни индустриски политики. Пред нас стојат голем број на предизвици, но клучно ќе биде како да се зголеми стапката на раст за да паралелно конвергираат и стандардот на граѓаните, а истовремено и подобро да се имплементираат фискалните правила.

– Пред нас стојат голем број на предизвици, конвергенцијата кон ЕУ ќе бара многу повеќе инвестиции и трансформација. Клучно ќе биде како расходната страна да се направи поефикасна и да се зголеми стапката на раст за да паралелно конвергираат и стандардите на граѓаните а истовремено поинтензивно да се применуваат фискалните правила, посочи тој.

Следниот говорник и континуиран НКЕУ-МК експерт, професорот на Економски факултет. Драган Тевдовски, кој изјасни потреба да сите институции се водат според фискалните правила, бидејќи институциите во суштина создаваат политичка дисциплина. Потенцираше дека треба да сфатиме што прави ЕУ и што треба да прави Македонија: прво, фискалните правила да бидат добро дизајнирани за да го доведат јавниот долг во развојни рамки, и во исто време да овозможат инвестициски активност, и второто, и поважното, да се почитуваат тие правила. Ние треба веднаш

да размислуваме и да се обидуваме елементите на Европскиот систем полека да ги применуваме. Првото нешто што треба да се направи е да се избере фискална патека: да се создаде одржливо ниво на јавен долг и да биде како што треба. Паралелно со фискалната патека да се ставаат корективни механизми. Апсолутно треба да се размислува за даночни реформи. Да се воспостави биланс на плаќање на јавниот сектор.

– Ова е конвенција за Европа. Ние не треба да чекаме влез во ЕУ, туку треба да се обидуваме да ги применуваме овие елементи на системот каде што сакаме да влеземе, рече тој.

Според него, прво што може да се направи е да се избере фискална патека која на среден рок ќе создава одржливо ниво на јавен долг и ќе води сметка инвестициите на среден рок да бидат како што треба.

Експертскиот дел од сесијата го најави Виктор Митевски, Координатор на Работна група 6, Извршен директор на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ – Скопје, се осврна на неприкосновената важност на темата, и во улогата на модератор на настанот, ја најави Сања Маџаревиќ – Шујстер, Виш економист за државите од Западен Балкан и економист на Светска банка за Северна Македонија, која се вклучи онлајн преку ЗУМ платформата.

Маџаревиќ – Шујстер рече дека најважното што треба да го направи државата е разбирањето каде сака да оди за време на процесот на пристапување, бидејќи тоа е многу важно за да може секој сектор од економијата да придонесе кон оваа цел. Таа подготви презентација токму за оваа тема, фокусирана на фискалните политики на Северна Македонија. Презентацијата информираше за трошоците за финансирање кои се зголемени, што бара намалување на бруто трошоците, бидејќи тие земаат голем дел од буџетските ресурси. Се порача дека треба да ги обновиме фискалните брани за да можат да издржат идни шокови и да помогнат во консолидацијата. Тоа треба да биде координиран пристап за заштита на економијата. Според Маџаревиќ – Шујстер, постојат четири елементи на фискалната стратегија за закрепнување и стабилизација: кредибилен план за фискална консолидација за стабилизирање на долгот и обнова на фискалните брани, зајакнување на институциите на ПФМ, фискални правила и фискален надзор, поддршка за мобилизација на приходите и справување со неефикасноста на трошењето, и создавање простор за зелена транзиција. Подобрувањето на кредитната стапка е важно за да се намалат критериумите за ризик, односно потребна е фискална консолидација за да се запре растот на јавниот долг и да се врати на одржлив пат, да се создаде фискален простор потребен за апсорпција на фондовите на ЕУ и да се создадат браници за стареењето на трошоците кои се важни за заштита од долгорочни шокови. За крај, Маџаревиќ – Шујстер порача дека треба да работиме и на јавната перцепција за правилата бидејќи тоа ќе биде многу важно за долгорочното подобрување на земјата.

Следното експертско излагање и анализа на Зоран Јовановски, Заменик претседател на Стопанска комора на Република Северна Македонија, се фокусираше на улогата на бизнис секторот во спроведувањето на политиките. Јовановски појасни дека фискалните правила според него се прашања за доверба во системот, и се потребни за да не може секој да прави што сака, и треба да овозможат да се воведе дисциплина која е одржлива на подолг временски рок, и сето тоа да резултира со подобрување на довербата во системот. Четири сознанија до кои доаѓа студија на ММФ во однос на фискална политика: широко е распространета наклонетост на носителите на економски политики за водење фискална политика со дефицит, има и случаи каде и на кратко и на среден рок се води дискрециона фискална политика, фискалното прилагодување онака како што

го спомна и Маџаревиќ – Шујстер, ако е придружено од структурни реформи не мора да доведе до рецесија, и да се има пролонгирана посветеност на фискална дисциплина, односно да размислуваме на подолг рок, а не од денес за утре.

Последен од експертскиот панел говореше Џевдет Хајредини, Поранешен министер за финансии, посочувајќи дека имајќи ги предвид околностите и темата, во вакво време кога се расправа за тоа каква треба да биде фискалната политика, односно потребни се луѓе од владата, од министерството за финансии посебно, затоа што важно е нивното гледање, односно зошто не сакаат да присуствуваат и да слушаат. Сите сме сведоци дека оваа влада и министрите за економска и финансиска политика, се фалат дека имаат програма и правила и дека ги применуваат, но тие што се платени да тоа го спроведат тоа не го прават како што треба. Доаѓаме до дилемата: во што е проблемот, и каде ќе одат препораките што ќе произлезат од сесијата? Тие ќе отидат до институции кои не можат истите да ги спроведат. Премиерот рекол дека ние сме држава што е најдобра во регионот, и нормално дека од него не може да се очекува да дојде и слуша каква треба да биде економската политика, кога тој мисли дека тоа веќе го знае, додека пак Урсула Фон Дер Лајен, претседателката на Европската Комисија објаснува дека имаме направено неверојатни реформи, иако знае дека Северна Македонија носи закони со кои се амнестираат стотина казнени, и го злоупотребува Европското знаме, и се поставува прашање ако и ова што зборуваме денес не се цени, тогаш како очекуваме напредок? Ниту еднаш никој од претставниците на Унијата немаат потврдено дека Македонија ќе влезе во ЕУ во 2030, туку ние така мислиме, но има некои ситуации кои и да сакаме нема да можат да се решат толку рано, и наместо да прогнозираме треба да се фокусираме на реформите.

Со ова излагање се затвори експертската анализа, но и се отвара делот за дискусија, во кој присутните можат да се вклучуваат со свои мислења, и да се осврнат и на предлог препораките од Работната група 6, со свои предлози за измени и дополнувања на истите. Најголемиот дел од дискусијата се фокусираше на јавната администрација и потребата од подобро фискално образование за граѓаните.

Сесијата ја затвори професорката Милева Ѓуровска, која посочи дека сесијата се уште не е завршена иако дијалогот заврши, и се уште треба да се дискутира за оваа тема. Предлог препораките можат да трпат промени и им посочи на присутните да ги испратат нивните коментари преку мејл, а потоа истите ќе бидат усвоени од програмскиот совет и ќе станат јавни, по што ќе бидат испратени до соодветните институции и медиумите.