На 13 декември 2023, во просториите на Хотел Александар Палас, се одржа шестата по ред Пленарна сесија на Националната Конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија, во организација на Евопско Движење на Северна Македонија. Конференцијата е посветена на разгледување на постигнатите резултати на ЕММК за 2023 година, како и за дискусија на најактуелните теми во Македонија, во однос на нејзиниот кандидатки статус во Унијата, и тоа: дискусија за владеењето на правото, и за корупцијата како секојдневна појава во државата. Темата на овогодинешната пленарна конференција е: „Национална конвенција за Европската Унија: Темелните општествени вредности за европска иднина.“ Во однос на тоа, покрај воведните обраќања, на конференцијата имаше две панел дискусии, на кои доминираа две теми: „Владеењето на правото – темелна општествена вредност: Патоказите и патиштата кон излезот од распаќето“, и „Спречувањето и борбата против корупцијата: Доброто управување, законите, институциите и одговорноста за заштитата на јавните интереси на државата“.
Конференцијата ја отвори професорката Милева Ѓуровска, националниот координатор на НКЕУ-МК и претседателка на Европско Движење, и истакна дека од перспективите на правосудството оваа година беше специфична и турбулентна.
-Веќе може да се види појасно што навистина се случува во правосудниот систем – надлежен за да обезбеди еднаквост на сите пред законите. Општиот заклучок произлезен од дијалогот е дека нашата демократијата има насушна потреба од ефективна и независна законодавна и судска власт, рече Ѓуровска. Низ Ковенцијата, но и низ другите граѓански иницијативи, се пренесува гласот на правосудната фела која го бара она што ѝ припаѓа – да ја добие оттуѓената судска власт.
-Нема друга сила која може да ја смири страста за поседување и владеење со институциите од страна на вонинституционалните политичи центри. Или како како што беше истакнато од страна на еден од нашите експерти: Кој друг ќе ги контролира контролорите? Нашето општество е веќе во состојба на длабока аномија т.е. општество каде правилата не важат, како што би се изразиле социолозите, но истото го читаме и во Извештаите на Европската комисија – иако вокабуларот е различен. Затоа дијалогот треба продолжи за гласот да биде посилен – за да им се вратат институциите на граѓаните, нагласи Ѓуровска.
Воведните обраќања ги започна претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој во своето излагање ги презентираше дел од наодите за новиот извештај на Европската Комисија, во кој се констатира дека немаме голем напредок. Ефектите од корупцијата се засилуваат преку правните дупки и нејаснотии што лесно се злоупотребуваат за да се корумпира и за да се избегне одговорноста. Загрижувачки е кога примената на правото зависи од „вештината“ на толкување на оние кои треба да го имплементираат па често законската терминологија добива различно некогаш и спротивно значење од изворното. На крајот од денот одговараат оние кои се огрешиле пред законот, но кои немаат со што „да тргуваат“ за да ја откупат својата слобода, нагласи Пендаровски. Тој објасни дека странските санкции не се доволни, затоа што корупцијата во меѓувреме стана начин на живот, односно менталитет на луѓето кој мора да се менува. Според него, најголемиот проблем е што истрагите се бавни и неизвесни и одбраната ја користи секоја процедурална алатка за да го забави процесот, па дури и малобројните успешно завршени процеси се ограничени на одредени лица во одреден временски период, што го руши континуитетот, и не помага во целост, односно не го решава големото прашање.
По говорот на претседателот, своите ставови ги изнесе и Дејвид Гир, Амбасадорот на Мисијата за Европската Унија во Република Северна Македонија, кој се сложи со Пендаровски, посочувајќи дека тој има дадено точна дијагноза на тоа како корупцијата влијае на секој дел од животот, и како отсуството на законот значи дека иновацијата ќе се намали, луѓето ќе се уморат и ќе расте цинизмот кон државните институции, а ќе се намалува можноста за промени. Овие проблеми се предизвик за државата, а процесот на скрининг кој заврши успешно и генерираше отворен и фер извештај може да помогне при предизвикот. Во однос на владеењето на правото, извештајот вели дека нема напредок, а довербата во судиите и институциите е намалена. За извештајот на ЕК за напредокот на земјава, кажа дека е „чесен, отворен, но фер“.
-За владеењето на правото беше кажано дека нема напредок. Извештајот покажува дека условите во врска со контроверзното разрешување на претходниот претседател на Судскиот совет и недостатокот на доверба кај судиите и институциите извештајот исто така повикува да се вложуваат напори за случаите на заплашување на судиите. Оценската мисија оваа недела ги објави препораките и заклучи дека функционирањето на Судскиот совет резултира со проблеми кои се акумулирани од минатото и не се решавани навремено и систематски, рече Гир.
Арбер Адеми, Претседателот на комисијата за Европски Прашања во Собранието на Република Северна Македонија, посочи дека оваа конференција е најдобра прилика да се осврнеме на две значајни теми како што е владеењето на правото и борбата против корупцијата. Адеми исто така се осврна на извештајот, посочувајќи дека за време на скринингот видовме дека имаме добра усогласеност во однос на законите, но имплементацијата ни е погрешна. Тој порача дека при работата на реформите клучен треба да биде консензус а не надгласување, а политичката волја за владеење на правото треба да биде реална и присутна и во имплементацијата а не само при седниците на собранието.
Збор зеде и потпрецедателката на националниот совет на Европски интеграции, Соња Мираковска, и додаде дека сепак, без имплементација ништо не значи законот напишан на хартија, а собранието и покрај политичките разлики целосно е обединето во однос на исполнувањето на стратешката цел за влез во Унијата, и никој до сега не се изјаснил дека има поинаква цел. Мираковска порача дека се што правиме ќе има реален бенефит во годините што следат, и се надева дека ќе има поскоро обединување и поскора европска реалност.
По излагањето на Миракоска, се обрати и Претседателот на Европското движење во Италија, и Советникот на Европската Комисија, Пјер Вирџилио Дастоли, кој порача дека амбициите не се секогаш на нивото на реалноста, но тие не се теоретска идеја туку рефлексија на потребите на граѓаните. Па затоа, нашата цел не треба да биде реалноста во која живееме, туку реалноста треба да ја доведеме на нивото на амбициите. Дастоли појасни дека најважно е да ги разбереме нашите грешки и да научиме од истите, за да може да направиме нов пристап во однос на евроинтеграциите.
Амбасадорот на Словачка во земјава Хенрик Маркуш рече дека за Словачка, интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е приоритет и тоа, како што рече, е главната причина за нивна поддршка на Националната конвенција, бидејќи таа ги собира сите чинители во општеството.
-ЕУ сега излегува со нови вагони, големи планови со 14 милијарди евра, нови ИПА фондови, кои одат во правец на засилување на членството. Сведоци сме на нов моментум во геополитиката и сметам дека овој воз ќе биде последниот што ќе дојде за Северна Македонија и за регионот, рече Маркуш. Тој го цитираше поранешниот генерален секретар на ОН Кофи Анан, според кој, „времето е вистинско, а изборот е јасен“, додавајќи да не се бараат повеќе изговори кои ќе бидат перфектно јасни.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски своето излагање го започна со посочување дека европскиот пат на Западен Балкан е без сомнение високо на агендата на секој од нас, бидејќи граѓаните тежнеат да живеат во земји што се просперитетни и еднакви каде владеењето на правото е силно, а корупцијата е најмало можно ниво.
-Токму владеењето на правото е еден од клучните сегменти кои гарантираат интеграција во ЕУ и во таа насока МВР изминативе 20 години спроведе низа на реформски процеси поддржани од нашите партнери во ЕУ. Заеднички работиме кон постигнување на зацртаните цели во областа на владеење на правото преку зајакната борба против организираниот криминал и корупција. Свесни дека за крупни реформи кои нашата земја ја придвижуваат напред потребен е ангажман на сите, додаде тој, токму на овој начин секој од чинителите во процес реформата ја чувствува како своја и со сите сили настојува да ја реализира.
-Ние во МВР како носители на Поглавјето 24 – правда, слобода и безбедност на дневна основа се стремиме во вистинска смисла на зборот да ги имплементираме европските вредности преку конкретна реализација во борба со криминалот, а и преку активно учество во креирање на стратешки политики, заклучи Спасовски.
Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ, истакна дека сите препораки од ЕУ за работата на одредени органи и за борбата против корупцијата се добредојдени. „Критиките ќе ги прифатиме, ќе ги корегираме работите, и ќе преземе се она што треба да го подобриме. Препораките, што ни се даваат за многу одредени работи, и сега, за Стратегијата за правосудството, ќе бидат вградени и имплементирани во одредени законски норми“, рече Аврамовска-Мадиќ. Во однос на корупцијата, нагласи Мадиќ, секогаш напоменувам дека мора да престанеме да ги генерализираме работите и корупцијата да ја индивидуализираме.
Фредерик Дубост, Судија за врски – Министерство за правда на Франција, експерт за Југоисточна Европа, која посочи дека 69% од Европски граѓани веруваат дека корупцијата на високо ниво не се решава соодветно од страна на државните институции, што е на скоро исто ниво со граѓаните на Република Северна Македонија. Таа додаде и дека проценката е дека повеќе од 120 билиони евра е цената на корупцијата во државите во Европската Унија, а таа корупција ја руши довербата на граѓаните во власта. Дубост издвои четири точки на кои државата треба да се фокусира при борбата со корупција, и тоа: образованието, тренинг и градење капацитети, транспарентност и санкционирање. Дубост порача дека треба да работиме заедно затоа што едни од другите можеме да научиме многу, и исто така треба да се подготвиме да потпишеме договори меѓу институциите, како показател за добри односи, на пример меѓу Државниот инспекторат, Државната комисија, Јавното обвинителство и така натаму. Ова е добар начин да се направи меѓусебен договор според кој секоја институција ќе знае кое е нејзиното место, што треба да прави, и ќе може да функционираат заедно.
На панел-дискусијата во рамки на Шестата сесија на НКЕУ-МК се обратија и заменик-министер за информатичко општество Александар Бајдевски, директорот на Државниот завод за статистика на Северна Македонија Апостол Симевски, Драган Тевдовски, поранешен министер за финансии и професор на Економскиот факултет, Билјана Ивановска, Претседателката на државната Комисија за спречување на корупција, , професорката Александра Деаноска Трендафилова,координатор на Работната Група 3 во НКЕУ-МК, Александар Кржаловски, директор на МЦМС, Виктор Митевски, Трпе Стојановски, како и останати учесници на оваа конференција.