Скокни до главната содржина

Поголема достапност до јавните податоци за дигитализирање на процесите

Јавните податоци треба да бидат слободно достапни за сите граѓани. Институциите кои располагаат со јавни податоци мора да прифатат дека овие податоци припаѓаат на јавноста, а не на самите институции. Бизнис моделите кои се базираат на продажба на јавни податоци треба да бидат реформирани, политиката на отворени податоци треба да биде задолжителна за сите институции, како на централно така и на локално ниво. Потребно е централизирано планирање на инфраструктурата за податоци под единствен ентитет за да се обезбеди конзистентност, ефикасност и интероперабилност помеѓу сите државни институции, како и учество на граѓанското општество во дигиталната трансформација. Ова се дел од предлог-препораките кои произлегоа од денешната 3-та сесија на Работната група 6-Антикорупција (Поглавје 5-Јавни набавки, Поглавје 18-Статистика и Поглавје 32-Финансиска контрола) на тема: „Градење кохезивна дигитална инфраструктура за развој на напредни јавни финансии“ која се одржа во Скопје.

Милева Ѓуровска, претседателка на Европското движење во Република Северна Македонија во своето воведно обраќање истакна дека во развојот на дигиталната трансформација треба да се пристапи многу внимателно.

„Препораките на ЕУ одат во таа насока дека задолжително треба да се вклучи јавниот сектор за да се комплетираат големите бази на податоци. Треба да се води сметка дека дигиталната трансформација мора да биде усогласена со сите политики на ЕУ кои ги имаме донесено во нашиот национален контекст“, рече Ѓуровска, додавајќи дека не може да се очекува од дигиталната трансформација да ги лечи сите болести на општеството.

Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка потенцираше дека според анкетите, корупцијата во последните две години е еден од најголемите проблеми во државата. Преку конкретни примери, Кржаловски укажа на недостатоците во користењето на јавните услуги во државава кои би требало да се дигитализирани.

Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација во своето обраќање рече дека колку е повисок степенот на дигитализација толку државата е поотпорна на влијанија. Според него, не може да се зборува за вештачка интелигенција, доколку институциите не се поврзани и не комуницираат меѓу себе.

Андоновски нагласи дека е потребна дигитализација на сите регистри и поврзување на институциите во единствен систем кој ќе укажува на ризик од корупција и конфликт на интереси.

Јури Кивимае, аналитичар на податоци во Одделот за разузнавање во Естонскиот даночен и царински Оддел зборуваше за примената на дигиталните алатки и вештачката интелигенција во Естонија.

„Денес имаме широк опсег на јавни услуги достапни на интернет. Може да го проверите вашиот здравствен картон, да пријавите градежна дозвола итн.

Во 2011 година воведовме и мобилни лични карти по што следуваа смарт лични карти со автентификација“ истакна Кивимае, појаснувајќи дека во Естонија со помош на дигиталните алатки се овозможуваат голем број услуги, меѓу кои и автоматска транскрипција во реално време на титлови за јавни телевизии или користење на сателитски фотографии.

Елена Петрова, директорка на Управата за јавни приходи на Република Северна Македонија посочи дека УЈП има одредени постигнувања во автоматизацијата на процесите.

Петрова нагласи дека УЈП се наоѓа пред нов предизвик да имплементира посигурни системи, како електронска фактура или електронско издавање  документи со што ќе се постигне зголемена ефикасност.

„Дигиталната трансформација ќе овозможи услугите да бидат лесно достапни со подобрени стандарди на квалитет за разлика од сегашното физичко давање услуги на шалтерите на УЈП. Со дигитализирање на процесите ќе бидеме поблиску до исполнување на принципот секој даночен обврзник да го плати точниот износ на данокот во точно време“, рече Петрова.

Боро Јакимовски, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје смета дека е потребен стратешки пристап во градење на централизирани автоматизирани системи.

„Имаме релативно добра усогласеност со ЕУ легислативата“, изјави Јакимовски, додавајќи дека квалитетните и бесплатни податоци се клучни за дигиталната трансформација.

Голема пречка во процесот на дигиталната трансформација, според Јакимовски е тоа што податоците во нашата држава се плаќаат.

Драган Тевдовски, професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје истакна дека треба да се размислува како да се вклучи вештачката интелигенција во нашиот систем на јавни финансии.

При тоа, Тевдовски потенцира дека при примената на вештачката интелигенција во институциите најважни се луѓето.

Диме Галапчев, претставник на Стопанска комора на Северна Македонија, соосновач и извршен директор во FinqUp го истакна значењето на податоците кои, како што кажа, треба да бидат јавно достапни.

„Вештачката интелигенција е добра колку што се добри податоците. Мора да ги автоматизираме сите процеси“, рече Галапчев.

Мила Јосифовска Даниловска, програмски менаџер во Фондацијата „Метаморфозис“ посочи на важноста на дигитализацијата која треба да е приоритет. „Ова подразбира дека процесите и услугите треба да се подобрат со примена на дигитални решенија, внатре во институциите и институциите со граѓаните“ нагласи Јосифовска Даниловска. Според неа, модернизацијата или воведувањето на дигиталните технологии не треба да биде префрлена само врз ИТ лица, туку треба да бидат вклучени сите чинители.

На денешната сесија присутните заклучија дека е неопходно да се овозможи институционално вмрежување и поврзување со цел да се обезбеди дигитализација на процесите, а со тоа и поголема ефикасност во работата на институциите.