Четвртата сесија на Работната група 1 на НКЕУ-МК – земјоделство и рурален развој на тема „Семејното земјоделство – одржлив модел за развој на руралните средини„ одржана е во Клубот на пратениците, во Скопје, на 26 февруари 2019 година. Сесијата и овој пат беше проследена со забележително медиумско внимание и учествуво над 50 претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), невладини оргнизации и здруженија, фармери, претприемачи, професори и експерти од земјата и странство.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски отворајќи ја сесијата потенцираше дека Владата презема интензивни мерки за подршка на руралните средини, особено преку програмите за финансиска подршка со која се опфатени и семејните фарми, како важен сегмент на руралниот развој. Програмата за директна подршка во 2018 година се одвивала согласнна со проектот на ЕУ со кој е скениран импактот на субвенциите и за овогодишната програма се добиени точни препораки за тоа што треба да биде променето и прилагодено на заедничката земјоделска политика на ЕУ.
Копретседавачот на РГ 1 Васко Хаџиевски, како претставник на Здружението на агроекономистите на РМ презентираше истражување за социјално-економските услови во кои се одвива семејно земјоделско стопанисување од гледна точка на вклученоста на членовите на семејството, наследувањето на семејниот бизнис, уделот на приходите во семејството од такво стопанисување и потребите за негово продолжено делување. Притоа нагласи дека земјоделските семејства кои живеат на својот посед и заработуваат од плодовите на својата земја и стока се своевидна општествена група која се губи со голема брзина и е се по ретка.
Гостинот експерт Золтан Церге најнапред презентираше некои базични податоци за вкупнат површина на земјоделското земјиште во Словачка – 2,38 мил. хектари, од што 75% е приватна сопственост, а 25% е држава, со просечна големина од 80 хектари и просечна старост на фармерите од 51 година. Домашното производство на храна задоволува 40% на потребите, заради поевтините увозни продукти кои се често со дискутабилен квалитет, како што е случај со млекото. Во моментот нивното земјоделие се наоѓа на историска пресвртница соочено со потребата да се адаптира на променливите услови како на локалното ниво, тако и на барањата во рамките на ЕУ. Со посебни регултиви определени се мерки за подршка на младите фармери (помлади од 40 години, со земјоделско образование, за грантови од 50.000 евра и за нивна реализација во максимум 5 години) и на малите фарми и бизниси (грантови од 15.000 евра за семејни традиционални фарми, со рок на релизација до 5 години).
Претседателката на Националната федерација на фармери Васка Мојсовска зборуваше за потребата за зачувување на домашното земјоделско производство, при што е клучно мотивирање на младите да останат на село и да ја продолжат традицијата. Важна е и улогата на образованието кое овозможува семејно земјоделство да напредува со внесување на нови технологии. Според анализите со кои располагаат 12% од БДП отпаѓа на земјоделството, 180.000семејства егзистираат од оваа дејност, а 45% од населението живее на село. Посебен проблем претставува пласман на земјоделските производи.
Експертот на РГ1 Билјана Петровска Митревска образлагајќи ги предлог Препораките од сесијата нагласи дека појдовна точка им била зачувувањето на малото семејно земјоделско производство како столб на руралната средина. Во подготовките консултирале голем број на институциите и имале предвид препораките на ФАО за актуелната декада на малите земјоделски фарми, како и насоките на ЕУ Регулативата 1305/2013.





