Дали се потребни реформи во изборниот систем е прашањето околу кое денеска дебатираа македонски и словачки експерти на четвртата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) во правец на нашите заложби да бидеме дел од иднината на Европа.
Целта беше преку оваа дебата да донесат препораки преку кои ќе се приближиме граѓаните до политичкиот систем, но и политичкиот систем до граѓаните, од каде тој го црпи својот легитимитет.
„Националната конвенција од првата пленарна сесија до денес со одржаните 34 сесии на 5 работни групи со 2000 учесници и над 250 усвоени препораки го одра и прошири дијалогот за достигнување на европските стандарди“, изјави координаторката на НКЕУ-МК и претседателка на ЕМ-МК, проф. д-р Милева Ѓуровска.
Според неа, за успехот на Конвенцијата многу придонесоа словачките експерти со своите искуства на нивниот пат кон членство во ЕУ, но и како рамноправна членка веќе 16 години. Во тој контекст словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш посочи дека Северна Македонија може да служи како еден од најдобрите примери за справување во добрососедските односи кога го реши отвореното прашање за името, но не беше доволно наградена за тоа.
„Правењето на Европа на едно подобро место, особено во вашето справување со добрососедските односи, беше придонес без преседан особено со промената на името на вашата земја, но тоа не беше наградено со најлогичниот резултат – почнување на вистинските преговори за членство. Сепак, оваа конференција отвора нова можност за тоа како ја гледаме нашата иднина и каков живот сакаме да создадеме за нас и за нашите нови поколенија“, рече амбасадорот Маркуш.
Директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика, Томаш Стражај, пак, истакна дека бројните препораки што произлегоа од Националната конвенција им помага на македонските власти што е многу важно за градење на меѓуресорските политики.
Ова, како што истакна пратеничката и професорка на Правниот факултет „Јустинијан први“, Гордана Силјановска – Давкова, се однесува и на денешната тема за потребата од реформи во изборниот систем, која „мора да помине низ филтер на невладиниот сектор и да се организираат дебати како оваа што ја организира Европското движење“.
Според Силјановска, во процесот на реформа на изборниот систем потребно е да се запазат два принципи – репрезентативност, но и стабилност.
„Репрезентативноста се зголемува кога целата држава е една изборна единица, ама ние мора да тргнеме од реалноста. Не можеме да имплементираме еден модел со добра практика без да ја имаме предвид специфичноста во нашиот систем. Изборниот систем е премногу важен во изборниот процес за да дозволиме да се посега по него само од партиски и политички причини. Мора да има консензус и широк дијалог за реформи на изборниот систем“, изјави Силјановска, потсетувајќи мдека дури и во Британија на референдум се гласаше дали да се смени изборниот систем.
Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ од Скопје, Рената Дескоска, исто така ја истакна актуелноста на темата, која како што рече е значајна заради неусогласеноста со меѓународните стандарди, но и поради фактот што во извештаите за нашата држава постојано се провлекуваат истите препораки.
„Политичките како да го киднапираа изборниот процес, а граѓаните останаа пасивни. Ова мора да се смени и тие да станат чувари на изборниот процес“, рече таа, додавајќи дека ОБСЕ препорачува и на граѓаните да им се даде право на приговор при повреда на изборниот процес.
Дескоска се заложи за отворени листи по италијанскиот модел барем како пилот проект на претстојните локални избори, имајќи предвид што по локалните избори ќе имаме три години период без избори, што ќе биде добра можност тој да стане процес на анализа на изборниот процес и да се добијат изборни модели по европски стандарди. Професорката Дескоска се заложи и за промена на процесот на избор на членовите на ДИК, кој ќе треба да биде транспарентен и да влева доверба кај граѓаните, а не само кај политичките партии, како и за промена начинот на финансирање на изборните кампањи, особено во делот на негова контрола.
Кеара Касталдо, советник за избори од Канцеларијата за демократски институции и човекови права во ОБСЕ се осврна на објавувањето на резултатите и на важните аспекти што ОДИХР ги разгледува образованието и јавната свест, граѓаните треба да знаат дека и најмалите промени во изборниот процес може да доведе до драматични промени во бројот на членовите на парламентот.
Нејзиниот колега Раул Муресан, проектен координатор од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ за поддршка на изборите во Западен Балкан, заклучи дека за оваа тема за измена на изборниот систем треба да се изработи пред сé некаква формална рамка. Секоја промена на системот треба да се одвива во еден соодветен транспарентен процес и да одлучуваат и специјалисти, а не само политичари.
Професорот на Филозофскиот факултет УКИМ од Скопје, Ило Трајковски, посочи дека е многу важно изборниот систем да биде стабилен за да не дојде до нови изборни кризи и уште поголем пад на довербата во главните општествени институции.
„Промените на изборниот систем не е техничко прашање, туку креирање политика, а за таа цел особено е битно вклучување на широката јавност“, рече Трајковски.
Во дебатата се вклучи и професорот на Факултетот за социологија при УКИМ, Константин Миноски, кој рече дека не може да се очекува стабилен изборен систем без стабилен политички систем и стабилни институции, бидејќи е фалт дека во моментов „функционираме како неформална бинационална држава“, а Парламентот е сведен на „гласачка машина“. За него не е толку голем проблем каков е законот, туку како се спроведува тој.




















