Национална конвенција за Европската унија во Република Македонија
ПРЕПОРАКИ
Од Првата сесија на работната група III – Правосудство и основни права
Тема: „Независно и непристрасно судство: системски и морални дилеми“
Скопје, 01.03. 2018 година
- Потребна е итна реформа на Судскиот совет со која ќе се овозможи јакнење на персоналните и функционалните капацитети преку транспарентно, отчетно и одговорно работење. За таа цел треба да се пропише постапка за избор на членови на Судскиот совет со квалификувано мнозинство од вкупниот број на судии, како и можност за обжалување на постапката. Исто така, неопходна е индивидуална и колективна одговорност на членовите на Судскиот совет пред телото кое ги избира. Поради недоволната јасност на основните критериум за избор на членовите се препорачува попрецизно да се дефинира што претставува „истакнат правник„.
- За постигнување на поголема транспарентност во назначувањето и унапредувањето на судиите потребно е доследно почитување на објективни, стручни и квалитативни критериуми, без било какви отстапки од политичка или друга природа.
- При разрешувањето или при определувањето на дисциплинските мерки против судиите, треба да се почитуваат стандардите утврдени во судската практика на Европскиот суд за човекови права (ЕСП). Исто така, во примената на материјалното и процесното право треба да се почитуваат судските практики и пресуди на Европскиот суд за човекови права.
- При изборот на кандидати за судии и јавни обвинители во рамките на Академијата за обуки на судии и јавни обвинители се предлага и воведување на скратена и интензивна почетна обука за кандидатите од редовите на: а) стручните соработници во судовите и јавните обвинителства, кои имаат најмалку пет години работно искуство б) од редовите на истакнати адвокати со искуство од над десет години.
- Имајќи предвид дека независноста и непристрасноста на судството е тесно поврзано со користење на адекватните материјални средства и технологии, потребно е преземање на итни мерки за подобрување на материјалните услови за работење на Судовите, како и зголемување на личните доходи на судиите и судската администрација.
- За да ја извршува улогата на мост за поврзување меѓу правосудните институции, граѓанското општество и извршната власт, од Советот за реформи на правосудството се бара да обезбеди транспарентност на дијалогот и јавност на препораките.
- Собранието и неговите тела треба да го зголемат своето учество во процесот на пристапување преку континуирано парламентарно следење на реализација на препораките од Поглавјето 23 и преку интензивирање на практиката на јавни расправи со клучните чинители, вклучувајќи го и невладиниот сектор.
- Граѓанското општество треба да биде редовно известувано и консултирано во спроведувањето на реформата во правосудството. За таа цел се формира Ад хок работно тело со членови предложени на првата сесија на НКЕУ-РМ на РГ III – Правосудство и основни права, која би ја следела и би се вклучила со амандмански предлози во јавната расправа за предлог – законите, како и за Академијата за обука на судии и обвинители.