Скокни до главната содржина

Седма сесија на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23) – „Дефектите во судството мора да имаат име и презиме!“

Премалку беше времето од три часа предвидени за дебатирање на денешната сесија на НКЕУ-МК на тема „Реформските идеи за „прочистување“ на правосудството низ призма на постојните механизми“ во рамки на Првата сесија од вториот циклус на Работната група 3 (Правосудство и основни права – Поглавје 23) на која преку платформата на ЗУМ, учествуваа над 50 македонски и словачки експерти.

„Имаме доволно механизми и преку нив сметаме дека може да се обезбеди независен правосуден систем. Не ни е целта да формираме нови тела и да носиме нови закони за прочистување, туку да ги примениме постојните, истакна денес Бојан Маричиќ, министерот за правда на Република Северна Македонија. Тој потсети дека целта на Владата е да се фокусира на реформите што треба да ги зајакнат капацитетите на правосудството и додаде дека според новата Методологија на Европската комисија „со кластерот Фундаменти се отвора и се затвора процесот“.

„Министерството за правда има став дека реформите треба да се прават со помош на ЕУ, но и со нашите активни чинители. Наша цел е да не останеме само на добри закони, туку нивно целосно спроведување. Тоа треба да биде наша заедничка цел. Ги имаме сите предуслови да ја направиме таа разлика“, рече Маричиќ. Тој информираше дека моделот за проверка на работата на судиите во моментов се разработува и со него треба да се оценуваат процесните дејствија на судиите и јавните обвинители.

Професор Д-р Милева Ѓуровска, национална координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европско движење ЕМ-МК подвлече дека едно од најзначајните области, со кое започнуваат и завршуваат преговорите е кластерот Фундаменти во кои спаѓаат поглавјата 23 и 24.

„Од успешноста на овој кластер ќе зависи успешноста и на другите кластери. Како важно прашање, односно целосен легитимитет, има прашањето со консолидацијата на правосудниот систем“, рече Ѓуровска.

Професорот од УКИМ, Никола Тупанчевски се согласи дека со постојната законска регулатива можат да се спроведат најавените судски реформи, пред сè за „прочистувањето“ или ветингот и потсети на новите усвоени закони како што се Закон за јавно обвинителство, кој стапи во сила во јуни 2020, а претходно и Законот за судски совет, како и Антикорупсцискиот закон донесен 2019.

„Еден пакет како основа или база за реформите е овој. Во Законот за ЈО во завршните одредби е назначено дека за тој да профункционира треба да се донесат подзаконски акти во рок од 60 дена. До сега актите не се донесени, а старите веќе не важат“, рече Тупанчевски. Тој во своето обраќање го проблематизираше и институтот „застареност“ односно затворањето на нерешените судски предмети.

„За институтот застареност станува збор за комплексна проблематика. Како ќе докажеме кој е виновен за застареноста на делото? Од основен до Врховен суд имаме 20 субјекти. Тука се тестира моралното начело и се поставува прашањето – зошто до 5 години? Како е можно на еден обвинител за 10 години да му застарат 300 предмети? Грешката, дефектот, аномалијата мора да има име и презиме“, рече Тупанчевски.

На тоа судијката Оља Ристова реплицираше со ставот дека судиите често доаѓаат во ситуација да се менуваат од еден во друг оддел и да добијат веќе застарени предмети не по нивна вина.

Софија Пејовска Дојчиновска, заменик-претседател на Државната комисија за спречување корупција рече дека, сепак, не се доволни сите закони што ги имаме.

„За да видиме дали некој носител на јавна функција го стекнал својот имот легално, не се доволни постојните инструменти. Ние до сега сме се увериле дека имотот вешто се прикрива. Доколку државата не најде механизам со порадикални чекори, во смисла на ново законско решение за испитување на сите граѓани во државата, ние ќе се бавиме само со функционерите, а таквиот нов закон ќе ни даде дополнителни алатки“, рече Пејовска Дојчиновска.

Маргарита Цаца Николовска, пак, повика да се сврти вниманието и кон граѓанските предмети за да се види како функционира судството, а не само да се зборува за кривични предмети.

Словачкиот експерт Павол Зилинчик го подели словачкото искуство со „прочистување“ на правосудството, тврдејќи дека стекнувањето доверба во судството е клучно во процесот на реформи, а го даде и примерот со Холандија, каде врвни психолози ги тестираат идните судии колку можат да одолеат на притисоци, додека неговиот словачки колега Томаш Страѓај, побара поголема транспарентност во реформите на судството.

На конференцијата беа разгледани и препораки, што ќе бидат дополнително објавени, врз основа на мислењето на домашните експерти, но и експертите од Словачка, кои се базирани врз искуствата на неколку успешни модели во Европската Унија.