Потребен е посветен процес за имплементација на квалитетна земјоделска политика која ќе се базира на капацитетите на луѓето врз основа на нивната стручност, коишто мора да се добро едуцирани и обучени на патот кон ЕУ. Потребна е поголема интерсекторска соработка и дијалог кој ќе ги вклучи сите чинители, како и инвестиции и конзистентност во циклусот на политики.
Ова се дел од препораките од денешната 12-та сесија на Работна група 1 – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) на тема: “Меѓу предизвици и можности: Земјоделската политика на Северна Македонија на патот кон пристапувањето во ЕУ” која се одржа во Скопје.
Експертите на денешната сесија заеднички констатираа дека се потребни поголеми инвестиции во земјоделството, како и поголема организираност на земјоделците, но и инвестиција во човечки капитал, меѓу кои и мерки насочени и за младите земјоделци, за менаџерите и за институциите.
Беше истакната потребата од подобрување на усогласувањето со политиките на ЕУ, поголема интерсекторска соработка, имплементација на Зелената агенда, распределување на соодветни ресурси за програмите и мерките за животна средина и да се продолжат инвестициите во структурните реформи.
Беше нагласена потребата и од унапредување на регионална соработка меѓу земјите на Западен Балкан, но и потребата од значителни инвестиции за да се воспостави рамномерен регионален развој, како и дека е потребно мобилизирање на знаењето на локалните заедници особено во иновативните проекти.
Загрижува фактот за иселувањето на младите од руралните средини, па затоа, како што истакнаа говорниците на денешната сесија, потребно е да се преземат мерки за нивно задржување.
Експертите истакнаа дека македонското законодавство што се однесува на земјоделската политика не заостанува зад другите во регионот, иако е потребно да се вложи дополнителен напор за да се имплементираат неопходните реформи на патот кон ЕУ.