Скокни до главната содржина

Шеста сесија на Работната група 2 – Социјална политика и вработување (Поглавје 19) – “Безбедност и здравје на работниците на работното место: Национални услови и европски перспективи“

На 26.08.2019 во Клубот на пратеници во Скопје, се одржа шестата сесија на Работната група 2 на НКЕУ-МК за Социјална политика и вработување (Поглавје 19) на тема: „Безбедност и здравје на работниците на работното место: Национални услови и европски перспективи“.

На оваа сесија присуствуваа повеќе од 50 претставници од сите засегнати страни, како претставници од Министерството за труд и социјална политика, невладини организации, здруженија, синдикати, професори и експерти од земјата.

Сесијата ја отвори проф. Милева Ѓуровска, која направи кратко резиме на досегашната работа на НКЕУ-МК и Работната група 2. Понатаму, посочи дека во рамките на Европската Унија се посветува големо внимание на темите од поглавјето 19 и дека токму проблемите поврзани со безбедност и здравје на работниците имаат централно значење во преговорите со ЕУ.

Вториот говорник беше Јована Тренчевска, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика. Според неа, оваа тема е исклучително важна и актуелна, како во ЕУ, така и кај нас. Таа ги презентираше наодите од Институтот за јавно здравје за официјално заведените повреди на работно место кај нас. Тренчевска вели: Се соочуваме со промени како што се  стареење на населението, загадување на животната средина, климатски промени, брзиот технолошки развој, кои неминовно водат до промена на самите работните места, а тоа треба да го следи и промена на мерките на безбедност на работниците. Своето излагање го заврши со истакнување на потребата со заеднички напори на сите засегнати страни да се работи за да се подобри регулативата и да се креираат подобри политики за безбедност и здравје на работниците.

Марија Ристовска, го презентираше развојот на легислативата поврзана со заштита на работниците во рамките на Европската Унија. Потоа посочи дека предивикот денес е да се направи обновување на стратешката рамка и тоа поради стареењето на населението и воведување на флексибилни работни места.  На крајот истакна дека не е доволно само ги усвоиме моменталните политики на ЕУ, туку треба да гледаме напред и да направиме чекор нанапред за да ги пресретнеме идните политики на Унијата.

Милан Петковски од МЗЗПР нагласи дека првенствено е потребно да се изгради превентивна култура која би била предуслов за намалување на бројот на повреди. Коментирајќи ја статистиката на Институтот за јавно здравје истакна дека тие податоци не соодветствуваат со реалната состојба и со податоците со кои располагаат во МЗЗПР. Според него, во корист на унапредување на безбедноста на работниците, потребно е искористување на знаењето и на потенцијалот на инжинерите за заштита при работа. Наместо податоците добиени со проценката на ризик да се користат за превентивни цели, за жал, најчесто тие се отвораат само кога ќе дојде инспекција како доказ за формално завршување на обврската. Спред него, оваа практика треба да се промени.

Проф. Светлана Трбојевиќ се согласи дека треба да се обрне поголемо внимание на градење на стратегија за превенција. Таа зборуваше за здравјето како психо-био-социјален конструкт и дека не е доволно да се посвети внимание само на физичкото здравје, туку треба да има грижа за целокупното здравје за што е потребно поголемо вклучување на психолози, социјални работници и социолози. Потребно е и зголемување на свесноста за безбедноста при работа како кај работодавачите, така и кај работниците за сопствената одговорност на работното место.

Тони Војнески истакна дека инспекторите го пратат и спроведуваат законот и се обврзани од истиот. Тој истакна дека тие го даваат својот максимум и се трудат да се на терен што повеќе. Како главни приоритети ги истакна развивањето на административните капацитети и на човечките ресурси преку разни обуки и проекти.

Проф. Сунчица Димитријоска говорејќи за лицата со инвалидност, посочи дека на овие лицата пред се им е потребно вработување. За да се постигне тоа, потребно е нивно се поголемо вклучување во образовниот процес, но треба и приспособување на условите за да се овозможи нивно непречено функционирање во образовните институции. Исто така, истакна дека тренд е лицата со инвалидност да бидат вклучени во отвореното стопанство, а не во заштитни друштва. Овој тренд треба да продолжи, поради тоа што така може да се постигне нивна се поголема интеграција преку вработување во исти компании со лица без инвалидитет.

Ангел Димитров критички зборуваше за законот, за кој вели дека се сведе на обична бирократска процедура која подразбира собирање на обемна документација која пак се користи само во случај кога ќе дојде инспекција. Потребно е да се најде начин како оваа бирократска процедура да се претвори во ефективна работа која ќе даде резултат. Тој истакна дека треба да постои можност стручните лица во компаниите да можат самите да прават проценка на ризик поради тоа што тие најдобро ја познаваат работата и да можат да им држат обуки на вработените, а надворешни консултанти да доаѓаат во случаи на специфични работи. Исто така, посочи дека е потребно одговорноста во случај на повреда да не падне само кај работодаачите, туку и стручните консултанти доколку нешто не е спроведено како што требало.

Ване Коцев зборуваше за значењето на синдикатите. Наведе дека заштитата на работниците е поголем приоритет таму каде што  синдикатите повеќе се занимаваат со оваа тема. За пример го зема Бучим – Радовиш, како фирма каде и тој е вработен. Тој ја истакна позитивната пракса која ја има со менаџментот, со нивен труд и залагање за максимално почитување на прописите за безбедност при работа. Ја објасни и процедурата при евентуална повреда при работа. Сепак ги посочи и негативните примери, каде наспроти работодавачите кои навистина се залагаат за безбедност при работата, постојат многу работодавачи кои тоа го прават само како про-форма и безбедноста на вработените е на незадоволително ниво. Усогласувањето на законите според него е клучно, преку седнување на маса на сите релевантни чинители.

Хилда Мешкова судија на Основниот суд – Скопје 2, беше последниот говорник пред дебатата. Таа истакна дека треба да се дефинираат точните работни задачи на секое работно место. Со тоа би се намалиле несреќите, кои за жал премногу се случуваат, токму поради недоволна пропишаност на работните активности. Судијата Мешкова исто така смета дека ние како социјална држава, мора да останеме на определбата за следење на здравствената состојба на вработените, бидејќи само добар работоспособен работник може да даде производ, односно да работи и да го зголеми профитот на работодавачот. За жал, таа нагласи дека во последно време, чест случај е причината за повредите на работните места да е токму заради непочитување на пропишаните правила од страна на работниците.

Следеше дискусија во која говорниците и учесниците ги споделија своите мислења и ставови во врска со темата. Сесијата заврши со усвојување на препораките.