Скокни до главната содржина

Петта сесија на Работна група 5-Животна средина на тема: „Приближување на националното законодавство кон европските напори за еколошка правда“

Република Северна Македонија има добра правна рамка за животната средина, но голем предизвик останува спроведувањето и фунционалноста на институциите. Воведувањето на кривичното дело екоцид е значаен чекор напред, но потребно е подобрување на правната рамка, специјализација на судиите и јавните обвинители, како и формирање на еколошка полиција за дела од животна средина.

Ова се дел од заклучоците на денешната Петта сесија на Работната група 5-Животна средина на тема „Приближување на националното законодавство кон европските напори за еколошка правда“, којашто денеска ја одржавме во хотел „Панорамика“ во Скопје.

Претседателката на Европското движење, Милева Ѓуровска во своето воведно обраќање на сесијата потенцираше дека процесот на хармонизација на националната легислатива со онаа на ЕУ е во тек.

„Извештаите на Европската комисија укажуваат дека нормативниот дел задоволува до определено ниво, но недостасува имплементацијата“, рече претседателката на Европско движење, Ѓуровска.

Бојана Станојевска-Пецуровска, претседателка на Центарот за климатски промени истакна дека во изминатите 20 години нашата држава направила значајни чекори за воспоставување на правна рамка за животната средина, иако голем предизвик останува спроведувањето.

„Од големо значење е што го менуваме Кривичниот законик за да ги имплементираме стандардите на ЕУ. Воведувањето на кривичното дело екоцид е значаен чекор напред“, рече Станојевска-Пецуровска, додавајќи дека е потребно судиите да имаат прецизни упатства за да изрекуваат конкретни санкции.

Никола Јовановски, програмски менаџер во Центарот за правни истражувања и анализи нагласи дека со воведувањето на екоцидот како кривично дело сме пионери на Балканот.

Јовановски смета дека во моментов најслабата карика е видлива во Министерството за внатрешни работи каде не постои посебен оддел за справување со криминал во животната средина. Тој појасни дека треба да се создадат услови за судиите и обвинителите да имаат поголема храброст за решавање на овие случаи.

Норберт Курила, советник на претседателот на Република Словачка за животна средина, енергија, климатски промени и бизнис клима во своето обраќање стави акцент на новата ЕУ Директива, со која се проширува опсегот на нови дела од областа на животната средина, како и воведување на нови казни.

Наведувајќи го примерот со Словачка, Курила препорача формирање на еколошка полиција со што би се обезбедила поголема ефикасност во однос на справување на прекршувањата во животната средина. Според словачкиот експерт Курила значајна институција е Словачкиот инспекторат за животна средина којшто се финансира од буџетот, но и од казните.

Пејо Кировски, главен инспектор за заштита на природата во Државниот инспекторат за животна средина потенцира дека бројот на инспектори кој во моментов изнесува вкупно 23 не е доволна според обемноста на работата. Недоставуваат и општински инспектори, нагласи Кировски, кои би делувале на локално ниво.

Тања Пауновска, раководителка на сектор за соработка со ЕЛС и управни и надзорни работи и претседател на Прекршочна комисија при Министерството за животна средина и просторно планирање се осврна на работата на Прекршочната комисија и Комисијата за спогодување за дела од областа на животната средина преку која сторителите добиваат можност прекршоците да се решат надвор од судовите.

Африм Османи, професор од Универзитетот во Тетово зборуваше за новите измени и дополнувања на Кривичниот законик и Законот за прекршоци.

Марина Малиш-Саздовска, професорка на Факултетот за безбедност „Св. Климент Охридски“ – Битола посочи дека Министерството за внатрешни работи реализира акции, но тие не се сеопфатни и систематски и затоа е потребно формирање на посебен оддел за животна средина во Министерството за внатрешни работи како една од клучните точки за подобрување на ефикасноста во криминалистичките истраги.

„Можеме да делуваме превентивно ако имаме адекватна казнена политика“ рече Малиш-Саздовска, додавајќи дека треба да се има фокус на сузбивање на корупцијата во сите сфери на општественото живеење.