На 4 септември 2023 се одржа дванаесетта сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) на тема „Северна Македонија и Западен Балкан низ призмата на новата политика на ЕУ за миграции и азил“, во организација на Европското движење, на која учествуваа претставниците на Делегацијата на Европската Унија, Амбасади, претставници од ОБСЕ, ИЦМПД, МАРРИ, ИОМ и други домашни и меѓународни организации, како и надворешни и домашни експерти на оваа тема и претставници на државни институции. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, порача дека за успешно управување со миграцијата и азилот потребно е заедно со земјите од Западен Балкан да ги реформираме капацитетите и законодавството, но дека пред се, е потребна реформа на нашиот ум, бидејќи многу работи зависат само од нас.
Тој посочи дека Македонија е подложна на регуларни и нерегуларни миграции со оглед на нејзината географска местоположба и токму затоа мора да останеме посветени на промена на пристапот кон успешно управување со рутите низ Западен Балкан предизвикани од големата бегалска криза која почна во 2015 година и која ни донесе над 800.000 мигранти, како и конфликтот што го предизвикаа Русија и економските притисоци и несигурноста.
Извештаите на Европската комисија потврдуваат дека националното законодавство во оваа област е значително усогласено со стандардите на ЕУ, но и дека постои потреба од зголемени напори за имплементација, и во некои аспекти, усогласување на легислативата.
„И покрај сите напори на државата, миграцијата не може да се запре, туку само да се обликува. Ниту кај нас, ниту во Европа оваа криза не може да се реши, туку таа треба да се запре во земјите од кои произлегуваат конфликтите. Европската комисија претстави нов акциски план за Западен Балкан за враќање на мигрантите од земјите во регионот во земјите на потекло што предвидува 20 мерки како гранично обезбедување, брзи процедури за азил, реадмисија и слично, односно со унифициран и сеопфатен пристап, кој ја претставува новата архитектура за справување со безбедносните прашања поврзани со миграциите и азилот за цела Европа“, изјави министерот Спасовски, додавајќи дека „справувањето со нелегалната миграција е феномен што ќе трае и понатаму како еден од главните безбедносни предизвици“.
Според Спасовски, клучни точки за влез на мигрантите во нашата држава е јужната граница, од каде само минатата година се спречени околу 6.000 нелегални обиди. Тој, исто така, најави дека е потребно да се посветиме на создавање услови за имплементација на новата миграциска политика на ЕУ претставена со подготовката на Пакт за миграции и азил, бидејќи во оваа област ќе бидат донесени нови директиви на ЕУ, чија имплементација ќе биде еден од критериумите за придружување во ЕУ.
Меѓу бројните експерти од областа на безбедноста и справувањето со проблемите предизвикани од миграциите, универзитетски професори, претставници на граѓанскиот сектор, на меѓународни организации, на МВР и членови на Европското движење, за мигрантските прашања дискутираше и шпанскиот амбасадор, Хозе Луис Лозано Гарсиа, кој рече дека Шпанија како актуелен претседавач со ЕУ, е сериозно посветена на оваа тема.
„За Шпанија миграциите не се изненадувачки, туку веќе одредено време се третираат како приоритетно прашање“, рече тој.
Гарсија го спомена пактот за миграции и азил, кој ќе игра голема улога во справувањето со овој проблем. Тој додаде дека за да се дојде до решение кое ќе е добро за сите, секоја држава и институција ќе треба да биде спремна на компромис, за да се постигне флексибилна солидарност. За Шпанија најважно е да се инвестира во превентивни мерки и да се осигура дека политичкиот и техничкиот дел се усогласени. Државите членки на ЕУ се свесни за тоа дека Западниот Балкан игра голема улога во прашањата за миграции и азил, поради географската положба, и токму поради тоа Европската Унија има адаптирано акциски планови во однос на државите на Западен Балкан.
„Превентивниот пристап е есенцијален за управување со транзицијата на мигрантите. Државите членки на ЕУ се свесни за тоа дека земјите од Западниот Балкан поради географската положба играат клучна улога во справувањето со мигрантските предизвици“, изјави шпанскиот амбасадор.
На крајот на своето обраќање, амбасадорот се осврна и на дијалогот кој ќе се одржи на 26 и 27 октомври во Скопје, организиран и координиран од страна на Шпанија и Шпанското претседателство во Европскиот совет, кој има за цел да гради капацитети кај македонските институции и да помогне при Македонскиот пат кон европинтеграцискиот процес.
Претседателот на Европското движење во Италија, Пјер Вирџилио Дастоли, инаку советник на Европската комисија и политички советник на групата Спинели, како и поранешен директор на претставништвото на Европската комисија во Италија во соето онлајн обраќање ги посочи новите иницијативи на Италија во однос на миграциската криза. Тој изрази надеж дека ЕУ ќе подготви нови предлози за справување со кризата, затоа што иако се чини дека таа веќе не е толку итна како во минатото, сепак е долгорочен проблем што треба да се реши.
„Италија целосно го поддржува создавањето солидарност меѓу државите и сметам дека е важно да се воочи разликата меѓу економски и обични мигранти, кои поминуваат со и без документи“, рече Дастоли и додаде дека во однос на мигрантските политики, јасно е дека Македонија се издвојува од другите земји-кандидатки поради нејзините стандарди и правила што се поклопуваат со оние на Европа.
Снежана Трајановска, директорка на Регионалниот центар на МАРРИ, нагласи дека темата е избрана во најдобро време, и објасни дека МАРРИ воспостави соработка со релевантните регионални механизми, како и со меѓународните организации кои сите заедно имаат за цел да се спроведуваат синхронизирани активности на полето на миграциите и азилот. Трајановска го најави нивниот ангажман во проектот посветен на зајакнување на борбата против криумчарење на луѓе, проект кој ќе се занимава со оваа област.
Според неа, активностите на овој центар можат значително да им помогнат на земјите во регионот да ги зајакнат и да ги активираат политиките за миграции и азил на Унијата, и иако ова не може да биде конечно решение, сепак не треба да се обесхрабруваме, туку да се посветиме на зајакнувањето на капацитетите во сите институции каде што е потребно тоа.
На сесијата, меѓу другото, беа дискутирани прашањата за јакнење на граничното управување каде што се рутите, прашањата за процедурите за азил и поддршка, илегалната миграција и борба против криумчарење мигранти, реадмисија, процесите поврзани со економската миграција во земјава, емиграцијата на значителен дел од населението и други прашања.
Координаторката на Националната конвенција за ЕУ (НКЕУ-МК), инаку универзитетска професорка, и претседателка на Европско движење во РСМ, Милева Ѓуровска, заклучи дека оваа, како и претходните 56 одржани дебати за теми поврзани со процесот на европската интеграција, во значителна мера придонесуваат за успешна подготовка на капацитетите на Македонија за претстојниот процес на преговори со ЕУ.
Според неа, Република Северна Македонија и другите држави од Западниот Балкан соочувајќи се со големи мигрантски бранови во текот на минатата декада, но и претходно, покажаа подготвеност за усогласување на активностите и градење заеднички пристап во справувањето со миграциите. Големите мигрантски бранови ја потврдија потребата за координиран пристап и континуирана соработка на сите европски држави. Интегрирањето на државите од западниот Балкан во безбедносната архитектура е особено значајно со оглед на фактот дека низ т.н. балканска рута до скоро минуваа стотици илјади мигранти, а денес се уште минуваат на илегален начин илјадници мигранти чија дестинација е Европа.
„Денешната конкретна тема за мигрантските прашања е дел од фундаменталните прашања од првиот кластер, кој е темел на преговарачката рамка, бидејќи од него ќе зависи текот на преговорите за пет важни поглавја врз кои се базираат европските вредности“, заклучи Ѓуровска.
Копретседавачот Магдалена Несторовска, Државен секретар во Министерството за внатрешни работи, ја посочи потребата од создавање национални капацитети за имплементација на правилата согласно пактот за миграции и азил од Унијата, и додаде дека се уште постои нерамномерна распределба на одговорност за овие прашања во државата.
Андреј Лепавцов, Амбасадор, Претседател на Паневропската Унија на Македонија, во улога на копретседавач, ја изрази потребата да акциските планови бидат прилагодени кон потребите на државата, одбивајќи ја нивната генерализација.
Во експертскиот дел, Трпе Стојановски, НКЕУ-МК експерт, Професор на Факултет за безбедност, УКЛО – Битола, се осврна на злоупотребата и експлоатацијата на мигрантската криза од страна на криминалните групи, и ја согледа потребата за подобрување на дигиталните вештини во Македонските институции.
Во својата експертска анализа, Сашо Смилевски, Помошник директор на Секторот за гранични работи и миграции во Бирото за јавна безбедност, потенцираше дека има голема потреба од соодветна организациска структура при справувањето со овие прашања, и континуирана набавка на материјали потребни за истите.
Пол Мартин, Виш полициски советник (транснационални закани), оддел за јавна безбедност и контакт со заедницата, ОБСЕ – Мисија во Скопје, во своето експертско излагање демантираше дека Македонија има голем проблем со мигрантите, затоа што во однос на 2015 година, состојбата е многу подобрена, и сега Македонија се наоѓа во мирен период, кој треба да го искористи за спроведување реформи и справување со организираниот криминал кој ги поминува границите.
Михаи Себе, Европски институт на Романија, раководител на одделение за обуки и проекти, посочи дека кога се зборува за вакви прашања мора најпрвин да се прави разлика меѓу мигранти и бегалци, затоа што за двете има потреба од различен пристап – а за миграциите посочи дека се неизбежни, само треба да се дејствува сложно.
Јулија Брсакоска – Базеркоска, Професор на Правен факултет „Јустинијан први“ – Скопје, во своето излагање се осврна на потребата од адекватни места за сместување на лицата кои бараат азил во државата. Таа исто така даде и позитивна конотација на темата, додавајќи дека Унијата се повеќе станува свесна за важноста на Западниот Балкан во миграциските процеси.
Во своето излагање, Анкица Томиќ, Претставник на Босна и Херцеговина во регионалниот центар на МАРРИ, ја изрази потребата од паралела меѓу родот и миграциите, затоа што иако навидум двете теми се различни, сепак мажите и жените мигрираат од различни причини, и има потреба од родова регулација на границите при барањето азил.
Експертскиот дел го заврши Димитар Николовски, Извршен директор на „Евротинк“, кој се осврна на барањата од приватниот сектор да се внесе работна сила од други држави, што може далеку да ја измени економската и политичката состојба на државата. Николовски објасни дека процесите за легализација треба да се дигитализираат, со што ќе се поедностави чекањето во институциите и ќе се намали недоследноста.
Инаку, на дебатата посветена на мигрантските прашања експертите предложија и десетина препораки, меѓу кои релевантните институции континуирано да ја следат визната политика на ЕУ и новитетите во оваа област и да посветат поголемо внимание на нивната имплементација во националната визна политика.
Експертите, исто така, препорачаа голема национална дебата за градење соодветни јавни политики за подобрување на циркуларната (трудова) миграција и олеснување на повратната миграција.