Скокни до главната содржина

14 сесија на Работна група 3, Правосудство и основни права: Измените на Кривичниот законик од 2023 година не се во согласност со заложбите за борбата против корупција

Измените во Кривичниот законик од 2023 година штетно влијаеа врз правосудниот систем и врз исходот на кривичните постапки поврзани со случаи на висока корупција бидејќи поголем дел беа запрени поради застарување. Потребни се правни механизми за да се ублажат штетните последици од донесените законски измени со коишто се донесени ослободителни пресуди.

Ова се дел од поентите од денешната 14-та сесија на Работната група 3 „Правосудство и основни права“ (Поглавје 23) на тема: „Измените на Кривичниот законик од 7 септември 2023 година: македонската и европската легислатива во спречувањето и борбата против корупцијата“ којашто денеска се одржа во хотел „Панорамика“ во Скопје во организација на Европско движење во Република Северна Македонија во рамките на проектот Национална конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија.

Милева Ѓуровска, претседателка на Европско движење во Република Северна Македонија и национален координатор на НКЕУ-МК во воведното обраќање нагласи дека според извештаите на ЕУ, нашата држава е многу добра во пишувањето на закони, но не и во нивното спроведување.

„Имаме европски закони, но немаме европско секојдневие. За ваквите состојби одговорноста лежи и во правосудниот систем кој покажува слаба волја да ја постави извршната власт во рамката на законитоста“ истакна претседателката на Европско движење, Ѓуровска.

Александра Деаноска Трендафилова, професорката на Правниот факултет „Јустинијан први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ укажа на штетните последици на законските измени во Кривичниот законик од 7 септември 2023 година и затоа порача дека е потребно под итно да се подготват нови измени на Кривичниот законик.

Мухамед Халили од Советот на амбасадори даде ретроспектива на носењето на измените на Кривичниот законик, истакнувајќи дека сега треба да и се даде простор на новата Влада да се види како ќе постапи во однос на предизборните ветувања.

Кристијан Дуку, генерален менаџер од Центарот за напредно истражување во менаџментот и примената етика од Букурешт го пренесе примерот со Романија, потенцирајќи дека романскиот Кривичен законик претрпел стотици измени по 2017 година, кои предизвикале штета во правосудниот систем.

Според него, треба да се зборува за концептот за злоупотреба на овластување.

„ЕУ зборува за злоупотреба на власта, а помалку за злоупотреба на функцијата. Дали таа треба да се ограничи на државните службеници или да ги вклучиме и политичарите и директорите на јавните училишта бидејќи и тие имаат овластувања. Има различно толкување во овластувањата“, рече Дуку порачувајќи: „И ние и вие треба да се бориме секој ден за да ги добиваме правичните закони бидејки граѓаните тоа го бараат од нас, зошто ние сме чуварите на јавниот интерес“.

Оља Ристова, судија во Основниот кривичен суд во Скопје реагираше зошто морало да дојде до интервенција во законот со којшто се намалени судските казни, како и зошто за измените не била консултирана Работната група која работела на законските измени. Таа предложи во македонското законодавство да се воведе одредбата за застареност по примерот на Хрватска.

Емануеле Биритиери, доцент по казнено право од Катедрата по право и економија при Универзитетот во Рим „Унителма Сапиенца“ зборуваше за италијанската регулатива во поглед на злоупотребите на јавната функција, при што посочи на малиот број пресуди во оваа област.

Лидија Раичевиќ, јавна обвинителка во Основното јавно обвинителство Скопје рече дека е против намалување на казните. Таа нагласи дека обвинителите и судиите имаат сила да застанат зад правдината. Раичевиќ порача да се промени актуелниот закон и да се заострат казните за ефикасна борба против корупцијата.

Дарко Аврамовски, извршен директор во Коалицијата „Сите за правично судење“ се осврна на досегашните слаби страни во правосудниот систем, при што зборуваше за тоа дека обвинителствата во помалите градови немаат тимови истражители и капацитет за справување со кривични дела на висока корупција.

„Мораме веднаш да покажеме иницијатива дека не сме сложни со направените измени. Нам ова ни пречи. Мора да бидеме погласни и да се постави некаков притисок“ порача Аврамовски на денешната сесија на тема „Измените на Кривичниот законик од 7 септември 2023 година: македонската и европската легислатива во спречувањето и борбата против корупцијата“.