Скокни до главната содржина

Втора сесија на Работна група 1 – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) „Пазарот на земјоделски производи во услови на КОВИД-19 пандемијата“

Короната покажа дека ни е потребна сеопфатна издржана национална стратегија за производство на храна, бидејќи е исклучително важно во време на криза да се обезбеди здрава храна по разумна цена. Ова е заклучокот на Работната група 1 на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија за Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11), која денеска преку платформата ЗУМ ја одржа втората сесија на тема „Пазарот на земјоделски производи во услови на КОВИД-19 пандемијата“. На видео-конференцијата што се одржа онлајн, учествуваа врвни експерти од земјата и Словачка. Сесијата беше добра можност да се разговара отворено за прашањата поврзани со нарушување на односите на пазарот на земјоделски производи и како да се надминат „тесните грла“ во поглед на производството, откупот и дистрибуцијата.

„Храната конечно дојде на дневен ред. Корона кризата ги покажа слабостите во земјоделското производство, но од друга страна сега е добра прилика да се направи сеопфатна стратегија за производство на храна“, рече професорката од Факултетот за земјоделски науки и храна, Александра Мартиновска-Стојческа, додавајќи дека од пандемијата се изродија и позитивни ефекти, така што се отворија нови начини на продажба, како продажба на врата и онлајн продажба на земјоделските производи. Во таа насока беше и излагањето на Марина Тошеска од Националната федерација на фармери која посочи дека короната ги натерала да основаат платформа за онлајн продажба на земјоделски производи.

Словачките експерти го поделија своето искуство и мерките што ги преземале Словачка и ЕУ за динамизирање на земјоделството како еден од највиталните сектори за одржување стабилност и во другите економски гранки. Во сесијата учествуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, словачкиот експерт Јан Баршвари и директорот на словачката асоцијација за надворешна политика Томаш Стражај, заедно со експертите на НКЕУ-МК, Александра Мартиновска – Стојческа, Ана Симоновска и Билјана Петровска – Митревска и копретседавачите Маја Лазареска – Јовеска и Васко Хаџиевски.

 

 

Зоран Шапуриќ го оцени настанот како корисен во сложени услови на ковид пандемија кога сме соочени со големи предизвици.

Светлана Колариќ, советник во Агенцијата за храна и ветеринарство реќе дека се донесени два правилника за полесна директна продажба на домашни производи, добрата вест е што забраната за движење не натера да се вратиме кон купување домашни прехранбени производи.

Трпе Стојановски укажа на потребата од добра локална инфраструктура за пристап до земјоделските површини, во спротивно, како што рече, земјоделците се демотивираат.

Поддршка на производителите побара и Никола Бабовски, кој сепак, додаде дека на тој план Владата веќе дава поддршка за зелена нафта, субвенции за зелка, а преку програмата за рурален развој се издвојуваат по 1500 денари за секое оставено женско јагне за приплод.

Претседателката на националната федерација на фармери, пак, се пожали дека претрпеле големи штети поради полицискиот час. Иван Вангелов од НФФ, инаку производител на овошје и зеленчук, рече дека откупните цени се многу ниски, а протокот на стоки многу забавен.

Претседателката на Европското движење, проф. д-р Милева Ѓуровска, ја заклучи сесијата со оценка дека обраќањата беа богати и содржински со солидни препораки и побара да се додаде уште една препорака во врска со проблемот со наоѓање сезонски работници како уште еден горлив проблем на земјоделците, особено во време на криза.