Безбедноста не може да биде еден човек. Безбедноста не може да биде ниту само една институција. Безбедноста сме сите ние. Кога станува збор за сајбер безбедноста, секоја институција треба да изгради свои капацитети на одбрана. Само вклученоста на сите во системот може да овозможи сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално опкружување, во корист на граѓаните, бизнисите и јавната администрација. Колку ќе успееме да си ја одбереме самите својата институција, толку ќе ја одбраниме и државата.
Ова денеска го порача министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната единаесетта сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) на тема „Зајакнување на отпорноста и подобрување на капацитетите на институциите за одговор на хибридните закани“, во организација на Европското движење, во присуство на македонски и словачки експерти од областа на безбедноста и справувањето со хибридните закани, универзитетси професори, преставници на граѓанскиот сектор, на меѓународните организации, на МВР и на членови на Европското движење.
Министерот Спасовски потенцира дека од денешен аспект „безбедносната ситуација во државата е стабилна, а МВР успешно ја врши својата работа да ја гарантира безбедноста на секој граѓанин во нашата држава. Денеска Република Северна Македонија е во позиција да ги користи научените лекции, да соработува, како и да придонесува во сите релевантни активности на ЕУ и НАТО поврзани со хибридните закани“. Тој посочи дека на ниво на држава е формиран Национален совет за сајбер безбедност според најновите НАТО стандарди составен од членови од повеќе релевантни институции во Република Северна Македонија. Во моментов, исто така, се имплементира Националната стратегија за сајбер безбедност 2018 – 2022 година, која е развиена во согласност со Стратегијата за сајбер безбедност на ЕУ.
Инаку, министерот Спасовски се осврна и на руската агресија врз Украина, на последиците во економскиот и енергетскиот сектор, особено на пазарот со електрична енергија, нафтените деривати и природниот гас, на пазарот со храна, на хибридните закани, активности и напади преку социјалните мрежи преку ширење невистинити информации, дезинформации и говор на омраза, на лажните дојави за бомби како тип на закани што не е феномен само во нашата држава, туку и во други земји од регионот како Србија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Романија, БиХ, но и други земји од Европа, вклучувајќи ги и САД и Канада.
Според него во периодот од октомври минатата година до почетокот на годинава биле испратени над 300 лажни дојави за поставени експлозиви, додека од јануари до март годинава биле испратени околу 500 лажни дојави, од кои во март само во еден ден имало вкупно 120 лажни дојави за бомби, додека во изминатиов месец не пристигнале нови лажни дојави за бомби. Во Македонија заканите за лажни бомби не беа единствен проблем. Од крајот на 2022 година наваму се случија сајбер напади врз интернет страниците на државните институции како Фондот за здравствено осигуривање, Владата, министерствата за земјоделство и за образование и наука, од каде беа украдени податоци, а во некои од случаите напаѓачите за нив бараа откуп во крипто валути.
Во однос на хибридниот напад врз Фондот за здравство, кој повеќе од две недели имаше нефункционален систем по нападот, истрагата е обемна и сè уште се работи на тој случај.
Во таа насока, заменик-министерката за здравство, Маја Манолева, која, исто така, имаше воведно обраќање, ги потенцираше важните аспекти на хибридните закани, нивното влијание на електронското здравство и здравствениот систем во целина.
„Во контекстот на здравствениот систем, хибридните напади претставуваат актуелна закана која може да се одрази на достапноста на медицинските услуги, безбедноста на медицинските податоци, целосноста на информациите и приватноста на пациентите. Сведоци сме на неодамнешниот сајбер напад на Фондот за здравствено осигурување кој предизвика делумен застој во остварување на исплатите за здравствените услуги. Важноста на електронските здравствени системи ги издигнува на ниво на критична информациска инфраструктура, чија заштита е потребно да биде на највисоко ниво, а соодветно потребни се и механизми за справување со кризите кои можат да произлезат од хибридните напади“, рече Манолева, додавајќи дека за да се бориме со овие закани мора да се разгледаат клучните области како едукација и подигнување на свеста кај корисниците, техничките и превентивните мерки, градење јасни и стандардизирани политики и процедури, како и етички принципи.
Државната секретарка при МВР, Магдалена Несторовска, истакна дека целта со дискусиите на ваквите сесии, вклучително и оваа е да се дефинира степенот на отпорност на институциите на ваквите закани, да се подигне свеста дека наша обврска е да ги предвидиме ваквите и други слични ризиците, да ги детектираме евентуалните гапови во нормативната регулација, на стратешко, но и на оперативно ниво.
„Очекувам дека и овој пат избравме тема за која постои особен интерес во јавноста, не само заради општо познатиот факт дека хибридните закани ја загрозуваат националната безбедност на земјата, туку и заради фактот што хибридните напади влијаеја деструктивно врз перцепцијата за безбедност на илјадници наши граѓани, преку загрозувањето на слободата на движење и попречување на нормално функционирање на бројни институции и илјадници семејства во државата. Ширењето на паника и страв со закани насочени во над 700 институции, дојави за поставени бомби во училишта и јавни институции, без разлика што се работеше за лажни дојави, ја постигнуваше целта со ширење на паника и создавање на чувство на несигурност кај илјадници граѓани, а со тоа и недоверба во институциите”, истакна државната секретарка Несторовска, додавајќи дека потребен е мултиинституционален пристап во справувањето со овие и слични безбедносни закани.
Шефот на Основното јавно обвинителство – Скопје, Гаврил Бубевски, рече дека темата на оваа дебата е важна и чувствителна за граѓаните. Според него, доказите не упатуваа дека сторителите биле дел од некоја терористичка група и доколку се обезбедат докази и се идентификуваат лица кои се дел од организирана мрежа на дејствување ќе бидат соодветно санкционирани. Досегашното искуство покажува дека прва алатка на хибридните закaни се лажните информации, со крајна намера да се предизвика чувство на дестабилизираност на државата. Затоа, мораме да дојдеме до изворите на заканите.
Професорот од Факултетот за безбедност УКЛО од Битола, Трпе Стојановски, рече дека оценката за тоа како работат државните институции доаѓа од граѓаните и затоа треба да се обрне внимание на нивното мислење. Тој рече дека сè уште имаме проблеми со дефинициите за тоа што е сајбер криминалитет и хибридни закани, што уште повеќе ја отежнува свесноста за ваквите проблеми и нивното спречување. „На крајот од денот сите сакаат да зборуваат за оваа тема, но не сите ја разбираат и затоа добиваме заклучок што не секогаш го опфаќа проблемот. Кај овој вид криминал, што ја менува методологијата, споредбено со криминалитетот досега, имаме проблеми со лоцирање на местото каде што се извршуваат овие закани“, рече тој.
Професорката од Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет при УКИМ – Скопје, Марина Митревска, пак, рече дека при справувањето со хибридни закани се најважни три рамки: стратегиска, нормативна и организациска. Според неа, се покажа дека институциите тешко можат да се справат со хибридните закани. Работниот кадар нема доволно познавање за да се справи со ваквите проблеми, па не чекаат уште многу мерки кои треба да се преземат. Многу е важно да се држат обуки, во соработка со ФИНКИ, со факултетите за безбедност, со експерти од институциите што можат да дадат придонес во обучувањето на работниот кадар во институциите од витално значење на државата. Таа вели дека е потребна соработка и координација меѓу институциите на државата, но и со државите од регионот.
Професорот од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Боро Јакимовски, додаде дека почнуваат нови активности кои се водени од европската дигитална агенда, при што една од темите е формирање национални центри за сајбер безбедност, во кои ќе се здружат сите фактори заеднички на национално, а потоа и на европско ниво, каде што заеднички ќе се работи на стратегии.
Началничката на Одделението за истраги за компјутерски криминал во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, при Министерството за внатрешни работи, Марија Ѓошева – Крстески, објасни дека се наоѓаме во време во кои ваквите хибридни закани постојано ги таргетираат критичките инфраструкури. Ваквите напади, како што рече, „не познаваат граници, односно може нападот да е предизвикан од една држава, последиците да ги чувствува друга држава, а доказите да се во трета држава“.
Мирослава Савирис, директорката на Одделот за стратешка комуникација при Канцеларијата на Советот за безбедност на Република Словачка, ја сподели својата експертиза на темава и зборуваше за тоа како хибридните закани се третираат во Словачка.
„Во Словачка природата на хибридните закани е различна што покажува дека не можете да имате општи решенија за сите хибридни закани, бидејќи тие се многу специфични. Дури и поголемите и побогати земји од Словачка се соочуваат со хибридни закани. Треба подобро да ги користиме ресурсите што ни ги дава НАТО и корисно е да знаеме дека идентификувањето на хибридните активности може да доведе до активирање на членот 5“, рече Савирис.
Таа смета дека е добро да се знае дека овие закани се сфаќаат многу сериозно од НАТО. За земјите кои се мали и имаат ограничени ресурси, секогаш е добро да се разговара за овие прашања со други земји, како и со НАТО. НАТО има хибридни тимови за поддршка кои се состојат од куп експерти, кои можат да бидат испратени во различни земји и консултирани затоа што им е потребно на земјите. Ако не инвестираме доволно во аналитички алатки, нема да знаеме што се случува и нема да можеме проблемот да го решиме правилно. Стратешката комуникација е, исто така, од витално значење, бидејќи треба да разговараме со граѓаните и да ги признаеме проблемите, со појаснување дека доживеавме дигитална револуција. Треба да зборуваме со јавноста на начин на кој таа ќе разбере.
Словачката експертка, која рече дека „Словачка беше многу ранлива од хибридни напади, и тие имаа постојани надворешни информации кои ги преплавија нивните информативни канали и предизвикуваа проблеми во јавноста“, презентираше студија на случај за тоа како Словачка се справува со хибридните закани. Како што рече таа, нормативната рамка е многу важна. Стратешкото ниво треба да оди рака под рака со оперативното ниво. „Ако имаме 10 луѓе за справување со хибридни закани, тогаш нема да се справиме со хибридните закани, што значи дека ни требаат цели оддели фокусирани само на справување со сајбер закани. Комуникацискиот аспект, исто така, не треба да се потценува. Исклучително е тешко кога имате ниска доверба од граѓаните во вашите институции, да допрете до луѓето. Соработката со институциите на НАТО многу би помогнала во справувањето со овие закани. Некои од проблемите со кои се соочува секоја државна администрација е соработката меѓу државните актери, административните оптоварувања, прифаќањето од носителите на одлуки, онлајн влијанието – користењето на вистинскиот тон на гласот, мерењето на влијанието е исто така, важно бидејќи ни требаат постојани истражувања на јавното мислење и фокус-групи за да можеме да осмислиме важни стратегии што е скапо и треба да обезбедиме финансирање кое не е временски ограничено.
Лилјана Пецова Илиевска од ИМПЕТУС беше следен говорник, која најпрво ја презентираше анализата која ја изработиле во однос на медиумското покривање од денот на добивање на поканата за приклучување кон НАТО, до денот на одржување на референдумот. Објасни дека дури со години наназад сме соочени со хибридни закани, не само изминатиов период. Таа посочи дека треба да се зголеми учеството на граѓанскиот сектор и медиумите при филтрирање на дезинформациите кои ја засегаат јавноста.
Даде препорака да конвенцијата стане член на работната група за подготовка за новата национална стратегија за сајбер безбедност.
Пецова – Илиевска заклучи дека од голема помош би било вработените во јавните институции да посетуваат обуки за сајбер безбедност, односно како да се чуваат податоците, но и да се запознаат со механизмите и протоколите кои ќе се од помош на институциите. Подвлече дека регулација на онлајн содржините е нешто што медиумскиот сектор треба да си го преземе како одговорност.
Копретседавачот на сесијата и член на Европското движење, амбасадорот Андреј Лепавцов, потенцираше дека од хибридните закани особено страда образованието и децата, кои не знаеја дали да одат во училиштата, но и медицинските лица кои не можеа да ги добијат потребните информации. Според него, нема место за втора грешка, затоа што ако се вклучи вакво нешто по вторпат, за очекување е тоа граѓаните да не го простат. Изборот на оваа тема на дебатата е направен токму за на време да се реагира.
„Денешната тема за справување со сајбер заканите е актуелна во однос на времето во кое живееме, а националната конвенција е добра платформа за дијалог и дискусија токму на актуелни теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ. Затоа, од сесија во сесија интересот за дискусија на слични теми е сè поголем и позначаен заедно со препораките што од тука произлегуваат, заклучи националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење, Милева Ѓуровска.





























