Скокни до главната содржина
Usaid Slovakaid Sfpa Evropsko dvizenje

Десетта сесија на Работна група 3, Правосудство и основни права (Поглавје 23) на тема: „Актуелните предизвици во македонското правосудство низ перспективата на препораките на НКЕУ-МК“

ДОВЕРБАТА ВО ПРАВОСУДСТВОТО ЌЕ СЕ ВРАТИ КОГА ЗАКОНОТ ЌЕ СЕ ПРИМЕНУВА НЕСЕЛЕКТИВНО

Дали се подобрија капацитетите во правосудството од аспект на кадровскиот потенцијал и дилемите околу регрутирањето на судските и обвинителските кадри?

Дали се направи квалитативен исчекор во методологијата на оценување на квалитетот на работата на судиите и јавните обвинители во согласност со сложеноста на предметите?

Дали Законот за управување со движењето на предметите во судовите и дигитализацијата во правосудството ќе ги реши проблемите на долгото траење на постапките?

Ова се трите прашања на кои денеска во Клубот на пратениците во рамките на десеттата сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија на тема „Актуелните предизвици во македонското правосудство низ перспективата на препораките на Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија“, во организација на Европското движење, дебатираа македонски и словачки експерти, универзитетски професори, претставници на Врховниот суд, Основниот кривичен суд, Јавното обвинителство, Судскиот совет, адвокати и други претставници на граѓанскиот сектор.

Дијалогот го отвори националната координаторка и претседателка на Европското движење, Милева Ѓуровска, која посочи дека во претходните 9 сесии во рамките на Работната група 3 за правосудство и основни права на Националната конвенција за Европската Унија за Поглавјето 23, беа дебатирани и усвоени повеќе од 100 препораки што опфаќаат витални сегменти од реформите на правосудниот систем.

„За 4 години, од кога почна работата на Националната конвенција, не само што научивме како треба да се води структуриран дијалог, туку и успеавме да ја зголемиме видливоста на потребата од подобрување на правосудниот систем во нашата држава и висок степен на експертиза, која преку експертските анализи помага да се имплементираат европските стандарди и конечно да се постигне поголема функционалност“, рече Ѓуровска.

Дека преку овие дебати на Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија се подготвуваат сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ потврди и шефот на словачката Асоцијација за надворешна политика од Братислава, Томаш Стражај.

„Досегашните вкупно 43 дебати на Националната конвенција, низ кои продефилираа над 1.000 експерти се доказ дека оваа платформа е успешен инструмент во евроинтегративниот процес, за

кој Словачка се залага што побрзо да влезе во фаза на преговори. Македонските и словачките експерти треба да продолжат да работат на заедничката стабилност и перспектива на Европа, без оглед дали станува збор за членки на Унијата или земји кандидатки“, изјави Стражај.

Што се однесува до перцепцијата за правосудството на дебатата беше речено дека е ниска довербата и дека тоа треба да биде поттик за подобрување на состојбите на тој план.

„Не е проблемот само во квалитетот на законите, туку напротив и во начинот на кој тие се имплементираат. И најлошиот закон може да биде добар закон, ако се применува неселективно. Во таа насока во Министерството за правда работиме на создавање на оптимални услови за правосудство да стане ефективно и ефикасно“, изјави министерот за правда, Никола Тупанчевски.

Тој додаде дека правосудството ќе се подобри во оној момент кога ќе докажеме како држава дека навистина за тешки кривични дела без оглед од која сфера се, дали се работи за кривично дело – економскиот криминал, компјутерскиот итн., ќе има пресуди кои ќе бидат пропорционални на правото. Во таа насока тој ги охрабри судовите, обвинителствата и сите други институции што „правораздаваат“ да бидат на нивото на задачата.

Во врска со новата методологија за оценување на судиите министерот Тупанчевски верува дека ќе даде резултат и на тој план ќе се подобрат драстично состојбите.

„Европските стандарди во однос на бројот на судии се јасни – на 100 илјади жители би требало да има 21,5 судии, а во нашата држава според тој стандард имаме повеќе судии отколку што ни треба. Меѓутоа, факт е дека треба да се направи оптимизација и рационализација на судството, затоа што најголемото оптоварување на судовите е токму во Скопје како најголем град со најголем број жители“, рече Тупанчевски.

Нови решенија беа најавени и Законот за помилување, со кои претседателот на државата нема да може да помилува лица пред за нив да има судски процес, односно ќе може да помилува само по правосилност на пресуда. Новиот закон, како што рече министерот, има прецизирани рокови и надлежности на институциите, а и во него клучниот збор ќе го има претседателот.

За можноста за ветинг во правосудството, пак, тој посочи дека компаративното искуство во соседна Албанија покажа дека тоа не е најдобар рецепт или алгоритам за решавање на состојбите.