Скокни до главната содржина

Квалитетни и веродостојни податоци-клучни за спроведување на реформските процеси неопходни за влез во ЕУ

Институционално зајакнување на системите за собирање и анализа на податоци во јавниот сектор, интеграција на индикатори за владеење на правото и контрола на корупцијата во државните стратегии, како и воведување на задолжителна транспарентност за сите државни институции преку објавување на податоци во отворен формат, развој на програма за едукација за управување со податоци во јавниот сектор и унапредување на порталите за отворени податоци со подобрена визуелизација за аналитички и компаративни анализи, се предлог-препораките од денешната 4-та сесија на Работната група 6 „Антикорупција“ (Поглавје 5-Јавни набавки; Поглавје 18-Статистика; Поглавје 32-Финансиска контрола) на тема: „Податоци на кои им веруваме: Предуслов за посилна економија и ефикасна борба со корупцијата“, која се одржа во Скопје, во организација на Европско движење во Република Северна Македонија во рамките на проектот Национална конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК).

Еден од главните заклучоци од денешната сесија е дека веродостојни и квалитетни податоци се клучни за соодветно спроведување на реформите неопходни за влез во ЕУ.

Милева Ѓуровска, национален координатор на НКЕУ-МК и претседателка на Европско движење во Република Северна Македонија во воведното излагање потенцираше дека статистиката е веродостојна онолку колку што јавноста и институциите имаат доверба во неа.

Не е случајност што Поглавјето 18-Статистика, се наоѓа во Кластер 1 – Фундаментални вредности. Превенција и борба против корупцијата не е само предизвик за Кластер 1, туку базичен услов за целокупниот процес на европската интеграција на нашата земја“, рече Ѓуровска, на денешната сесија.

Анита Ангеловска Бежоска, гувернерка на Народната банка на Република Северна Македонија нагласи дека централните банки не се само корисници на статистички податоци, туку и производители на статистички податоци.

„Централните банки се една од клучните алки во секој статистички систем. Нема дилема дека добрата статистика е предуслов за добри одлуки и политики, коешто на централните банки им овозможува водење на добра монетарна и финансиска политика. Како што еволуираат економиите мора да еволуираат и статистиките“, подвлече гувернерката, додавајќи дека Народната банка на РСМ презема низа активности за подобрување на процесот на информирање и комуникација со јавноста.

Дејан Станков, в.д. директор на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија оцени дека мисијата на Заводот е да произведува точни, релеватни и непристрасни податоци за јавноста. Според Станков, официјалните статистики се клучен инструмент за транспарентоста и отчетноста на јавните политики.

Сведоци сме на експлозија од информации. Во ера на социјални медиуми и алтернативни статистики, веродостојни податоци се потребни повеќе од кога било. Државниот завод за статистика има за цел постојано унапредување и јакнење на сопствените капацитети“, смета в.д. директорот Станков.

Мојмир Мрак, професор и раководител на Жан Моне катедра на Академската единица за пари и финансии, Економски факултет на Универзитетот во Љубљана во своето излагање го појаснуваше процесот на прилагодување на словенскиот економски систем кон европскиот, нагласувајќи дека во тој процес клучно е спроведувањето на реформите.

Добрата статистика е инфраструктура за нормален економски и социјален развој на секоја земја. Статистиката е основа за добра регулатива. Ако земјата не може да ги исполни условите од Европската комисија, парите не доаѓаат во земјата. Ако сакате да покажете реформи, мора да имате добри индикатори, а за тоа ви требаат податоци. Затоа податоците се исклучително важни“, оцени Мрак.

Мај Ериксон Готер, консултант во рамките на меѓународна развојна соработка помеѓу Шведскиот Завод за статистика и Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија нагласи дека статистичките податоци играат главна улога во развојот на државата. Според Ериксон Готер, потребно е статистичките власти да бидат независни од другите политички, регулаторни или управни тела и сектори, како и од приватните оператори за да се обезбеди кредибилитет на статистичките податоци, но и да се обезбедат соодветни ресурси.

Драган Тевдовски, НКЕУ-МК експерт, професор на Економскиот факултет при УКИМ – Скопје потенцираше дека ако сакаме да се намали корупцијата, треба работењето на институцииите  целосно да е отворено за јавноста, а сите договори и анекси да бидат објавени од страна на Бирото за јавни набавки.  Една од најсилните мерки против корупцијата, според Тевдовски е објавување на консолидиран биланс на состојба на јавниот сектор, додека еден од главните механизми за борба против сивата економија е истиснување на кеш плаќањата.

Тевдовски зборуваше и за потребата од објавување на годишните даночни пријави како што е тоа случајот со Финска.

Јоана Маџоска, економист во Светска Банка смета дека не можеме да имаме добри економски политики без добри макроекономски податоци. Таа зборуваше дека од аспект на добро владеење е потребна деполитизација на јавниот секгор, заменување на политичките вработувања со професионални вработувања, како и зајакнување на капацитетот на институциите и дигитализација.

Благоја Пандовски, претседател на „Транспаренси интернешнал –Македонија“ ја појасни улогата на оваа невладина организација во борбата против корупцијата, додавајќи дека често корупцијата не се гони од страна на целиот синџир институции надлежни за тоа.

Учесниците на денешната сесија ја истакнаа улогата на релевантни и точни податоци како предуслов за обезбедување на раст и развој на државата, но и пресудни во процесот на носење на јавни политики и носење на правилни одлуки од страна на граѓаните.