Скокни до главната содржина

Шеста сесија на Работна група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) – “Ветингот како мерка за остварување на интегритетот на институциите“

На 27.08.2019 година во Клубот на пратениците во Скопје се од шестата сесијата Работна група 4 – Правда, слобода и безбедност – Поглавје 24 од Националната конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) на тема: Ветингот како мерка за остварување на интегритетот на институциите. Во дебатата се вклучија претставници на релевантните институции, претставници на академската јавност, граѓанскиот сектор, меѓународни здруженија и други стручни лица, меѓу кои и експертката Андреа Јалечова од Националните безбедносни власти од Рeпублика Словачка.

Државниот секретар на Министерството за внатрешни работи  Магдалена Нестровска причината за отпочнување со процесот на ветинг во институциите ја пронаоѓа во перцепцијата на граѓаните, кај кои сеуште постои ставот дека институциите не се доволно успешни во борбата против корупцијата. Несторовска нагласи дека треба да се создаде клима на сфаќање дека ветингот се прави за заштита на вработените, а не за предизвикување страв и казнување. Таа изјави дека ветингот претставува тежок и сензитивен процес, поради што неопходно е обезбедување на меѓународна поддршка и поддршка од граѓанскиот сектор, се со цел постигнување на процес ослободен од стегите на политиката. Во однос на ветингот во МВР, таа најави дека очекува работната група за ветинг при МВР да започне со работа во најбрзо време.

Професорот  на Факултетот за Безбедност во Скопје Трпе Стојановски го започна неговиот говор со прашањето “Ние сакаме ветинг, ама како да дојдеме до посакуваните резултати?“ Тој ја нагласи потребата од внимателно осмислена методологија и подготовки за овој комплексен процес. Предупреди дека не смееме лекомислено да влегуваме во овој сериозен процес. Дилемите за тоа што е ветинг, на каква категорија на вработени треба да се однесува, каква ќе биде легислативата и кој ќе го спроведува ветингот, се едни од прашањата на кои мора да се изнајде одговор.

Експерката од Братислава, Република Словачка г-ѓа Андреа Јалечова од Националните безбедносни власти, несебично ги сподели нејзините искуства за спроведувањето на процесот на ветинг во Република Словачка. Таа изјави дека во Словачка постои една институција која е задолжена за спроведување ветинг во сите институции и детално го опиша процесот. Истакна дека  во Република Словачка ветинг исклучиво може да се спроведе само на оние кои се согласиле да бидат да бидат испитани.

Меѓу другите панелисти беше и поранешниот кандидат за претседател и долгогодишен професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово- Блерим Река, смета дека не е доволно само спроведувањето на ветинг кај полицијата, туку пред се најосновно би требало и правосудството да подлегне на комплементарен процес на ветинг. Доколку ветингот би се извршувал само на вработените во полиција, не би се постигнал посакуваниот ефект во борбата со криминалот.

Александар Нацев, професор на Европскиот универзитет во Скопје не се согласи со идејата дека во процесот на ветинг треба да се вклучат меѓународни партнери и граѓанскиот сектор. „Ветингот треба да се задржи во државните институции“. Ние мораме да градиме институции со интегритет, во кои ќе можеме да веруваме. Тој се согласи со важноста од изготвување на соодветна методологија за тоа како на терен да спроведе ветингот. Нагласи дека мора да бидеме исклучително внимателни за тоа како ќе се спроведува ветингот и да се осигураме дека нема да се користи за освета од било какви побуди или пак да не дојде до повторување на процесот при промена на владата.

По излагањата на експерите, следеше дебата околку препораките од сесијата, по која истите беа усвоени.