Скокни до главната содржина
Delegation of EU to MK
Evropsko dvizenje
Sfpa

Деветта сесија на Работна група 1 – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) – „Предизвици во програмирањето и реализација на програмата ИПАРД 3 (2021-2027)“

Преку новиот инструмент за претпристапна помош во доменот на земјоделството и руралниот развој ИПАРД 3 во македонското земјоделство се очекува да се инвестираат околу 250 милиони евра до 2027 година.

Ова беше најавено на денешната онлајн-дебата на 9. сесија на Работната група 1 за земјоделство и рурален развој во рамките на Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија на тема „Предизвици во програмирањето и реализација на програмата ИПАРД 3 (2021-2027)“, на која дебатираа македонски и словачки експерти за рурален развој.

 

„Вредноста на ИПАРД 3 програмата, која треба да се усвои до крајот на годинава, се проценува на околу 97 милиони евра од европските фондови, кои заедно со средствата од националниот дел стануваат околу 125 милиони евра. Ако се знае дека ова е 50 проценти од вкупната инвестиција што влегува преку проектите опфатени со ИПАРД програмите, може да се заклучи дека во македонското земјоделство се очекува де се инвестираат околу 250 милиони евра во наредниот период“, изјави раководителот на Телото за управување со ИПАРД во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Живко Брајковски, кој ја презентираше ИПАРД 3 програмата.

Според него, за разлика од ИПАРД 1 и ИПАРД 2, третата ИПАРД програма предвидува неколку новини, со кои ќе се зголеми ефикасноста и искористувањето на средствата од ИПАРД програмата, а тоа се воведувањето на авансно финансирање, воведување на нова категорија корисници „здружено правно лице“, зголемување на праговите за минимални инвестиции, зголемување на минималниот износ за набавка преку три независни споредливи понуди од 10.000 на 20.000 евра и од три на две понуди, како и почеток на имплементација на проектите веднаш по аплицирањето, без да се чека потпишување на договорите како до сега.

Учесниците на дебатата предупредија дека ќе биде исклучително значајно отстранувањето на бариерите за имплементација на ИПАРД 3 програмата.

„Имплементацијата на оваа програма не е едноставна задача“, рече националната координаторка на НКЕУ-МК и професорка на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, Милева Ѓуровска, додавајќи дека земјоделците треба да се насочат кон агроеколошко производство во согласност со заедничката аграрна политика на Европската Унија, но уште понеопходно е „да се креираат поволни услови за овој сектор да стане поатрактивен за младите“.

Одливот на младите е проблем и во Словачка, која има далеку поголемо искуство во имплементација на програмите финансирани од европски фондови.

„Една третина од младите фармери ги напуштаат руралните региони, така што преку кампањи се обидуваме да ги вратиме и задржиме“, изјави Марек Пихулич, експерт за евалуација на програми за развој на руралната средина во Република Словачка и член на мрежата за рурален развој во Словачка. Тој рече дека, сепак, европските средства добиени од ИПАРД програмите помогнале да се задржат добар дел од вработувањата и да се модернизира и зголеми продуктивноста во фармите.

Истражувачот од Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА) од Братислава, Петер Брежани, пак, посочи дека Националната конвенција е добра платформа преку вакви дебати, а особено преку препораките на експертите што произлегуваат од нив, да им се помогне на властите поефикасно да ги имплементираат ИПАРД програмите, доближувајќи ги до реалните потреби на земјоделците за модернизација и осовременување на овој сектор. „Оваа широка платформа“, додаде тој, „придонесува преку размена на мислења на експертите, но и на засегнатите страни препораките да станат дел од јавните политики и да добијат институционална форма“.

Како посебна препорака за начинот на имплементација конкретно на ИПАРД 3 програмата, беше посочено дека треба да се овозможат структурни услови и да се изврши корекција на имотно-правните аспекти и техничката документација неопходна од општините и Владата.

„Процесот на донесување детални урбанистички планови во општините мора да се забрза со конкретни рокови и побрзо да се процесира документацијата за проекти што вклучуваат градежни активности, особено на барањата за легализација наменети за користење на ИПАРД“, изјави Билјана Петровска-Митревска од Националната федерација на фармери.

Што се однесува до другите бариери при имплементација на ИПАРД програмите од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој посочија дека еден од најголемите предизвици е недостигот од човечки ресурси и задржување на кадарот во Агенцијата, работи под голем притисок и е подложна на 5 ревизии од државата и од ЕУ. Тие посочија дека задржување на кадрите во Агенцијата треба да биде во фокусот на Владата, бидејќи во моментов недостигаат 28 луѓе, кои имаат стекнато богато искуство со имплементација на претходните две ИПАРД програми.