Скокни до главната содржина
Delegation of EU to MK
Evropsko dvizenje
Sfpa

Вовед во проектот – состанок на трите работни групи од Кластер 1

На 15 март, се одржа воведната конференција (kick off meeting) на НКЕУ-МК со поглавјата од Кластер 1 – Основи каде учествува Работна група 3 која работи во Правосудство и основни права (поглавје 23), Работна група 4: Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24), и новата Работна група 6 (Антикорупција), која ќе ги обработува поглавјата 5 (Јавни набавки), 18 (Статистика) и 32 (Финансиска контрола).  На денешната конференција се планираше начинот на функционирање на новата работна група, кластерската методологија изразена преку кластер 1, и идните сесии што ќе ги одржи конвенцијата.

Националниот координатор Проф. Милева Ѓуровска го отвори работниот состанок со поздрав до присутните, и со потсетување дека Конвенцијата е позната по структуриран дијалог инициран од граѓанското општество со претставници од повеќе страни, заедно со претставници од институциите, граѓанскиот сектор, академијата и сите засегнати страни.

Состанокот започна со објаснување за достигнувањата на Европското движење, со посебен осврт на словачките искуства кои ја поддржаа конвенцијата и начинот на кој што еден дијалог треба да се спроведува во однос на евроинтеграциските процеси. Проф. Ѓуровска даде вовед за денешниот настан, објаснувајќи дека на денешната средба се поканети членовите на работните групи кои се дел од Кластер 1.

Се истакна дека НКЕУ до јули ќе работи само во кластер 1 со постоечките работни групи 3, 4 и новата работна група 6, како што би се ставило фокус на Кластер 1: Темели, но и истакна дека во оваа фаза проектот е за прв пат подржан од страна на Делегацијата на Европската унија.

Исклучително е важно да се има предвид дека новите три поглавја кој се дел од РГ-6, самите по себе се комплексни процеси кои ќе треба да овозможат модел за решавање на проблеми и во другите кластери. Ако веќе зборуваме за креирање на форми и политики во Кластер 1, индирекно зборуваме и за влијанието на кластерот на останатите области и кластери. Сите поглавја се поврзани со кластерот еден и тој е базата за остварување на другите.

Поглавјето статистика е од исклучителна важност, бидејќи статистичките индикатори се основа на креирањето на било која политика во целиот процес на пристапните проговори. Токму затоа, треба да покажеме дека податоците со кои располагаат институциите се точни и употребливи.

Христина Конеска – Бероска од Секретаријатот за Европски прашања, нагласи дека Кластер 1 – Темели е единствениот кластер во кој ќе имаме временски одредници. Ова ќе е индикатор за колку време ќе можат да се отворат и затворат другите кластери. Европската комисија може да ни даде препорака за затворањето на кластерите, и овој кластер ќе влијае на целата динамика на пристапните преговори. Не може да се затвори едно поглавје од кластерот, туку тој се затвора целосно.

Од работната група 3 фокусот се стави на тоа дека поглавјата не треба да се разгледуваат и дискутираат само преку допирните точки кои ги има со другите поглавја од кластерот 1, туку и самите по себе. Не може да се очекува борба против криминал и судска заштита ако имаме празни обвинителства или само еден обвинител без стручен соработник и се што имаме од средства да е само на хартија, да нема финансиски истражувања. Ако правосудството е врв на заштитата, на тој врв треба да му се посвети соодветно внимание.

Експертите од РГ-3 нагласија дека не постои совршен модел на избор во правосудството, туку повеќе внимание треба да се посвети на интегритетот на тие кои ги бираат правосудните инстанци. Се дискутираше и за потребата за ветинг, каде се даде примерот од Албанија, каде и по 9 години процесот сеуште не е затворен. Според проф. Тупанчески, во системот и денес постојат можности за еден вид ветинг, каде би се воочувале неправилностите.

Работната група 4 се фокусираше на хибридните напади, од каде произлегоа неколку теми на кои може да се разговара. Проф. Митревска, координатор на РГ-4 нагласи дека во врвот на хибридните напади, имавме 120 дојави за бомби во еден ден, нешто што е наменето за дестабилизација на државата. Покрај темата за хибридните напади, се зборуваше и за миграциите и барањата за азилот, нешто на што мора поинтензивно да се работи.

Како претставник од работната група 6 се вклучи Виктор Митевски, координаторот на новата работна група, и објасни дека целта е заштитата на финансиските интереси на државата, со посебен фокус на законот за буџети кој што бара од системот посветеност во подобрувањето на условите во јавните финансии, но уште поважен сегмент од кластер 1 е јавната админстрација, зборувајќи за создавање на систем, со што се би било полесно доколку постои систем за да воопшто не се прашуваме што ќе се случува туку сето тоа оди системски. Тој нагласи дека ЕУ не бара само правна рамка туку и институционален капацитет на законите. Треба да се зборува и за дигитализацијата затоа што во скоро сите поглавја се потврдува дека е воспоставен дигитален систем или дека треба да се воспостави, а голем дел од база на податоци во ДЗС не се усогласени и би требало да се работи на тоа во најскоро време.

Во рамките на состанокот се водеше и дискусија за темите што ги отворија координаторите на трите работни групи, кои ќе ги постават темелите на идните сесии. Во дискусијата учествуваа претставници на граѓанскито сектор, академијата, но и претставници од владините институции и студентите.