Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) на 28 март 2024 година ја одржа Тринаесетта сесија на работните групи за теми од преговарачките поглавја за Правосудство и темелни права (Поглавје 23) и Правда, слободи и безбедност (Поглавје 24), која беше на тема: „Темелните права, правдата и слободите низ призмата на Механизмот за владеење на правото на Европската Унија“.
Дијалогот во рамките на сесијата се фокусираше на прашања што ги опфаќа новиот Механизам за владеење на правото во Европската Унија, како нов предизвик и алатка за следење и надминување на слабостите во демократскиот капацитет на институциите при усвојувањето и спроведувањето на законите. Механизам кој е особено значаен за државите – членки на Европската Унија, но и за државите кои се во преговарачки статус. Овој нов пристап на Европската унија за вклучување на државите од Западниот Балкан во работењето на многу од телата од институционалната структура на ЕУ, а меѓу нив и Механизмот за владеење на правото, веќе има позитивни импулси во евроинтегративниот процес во регионални рамки.
Воведно обраќања во темата и работата на Националната конвенција имаше Милева Ѓуровска, Национален координатор на НКЕУ-МК и претседателка на Европско движење во Република Северна Македонија, која ја истакна актуелноста на темата, имајќи ги предвид последните случувања во државата поврзани со владеењето на правото и значењето на Механизмот за владеење на правото на Европската Унија, во насока на давање придонес во подобрувањето на целокупната состојба во оваа област.
Од страна на Александра Деаноска – Трендафилова, координатор на Работна група 3 и професорка на Правниот факултет „Јустинијан први“, беше даден хронолошки приказ на развојот на Механизмот за владеење на правото на Европската Унија и како некои лекции би можеле да ги искористи нашата држава во во оваа област. Од нејзина страна беше ставен фокус на Извештаите на ЕУ кои се однесуваат на владеењето на правото во земјите-членки, кои го опфаќаат следењето на состојбите во различни компоненти на владеењето на правото, вклучувајќи: системски проблеми со процесот на донесување закони, имплементацијата на законите од извршната власт, недостаток на ефикасна судска заштита или непочитување на принципот на поделба на власта. Мониторингот го испитува и капацитетот на земјите-членки за борба против корупцијата, медиумскиот плурализам, капацитетите на институциите за спроведување на законот, а целта е да се подигне свеста, да се откријат ризиците од прекршување на владеењето на правото и да се обезбеди поддршка од уште во самиот почеток. Владеењето на правото е состојба која постојано се оценува во Европската Унија, па дури кога ќе станеме членка, а во овој момент нужно е да учиме од државите кои добиваат забелешки, а се слични на нашиот систем, со цел да делуваме проактивно при креирањето на политиките кај нас.
На сесијата, правниот експерт за Западен Балкан, Кристиан Туркаљ, кој воедно бил главен преговарач во преговарачкиот тим на Република Хрватска за Поглавје 23 – Правосудство и основни права и Поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност, беа споделени искуства од пристапните преговори на Република Хрватска на патот кон полноправно членство во ЕУ. Од негова страна посебно беше потенцирана важноста на Поглавјата 23 и 24 во целиот процес. Доколку се има желба за напредок, потребно е сите сили да се стават на овие две поглавја затоа што целиот интеграциски процес зависи од нив. Потребно е постоење на консензус на политичките елити и јасна преговарачка вертикала, која ќе осигура навремено и сигурно носење на потребните одлуки. Според него од особена важност се извештаите и перцепциите за владеењето на правото кои се испраќаат до Европската комисија и токму затоа сите чинители мора да соработуваат и делуваат заедно во преговарачкиот процес. Како барања кои произлегоа од Поглавјата 23 и 24, Хрватска мораше да направи измени во својот устав во насока на прилагодување на хрватското законодавство на европското. Во пристапниот процес потребно е носење одлуки за горки прашања, меѓутоа, секогаш треба да се имаат предвид придобивките од полноправното членството во ЕУ.
Од страна на Трпе Стојановски, НКЕУ-МК експерт и професор на Факултетот за безбедност во Битола, беше истакната важноста на владеење на правото и поделбата на власта затоа што само на таков начин може да се обезбеди меѓусебно контролирање на институциите и функционирање на државниот систем. Исто така, неопходна е ефикасна јавна администрација која ќе преставува темел на владеењето на правото. Дополнително, од исклучително значење е и усогласувањето на политичките елити во однос на европскиот пат, како и ставањето на страна на партиските желби во процесот на носењето закони, при тоа давајќи ги како пример извештаите за злоупотребата на „европското знаменце“ од страна на законодавците.
Симонида Кацарска, директорка на Институт за европска политика – Скопје, го истакна значењето на Механизмот за владеењето на правото на Европската Унија, посебно за земји кандидатки како Република Северна Македонија, која е предолго во чекалната на ЕУ, затоа што на овој начин земјата има можност да е во тек со случувањата на полето на владеењето на правото во ЕУ, како и да се мери со европските стандарди и да преземе реформи онаму каде што е потребно.
На сесијата, од страна на Бојана Босилкова, раководителка на Одделението за преговори и интеграции, координаторка на Работна група за Поглавје 23 во Министерството за правда на Република Северна Македонија и од Беким Реџепи, началник на Одделение, Сектор за преговори и евроинтеграција, Оддел за ЕУ и меѓународна соработка во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, присутните имаа можност да слушнат за активностите кои се преземаат од страната на државата во однос на владеењето на правото и барањата кои произлегуваат од преговарачките процес, а се однесуваат на Поглавје 23 и Поглавје 24.
Проектот Национална конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија е платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ. Проектот се реализира од страна на Европското движење во Република Северна Македонија, а е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и SlovakAid.