ВРАБОТУВАЊЕТО НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ Е НАЈЕФИКАСНО ВКЛУЧУВАЊЕ ВО ОПШТЕСТВОТО
Треба да создаваме атмосфера на еднаквост, наспроти културата на обесхрабрување
Колку лицата со попреченост се вработени, кои се европските стандарди и практики за поголема ефикасност во економската инклузија на овие лица и што треба да се промени за приближување кон европските норми? Каков е пристапот на работодавачите во процесот на економска инклузија на лицата со попреченост?
Ова се дел од прашањата на денешната онлајн 10 сесија на Работната група 2 – Социјална политика и вработување (Поглавје 19), која дејствува во рамките на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) на тема „Предизвиците во вклучувањето на лицата со попреченост на пазарот на трудот: европски практики и национални можности“.
Дека со вработување лицата со попреченост можат најефикасно да се вклучат во општеството се согласија речиси сите учесници во дебатата, меѓу кои министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, пратеничката Маја Морачанин, националната координаторка на НКЕУ-МК и професорка на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Милева Ѓуровска, голем број македонски и словачки експерти, универзитетски професори, претставници на Организацијата на работодавачи на Македонија и на Агенцијата за вработување како и бројни претставници на граѓанскиот сектор.
„Вработувањето е најважната алатка во инклузијата на лицата со попрченост“, изјави националната координаторка на НКЕУ-МК Ѓуровска, додавајќи дека ова е многу важно прашање во социјалната сфера поради самиот факт што речиси 15 отсто од светската популација се лица со попреченост, но дека нема релевантни податоци за тоа колку од нив се вработени.
Министерката Тренчевска, пак, најави реформа на системот за вработување на лицата со попреченост со воведување нов модел за подобрување на нивната инклузивност на пазарот на труд и подигање на нивната благосостојба и тие наместо да бидат дел од системот на социјално згрижени лица и самите ќе можат да заработуваат и да придонесат за благосостојба на своите семејства.
„Новиот модел ќе се имплементира етапно, чекор по чекор преку зајакнување на капацитетите на агенцијата за вработување, преку постепено воведување систем на квота за работодавачите и други мерки што ќе ги содржи новиот закон. Овој процес Министерството ќе го прави на транспарентен и инклузивен начин и предлогот на законот ќе оди на широки јавни расправи“, изјави Тренчевска, која вети дека заклучоците од оваа дебата ќе станат составен дел на идните политики.
И професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ од Скопје, Лазар Јовевски посочи дека е многу важно вработувањето на лицата со попреченост, бидејќи според податоците на Обединетите нации бројките варираат од 700 милиони до една милијарда лица со попреченост, што е речиси една седмина на светската популација, особено ако се има предвид дека постои и голем број од нив кои не се евидентирани.
„Преку трудот лицата со попреченост добиваат најефикасна вклученост во општеството, односно добиваат најсеопфатна инклузија“, рече Јовевски.
Ова според него најдобро може да се постигне низ три чекори – прво реформа на нова подобрена законска регулатива, второ подобрување на субсидијарни права и создавање атмосфера на еднаквост, наспроти културата на обесхрабрување и трето контрола и надзор за негово спроведување. Сепак, како што рече Јовевски, меѓународните законски одредби имаат проблеми во практичната примена и затоа тие мора да се адаптираат на нашите услови. Во идните законски решенија, вели тој, треба да се внесат европските стандарди, како на пример Директивата 89/654 која се однесува за прилагодување на работното место и која сé уште не е имплементирана во нашето законодавство.
Директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА) од Братислава, Томаш Стражај, рече дека ваквите дебати им го нудат вниманието што го заслужуваат припадниците на најранливите групи, што го потврди и менаџерката за корпоративна општествена одговорност „Професија“ од Братислава, Ана Подлесна, со 20 годишното искуство во вклучувањето на лицата со попреченост на пазарот на трудот.
„Имаме сериозен процент на наши граѓани кои се опфатени со оваа категорија и тоа со голем диверзитет на овие лица, па затоа е многу е важно да се користат соодветни дефиниции за каква попреченост станува збор“, рече таа, потенцирајќи дека околу 155.000 лица со попреченост се вработени во Словачка, а околу 6 отсто од работодавачите на вакви лица добиваат субвенции од државата.
Директорката на Здружението на граѓани „Центар за истражување и креирање политики“ од Скопје, Марија Ристеска, зборуваше за интерсекцијата меѓу родот и попреченоста.
„Мојата забелешка се однесува на тоа што не се води статистика за полот на лицата со попреченост. Политиките не се родово одговорни и не ги препознаваат различните потреби на жените со попреченост во целокупното општествено живеење. Потребно е да се создадат дата-бази за да можеме да влијаеме на политиките за инклузија на жените со попреченост, но и да се работи на подигањето на свеста за потребата од нивно вклучување на пазарот на трудот и можност за нивен кариерен развој“, рече таа.
Елена Кочоска од Здружението на лица со хендикеп „Полио плус“ се заложи за препознавање, промоција и заштита на лицата со хендикеп и рече дека акцент треба да се стави на родовата рамноправност и на правата на децата со хендикеп што произлегуваат од меѓународната Конвенција за правата на лицата со хендикеп. Според неа застапеноста на овие лица на пазарот на трудот е недоволна и тој јаз треба да се премости почнувајќи од градинка, но пред тоа треба да се отстранат и физичките бариери.
Габриела Маџоска од Министерството за труд и социјална политика рече дека преку демократски форуми каква што е оваа јавна дебата може да се дојде до најдобрите практики, а тоа како што рече „не само што ќе придонесе за остварување на правото на заработувачка на лицата со попреченост, туку и за напредок на целото општество“.
За Наташа Станојковска, професорка на Институтот за специјална едукација, на Филозофскиот факултет при УКИМ од Скопје клучно е прифаќањето на лицата со попреченост. Таа предложи да се размисли и за обучувачи на наставниот кадар кој ќе работи со децата со попреченост заедно со учениците со типичен развој.
Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, рече дека треба да се види дали е спроведлива законската регулатива, а Роберта Митревска од Здружението на граѓани „Ластовица“ ги наброја низата проблеми со кои се соочуваат овие лица на пазарот на трудот.
Наспроти тоа Билјана Талевска од Заедницата на заштитни друштва посочи дека треба да се внимава да не се уништат заштитните друштва затоа што веќе 50 години се најголемиот работодавач на инвалидните лица. Според неа овој систем што веќе успешно функционира треба само да се надгради.
На денешната дебата во сесијата на НКЕУ-МК беа донесени низа применливи препораки кои се очекува значително да придонесат во насочувањето на промените во националниот контекст за постигнување поголема ефикасност на новата легислатива, како и јавните политики и мерки за економско вклучување на лицата со попреченост.