Скокни до главната содржина

Трета Пленарна Конференција

Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) на 26.09.2019 година, во Собранието на Репубилка Северна Македонија ја одржа својата Трета пленарна конференција. Конференцијата ја заокруши досегашната двегодишна работа на НКЕУ-МК, преку кој се создаде транспарентен дијалог за прашања поврзани со претпристапните преговори за членство во Европската Унија. Тема на третата пленарна конференција беше борбата со корупцијата.
Со конференцијата претседаваше проф. д-р Милева Ѓуровска, национална координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење, а свои поздравни обраќања упатија Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија; Едвард Кукан, поранешен член на Европскиот парламент; Никола Попоски, претседател на Националниот совет за евроинтеграции; Андреј Жерновски, заменик-министер за надворешни работи; Ерик Јановски, претставник на УСАИД и Томаш Стражај, директор на Словачката асоцијација за надворешна политика.
Осврнувајќи се на досегашната работа на Конвенцијата Ѓуровска истакна дека НКЕУ-МК со својата работа значително придонесува во доближувањето на евроинтегративните процеси преку стратегија за заедничко дејствување на сите чинители во процесот. Конвенцијата работи согласно моделот и искуствата од Словачка, каде што за прв пат е формирана Националната конвенција и е воспоставена како добра практика за влез во ЕУ.
Во првиот циклус, Конвенцијата се фокусира на четири поглавја. Четирите работни групи на Конвенцијата работат во поглавје 11: Земјоделство и рурален развој, поглавје 19: Социјална политика и вработување, поглавје 23: Правосудтсво и основни права, и поглавје 24: Правда, слободи и безбедност. Со одпочнувањето на вториот циклус на Конвенцијата, ќе се отвори и нова работна група која ќе се фокусира на поглавје 27: Животна средина.
Претседателот Пендаровски посочи дека во борбата против криминалот и корупцијата не може да има добри резултати ако нема системско справување и вредносен систем, којшто ќе биде изграден по европски критериуми, за што е потребна јасно изразена волја на сите политички чинители во државата. Корупцијата е проблем со кој се соочуваат речиси сите држави и тој честопати бара и заеднички одговор. Ниту земјите коишто во својот развој достигнале највисок степен на демократија, не се имуни на случаи на тешка корупција. Тој ја охрабри работата на Антикорупциската комисија во борбата против сите случаи на корупција и судир на интереси, која дава надеж дека состојбата се менува на подобро, а нивната работа треба да ја следи и понатаму продолжува и ефектуира добро подготвено јавно обвинителство и независно судство.
Кукан истакна дека за само три недели Советот на ЕУ ќе ја усвои одлуката за добивање на датум за преговори, со мисла за позитивни вести од Брисел. Тој посочи дека напорна работа во евроинтеграцискиот процес допрва следи, и дека Конвенцијата е одлично поставена да помогне во овој процес.
Од своја страна, Попоски изрази уверување дека ќе дојде до промени, но ако не изградиме имиџ на европска земја, ќе си го одложиме влезот во ЕУ.
Заменик-министерот Жерновски испрати порака дека земјата е силна и подготвена да отпочне темелна анализа на процесот кон пристапување во ЕУ.
Јановски посочи дека УСАИД се обединети во визијата за целосна интеграција на земјата во ЕУ, воедно упати благодарност до работните групи на Конвенцијата кои работат на препораките и повика на нивна имплементација и премин во акциски планови и реални резултати.
Градење на капацитетите на локалниот партнер е целта на Словачката асоцијација за надворешна политика, како и споделување на словачките искуства во полето на корупцијата, истакна директорот Стражај. Тој напомена дека поддржката од Словачка ќе продолжи и понатаму, но особено важно е што во новиот втор циклус на Конвенцијата, Европско движење ќе премине во главен носител на проектот, додека Словачката асоцијациа за надворешна политика ќе биде парнтер.
Во вториот дел од конференцијата, учесниците дебатираа на Панел-дискусијата на тема: Како против корупцијата?, со која модерираше Александра Деаноска-Трендафилова, каде споделија свои искуства од досегашната практиката и идни видувања во поглед на следниве теми: „Практиката на Европскиот суд за човекови права за конфискацијата на бесправно стекнатниот имот“, „Како да се бориме против корупцијата? – искуствата на Велика Британија“, „Конфискацијата во практиките на борбата со корупцијата во Република Северна Македонија“, „Регионалната иницијатива за борба против корупцијата (РАИ) „Улогата на РАИ во борбата против корупцијата“,  „Зајакнување на антикорупцијата во Југоисточна Европа преку подобрување на мерките за заплена на средства“ и „Искуствата на спречување на корупцијата во Република Северна Македонија“.
Во дискусиите беше истакнато дека организираниот криминал цвета, а криминалните групи поврзани со корупцијата се едни од најотпорните. Измамата, митото, злоупотребата на пазарот, перењето и трансферот на пари, нелегално стекнатите средства, се глобални проблеми. Корупцијата го разјадува секое општество и токму затоа е неопходно развивање нова стратегија, постоење на закони, но и најважно имплементација на истите во борбата против корупцијата на меѓународен план.
Финалната сесија, на која модератор беше професорот Блерим Река, беше посветена на работните обврски кои укажуваат на големото значење на Националната конвенција за ЕУ, како заокружување на првиот циклус.
Пратеничката Шпреса Хадри, оценувајќи го денешниот собир како одличен форум за отворен разговор за прашања од заеднички интерес, се осврна на значењето од добивањето датум за почеток на преговори за членство во ЕУ  и приоритетноста на борбата со корупцијата, како еден од предизвиците на евроинтегративниот пат. Во продолжение, од страна на дискутантите следеа корисни совети и примери од директни искуства во насока на евроинтеграцијата, за тоа што нѐ очекува, до каде сме, кои се главните предизвици и што да очекуваме наскоро. Во овој контекст, фокусот вечерва е на Бундестагот, кој одлучува дали земјава ќе добие „зелено светло“ за почеток на преговори.
На крајот беше истакнато дека Националната конвенција за ЕУ е единствената граѓанска платформа која дејствува во четири поглавја од преговарачкиот процес. За приближување до јавноста за сѐ она што е изработено, сите дискусии, заклучоци, препораки во Конвенцијата, е изработена една публикација: „Книга на препораки на НКЕУ-МК“. Во неа се даваат експертски анализи какви се состојбите во поглавјата на кои се работело и на што треба да се обрне внимание во разгледувањата на овие поглавја.