Скокни до главната содржина
Delegation of EU to MK
Evropsko dvizenje
Sfpa

Одбележана 33-годишна активност на ЕMМК, дискусија во чест на еден од основачите, Никола Тодоровски

Со дискусија насловена како „Европската интеграција од перспективата на Европското движење“, Европското движење во Република Северна Македонија (ЕММК) ја одбележа 33-годишната активност на ЕММК, воедно искажувајќи благодарност за целокупниот ангажман на основачите, меѓу кои и на Никола Тодоровски, поранешен висок службеник во македонското Собрание и долгогодишен член на ЕММК.

„ Кога станува збор  за дејствувањето на Никола Тодоровски во Европското движење зборот ентузијазам не е доволен за да ја прикаже неговата посветеност уште од 1991 година, учествувајќи во неговото оформување. Нека остане во меморијата дека на Конститутивното собрание на Европското движење  учествувале 220 членови, меѓу кои  и претседателот на државата-Киро Глигоров, претседателот на Собранието, Стојан Андов и други членови на Владата, како и голем број на интелектуалци и академски кадри“, истакна претседателката на Европското движење во Република Северна Македонија и национална координаторка на Националната конвенција за ЕУ во Република Северна Македонија, Милева Ѓуровска во своето обраќање пред присутните, навраќајќи се на почетоците од формирањето на ЕММК.

При тоа, Ѓуровска ги потенцираше дел од проектите и активностите по кои Европското движење ЕММК беше препознатливо, како Политичката школа на Советот на Европа и Одбележувањето на Денот на Европа-9 Мај.

Спомнувајќи дека Тодоровски го изработил првиот Статут на ЕММК, Ѓуровска истакна дека никогаш не недостасувал ентузијазам кој бил пренесуван меѓу граѓаните, но и кон институциите кои го препознавале движењето како посебен актер во евроинтегративниот процес.

Андреј Лепавцов, шеф на Одделението за ЕУ во Министерството за надворешни работи и член на Извршниот одбор на Европското движење, на настанот рече дека Тодоровски поседувал институционално знаење и умешност да ги предводи процесите коишто сакал да ги постави на одредено ниво.

Спомнувајќи ги своите почетоци, Марија Вељовска-Кондовска, генерален секретар на Европско движење и раководител на Одделение за поддршка на Комисијата за европски прашања и на Комисијата за надворешна политика го опиша колегата Никола Тодоровски како вистински визионер.

Константин Миноски, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, инаку долгогодишен член на Европското движење истакна:

„Никола го зборуваше јазикот на институциите што е многу значајно. Секој разговор му беше поткрепен со аргументи“ оцени Миноски во своето обраќање пред присутните.

На дискусијата, членовите и поддржувачите на Европското движење се потсетија на  досегашните предизвици, поставувајќи ги и насоките за понатамошното развивање на Европското движење во однос на евроинтегративниот процес на земјава.

 

Обраќање на претседателката на Европско движење, Милева Ѓуровска по повод 33-годишната активност на ЕММК, а во чест на Никола Тодоровски:

 

Почитувани членови на семејството на Никола Тодоровски, почитувани пријатели!

Со жалење ја примивме веста за заминувањето на почитуваниот Никола Тодоровски – истакнат член на Европското движење – борец за европската интеграција на земјава низ целиот период на постоењето на ова Здружението – цели 33 години. Изразувам длабоко сочувство до најблиските од името на Европското движење и од мое лично име.

За неговата професионална кариера во Собранието на Република Македонија не ќе можам многу да зборувам, но за неговото дејствување во Европското движење можам многу повеќе.

Кога станува збор  за дејствувањето на Никола Тодоровски во Европското движење зборот ентузијазам не е доволен за да ја прикаже неговата посветеност уште од 1991 година, учествувајќи во неговото оформување. Нека остане во меморијата дека на Конститутивното собрание на Европското движење  учествувале 220 членови, меѓу кои  и претседателот на државата-Киро Глигоров, претседателот на собранието Стојан Андов и други членови на владата, како и голем број на интелектуалци и академски кадри. Записниците  велат дека и во овој ран период група на приврзаници на европската идеја искажа силна волја за пристапување на Македонија кон ЕУ – во тој период исклучително моќна и отворена да им помогне на новите демократии. Никола беше цврсто посветен на оваа идеја, не само декларативно, туку и многу ангажирано, како и сите други во движењето со многу вложен труд.

Имав можност да го запознам Никола во периодот во 1996 година кога тогашна Република Македонија само што имаше воспоставено дипломатски односи со ЕУ. Бев докторанд на професорот Димитар Мирчев кој имаше обичај често да не поканува на дебатни состаноци, не можам да речам дека биле само состаноци, или пак само панел дискусии. На овие состаноци беа поканувани членови на движењето, но секогаш имаше и некој од политичарите на високо ниво, претставник на меѓународното Европско движење,  европарламентарци и други. Се дискутираше актуелни политички прашања во земјава и пошироко, вклучувајќи актуелни настани во ЕУ.

Во тоа време сè уште не ги познававме добро институциите на ЕУ и присуството ни даваше можност да бидеме во тек со случувањата. Никола Тодоровски беше редовен на овие состаноци и неговата специјалност беше поврзана со темите кои тогаш беа работени во Советот на Европа бидејќи заедно со групи пратеници имал можност да ги следи седниците во Стразбур. Овој ран период го доживеав како школа во која се стекнуваше практично искуство за вклучување во јавниот живот и каде се оформи една нова политичка елита која подоцна заземаше значајни места во политичките и државните структури.

За овој период на конституирање и  развој на Движењето слушав од Никола дека пишува мемоари и дека би сакал да ги објави. Во врска со ова ќе одговориме на секоја иницијатива од страна на семејството.

Кога веќе бев заразена со активностите на Европското движење и бев дел од, повеќе или помалку, полу-формалните структури на Движењето и започнаа проектни активности низ кои дојдоа до израз посебните организациски капацитети на Никола. Посебно значаен проект беше Политичката школа на Советот на Европа која се реализираше во Македонија во партнерство со Советот. Се одржуваа редовни годишни сесии на млади политичари. Денес има многу вакви школи, но оваа беше прва на која учествуваа претставници на институциите на ЕУ, домашни експерти – а завршниот настан беше во Стразбур. Лицата кои го водеа овој голем проект беа Никола Тодоровски и Лидија Неделковска во тоа време генерален секретар. Оваа школа и сите други активности во ЕММК во минатото како и денес, имаат потреба од дипломатски пристап за кој проф. Мирчев беше професионално ориентиран, но Никола Тодоровски посебно надарен. Иако како личност која не сакаше многу да се експонира во јавноста, но и низ годините на извршување на неговата професија во Собранието поседуваше неверојатна институционална меморија.  За него Движењето беше остварување на национална цел, но не лична проекција за кариера.

Никола беше личност посветен на доброто функционирање со изразено чувство за административна прецизност и дисциплина во работењето која ја пренесе и во работењето на Движењето. Тој го изработи првиот Статут на движењето, а веројатно и од другите ќе биде споменато дека пред извесно време го започнавме ажурирањето на Статутот адаптирајќи го на новите услови кој е речиси завршен, но Никола не дочека да биде усвоен. Ги прегледав сите извештаи на ЕММК од 2002 до 2010, период кога јас немав обврска да ги пишувам и читам извештаите – кои се напишани од Никола. Во суштина немаше активност во Движењето која била реализирана, а Никола да не бил присутен и да не ја понудил својата помош. Морам да напоменам дека се што беше правено во ЕММК, во секоја од етапите, беше на волонтерска основа – а никогаш не недостигаше ентузијазам кој некако го пренесувавме меѓу граѓаните, но и кон институциите кои го препознаваа движењето како посебен актер во евроинтегративниот процес, партнер од доверба во секоја од активностите кои биле спроведувани – а со оглед на извештаите, било прв актер од граѓанскиот сектор кој ја афирмирал Европската унија во националниот простор.

Одбележување на 9 мај, Денот на Европа било активност која Движењето ја спроведувало секоја година самостојно (главен носител), а претставниците на Делегацијата на ЕУ биле гости. Во овој период европската перспектива се чини дека била пореална, помалку политички детерминирана, следена со голем ентузијазам од младите, пред се кои веруваа, а се чини во тој период практикуваа и многу европски вредности.

Како секретар за меѓународна соработка одржуваше контакти со Меѓународното движење во Брисел, често и присуствуваше на нивните состаноци каде се предлагаа амандмани во врска со некои наши барања во врска со ЕУ-интегративниот процес на нашата земја. И кога не одеше таму, беше многу заинтересиран оние што одат да пренесат адекватни амандмани и декларации со цел Македонија да биде присутна во дискусијата и да ја зацврсти својата позиција за побрзо зачленување во Унијата. На овој план движењето ќе го почувствува неговото отсуство.

Посебно би сакала да го истакнам учеството на Никола во Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија. Во суштина, охрабрувањето да преговараме со словачките партнери за овој проект дојде од негова страна, по нашето гостување на пленарните конференции на Националниот конвент на Србија (2016).

Не беше едноставно да се изгради овој проект до ова ниво на кое сме денес. Никола Тодоровски беше присутен на сите сесии, на сите состаноци што ги имавме со работните групи пристапувајќи со посебно внимание и со голема посветеност. Неговото институционално знаење беше огромен капитал за конвенцијата – тој знаеше како “дишат“ институциите и како треба со нив да постапуваме. Верувам дека ова наследство на движењето, како и наследството од претходните активни членови, ќе се пренесува натаму како организациска култура на движењето.

Со целокупната своја активност и присутност Никола Тодоровски беше уважена личност, почитуван од страна на сите со кои работеше и го познаваа. Тивок, но со голема репрезентативност на својата личност. Никола Тодоровски физички замина, но ќе останат забележени неговите напори и залагања Република Македонија да биде дел од Европското семејство и напорите да го развива и институционализира Европското движење.

 

Вечна нека е неговата слава и нека почива во мир….