Скокни до главната содржина

Прва сесија на Работна група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23) – “Независно и непристрасно судство: системски и морални дилеми“

РАБОТНА СЕСИЈА НА ТЕМА „НЕЗАВИСНО И НЕПРИСТРАСНО СУДСТВО“

 

Првата работна сесија на Работната група (РГ) 3 – Правосудство и основни права на Националната конвенција за Европската унија во Република Македонија НКЕУ-МК, која ја реализира Европското движење во Република Македонија ЕДРМ и е поддржана од УСАИД, како и од Асоцијацијата за надворешна политика на Словачка СФПА,  се одржа на 1 март 2018 година во свечената сала Борис Трајковски во Собранието на Република Македонија. На работната сесија на тема “Независно и непристрасно судство: системски и морални дилеми” зедоа учество преку 120 високи државни службеници, експерти од областа на судството (судии, јавни обвинители, членови на професионални здруженија од овој домен, академски кадар, претставници на граѓански здруженија и други истакнати членови на општеството. Учесниците ги поздрави претседателот на Собранието на Република Македонија, г-динот Талат Џафери, професорката Милева Ѓуровска, претседателка на ЕДРМ и Националнен координатор на Конвенцијата, како и Александар Дулеба, директор на СФПА.

Во свечениот дел на оваа сесија на РГ3, најпрвин учесниците ги поздрави претседателот на Собранието на РМ, Талат Џафери, кој искажа почит и поддршка кон Европското движење во Република Македонија, кои се носители на овој проект во Македонија и истакна дека ова е прва работна сесија со која ќе се започне мобилизацијата на стручната јавност за дијалог на важни теми од општествениот живот.

Професорката Ѓуровска потсети дека Националната конвенција претставува отворена платформа за дијалог на значајните актери на нашето општество за едвоинтеграциските процеси и им упати покана да бидат дел од овој процес.Идејата таа да се имплементира во РМ потекна од ЕДРМ, следејќи ги искуствата на другите земји кои ја имплементираа Националната Конвенција. Таа зборуваше за важноста на поглавјето 23 бидејќи владеењето на правото ќе биде база за имплементација на сите други поглавја од преговорите.

ДЕФИНИРАЊЕ НА ВАЖНИТЕ ПРАШАЊА ЗА ПРАВОСУДНИОТ СИСТЕМ

Пренесувајќи ги искуствата на својата земја на патот кон ЕУ, директорот на Асоцијацијата за надворешна политика на Словачка, Александар Дулеба посочи дека договорот за европското членство треба да биде национален договор и тој процес треба да биде отворен за сите граѓани, за сите невладини организации и за сите засегнати страни. Toj објасни дека структурата на Националната конвенција е таква каква што е бидејќи и самата структурата на ЕУ е комплексна и за да можат граѓаните подобро да ги разберат сите тие работи, што се е ЕУ- што е важно за фармерите, што е важно за бизнисмените, наставниците и тн. Ќе има резултати, истакна Дулеба само ако власта има партнерство со граѓаните и граѓанскиот сектор.

Во работниот дел од конференцијата, според методологијата на НКЕУ-МК најпрво беа изложени анализите на експертите на РГ-3 поврзани со основната тема на дебатата. Имено, д-р Мирјана Лазарова Трајковска, поранешен судија во Судот за човекови права во Стразбур, зборуваше за темата: Практиката на Европскиот суд за човекови права во однос на судските случаи на  Република Македонија Мирјана Лазарова Трајковска во своето излагање кажа дека патот кој води кон Брисел во однос на владеењето на правото оди преку Стразбур. Мора да се работи на праксата на Европскиот суд за човекови права, затоа што не постои предмет и аспект со којшто се соочуваат националните судови што не поминал низ предворјето на Европскиот суд за човекови права. Независноста и непристрасноста на судството како предуслови за владеење на правото ќе бидат првата лекција во поглавјето 23“. Во контекст на тоа додаде дека токму Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан од 2018 до 2025 година почнува со владеењето на правото.

СТРУЧНА И КВАЛИТЕТНА ДЕБАТА

Александар Јованоски од Институтот за европски политики од Скопје во своето излагање наведе дека тие предлагаат измени на два клучни закони од областа на правосудството- Законот за судови и Законот за Републичкиот судски совет, во деловите кои се однесуваат на дисциплинската одговорност и воведувањето квалитативни оценки на судиите во склад со измените што ги предлага и Владата, но со барање за нивно допрецизирање. Според него, националните конвенции во останатите земји каде тој модел бил применет биле активно вклучени во изработка на акциските планови за реформите во областа која ја покрива поглавјето 23, а невладиниот сектор бил активно вклучен во активностите и државните институции биле во постојан контакт со нив.

По нивните излагања следеше богата дискусија, која ја модерираа Мухамед Халили (ЕДРМ) и Фросина Тасева (Министерство за правда на РМ) во својство на копретседавачи на РГ- 3 и во тек на која беа отворени повеќе прашања од доменот на функционирањето на судовите, изборот и напредувањето на судиите, критериумите за избор за членови на Републичкиот судски совет и други прашања кои ги допираат реформите во правосудниот систем, најавени од страна на новата Влада. За сите овие дилеми зборуваа претставници на судската и академската фела, како и претставници на Министерството за правда и на стручните асоцијации. Беше одлучено да се оформи потесно работно тело кое прецизно би ги формулирало препораките што произлегуваат од дебатата на оваа прва сесија на Работната група 3- Правосудство и основни права, со цел нивно имплементирање во идните законски решенија кои се однесуваат на судскиот систем.