Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија (НКЕУ- МК) ја изразува својата загриженост по повод актуелните случувања и дискусии во сферата на правосудството. Оваа загриженост дојде до израз и низ дискусиите на 11-та сесија (одржана на 24.04.2023 година) на тема која се фокусираше на улогата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во стекнувањето независност и интегритет во судството, како и на основите за одговорност.[1] Со оглед на специфичноста на темата беа испратени покани до сите засегнати страни, како и до обете исклучително релевантни институции, кои, за жал, не одговорија позитивно на поканата.
Дијалогот се реализираше со постојаните членови на работните групи (граѓански здруженија, судии, обвинители, претставници на адвокатска комора, професори, меѓународен експерт и други експерти). Оваа дебата, како и другите претходно, беше отворена, инклузивна и базирана на професионални инпути што дејствуваше мотивирачки за сите членови да го изразат своето мислење со единствена цел да придонесат во јакнењето на институционалната функционалност во овој домен.
Изборот на темата беше направен од перспективата на улогата и значењето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители како две витални институции со високи надлежности за остварување на високи стандарди и вредности на владеењето на правото, но и со значителна одговорност за состојбите во правосудството. Афирмацијата на преговарачкиот процес преку вклучување во дијалогот на стручната и пошироката јавност е основната мисија на НКЕУ-МК која континурано укажува на потребата од поголема независност, самостојност и интегритет во правосудството, како и одговорност на сите субјекти.
Ја потсетуваме јавноста дека НКЕУ-МК е платформа за институционализиран (структуриран) дијалог, кој се води меѓу различни чинители за Кластер1 „Темелни вредности“ и кој опфаќа пет поглавја што треба да придонесат за владеење на првото, остварување на правдата, јакнење на слободите и безбедноста, спречување и борба против корупцијата. НКЕУ-МК веќе шест години дејствува успешно на планот на демократизација на преговарачкиот процес за членство во ЕУ, мотивирајќи ги експертите да ги идентификуваат, дефинираат и прилагодат европските решенија во нашите специфични услови. Досега во НКЕУ-МК се предложени над 600 решенија, со кои се детектираат фронталните линии за побрзо напредување во реформскиот процес во оваа област – исклучително значајна за почеток и за напредување на евроинтегративниот процес и тоа за сите кластери подеднакво.
Уште еднаш нагласуваме дека напредувањето на реформите во правосудството не ќе бидат можни без: почитувањето на правото на слободно изразување; без отворените расправи за постоечките проблеми од експертите – оние од граѓанскиот сектор, но и сите професионалци распоредени низ правосудниот систем; без желба на водечките структури реално да ги подобрат востановените практики преку имплементација на темелните вредности. Меѓутоа, одговорноста на правосудниот систем е уште поголема поради фактот дека тој треба да обезбеди владеење на правото што претставува темел во преговарачки процес за полноправно членство во ЕУ.
Оваа Изјава има цел да потсети дека критиките, заклучоците и препораките кои произлегуваат од дијалогот на НКЕУ-МК се секогаш во интерес на подобрување на состојбите во македонското општество, уважувајќи ги целосно институциите и помагајќи ѝм да бидат посилни за сложениот преговарачки процес.
Од перспектива на Новата преговарачка методологија каде е нагласена потребата од целосно транспарентен преговарачки процес со цел сите граѓани да бидат во тек со самиот процес, отворениот дијалог и охрабрувањето да се биде дел од него оди во прилог на афирмација, учење и примена на европските стандарди кои ќе треба да бидат дел од секојдневниот живот на граѓаните.
Примерот за почитување на правилата, сепак треба да дојде од правосудната сфера.
Национална Конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија
Членовите на Програмските совети на Работните групи:
Работна група – 3, Правосудство и основни права,
Работна група – 4, Правда слобода и безбедност,
Работна група – 6, Антикорупција.
[1] Тема на сесијата: Регулација, прагматички контекст и ефекти vis-à-vis Поглавје 23 и одговорноста на релевантните субјекти во спроведувањето на правдата во Република Северна Македонија.





