На 03 Февруари 2025 година, ја организиравме 16тата сесија на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23), која овојпат е во во форма на францускиот придонес за владеење на правото во нашата држава. Тема на настанот беше „Патеки до интегритет и независност на правосудството: клучен предизвик во реформите за владеење на правото и борбата против корупцијата“.
Хелена Папа, француска експертка за транспарентност, финансиски криминал и перење пари од француската меѓународна техничка кооперативна агенција „Експертиза Франција“, пренесувајќи го француското искуство, рече дека „обезбедувањето независно судство не е луксуз, туку неопходност“ за заштита на човековите права при носење праведни и правични одлуки. „Обезбедувањето независно судство е едно од најгорливите прашања на денешното време на глобално ниво, кое бара реформи“, изјави Папа, посочувајќи дека постојат многу антикорупциски мерки, но најважно е да се воспостават јасни стандарди и критериуми.
Што се однесува конкретно до Македонија таа ги предочи препораките на ГРЕКО (група на држави против корупцијата), од кои од вкупно 19 од последниот извештај 15 се спроведени, но кои освен на хартија треба и да се применат и во практика, бидејќи, како што рече таа, постои голем јаз меѓу законските решенија и нивната примена. Меѓу поважните, ја наведе препораката да се воведе поголема транспарентност при вработувањето, оценувањето и унапредувањето на судиите и обвинителите, воспоставување саморегулирачки судски институции, овозможување повеќе финансиски средства, поголеми плати и обуки за судиите, како и обезбедување соодветни алатки за да можат да држат чекор со новите технологии. Не помалку важни, според неа, се и препораките за спроведување редовна евалуација за нивната работа, истраги за несовесното работење и спречување на конфликти на интерес, чести етички обуки, како и јавно објавување на судските одлуки.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, потврди дека Судскиот совет ги спроведе поголемиот дел од препораките на ГРЕКО и стана една од најтранспарентните институции со јавно пренесување на седниците и дека недостасува поголема транспарентност во обвинителството. Тој посочи дека треба да се донесат измени во казнената политика и во начинот на оценување и унапредување на судиите, бидејќи процедурите траат предолго. Но, целосен интегритет во правосудството ќе се постигне кога кај судиите ќе се врати довербата во Судскиот совет, знаејќи дека тој стои зад нив и дека не треба да се плашат од политички притисоци.
Судијата Александар Шопов бранејќи ја судската фела рече дека судската власт не е доволно самостојна и дека таа треба да се смета како една од трите власти, а не како трета власт, која во многу точки е зависна од законодавната и извршната власт.
Адвокатот Јанаки Митровски рече дека притисоците врз судиите ќе постојат сè додека не се одобри барем двојно поголем буџет за судството.
Професорката од Факултетот за безбедност, Светлана Николовска, пак кажа дека градењето интегритет на правосудството, всушност, би требало да почне со градење интегритет во полицијата, бидејќи „ниеден судија не ќе може да замижи пред цврсти докази“. Таа укажа на срамниот процент на осуденост од корупција што се движи од 12 до 15 проценти.
Поранешната пратеничка и правничката Снежана Калеска-Ванчева рече дека владеењето на правото е состојба на умот и дека интегритетот го носи секој од нас и тој се гради уште во текот на школувањето, а не кога ќе се дојде на судска позиција, па во таа насока треба да се работи преку подобрување на образовниот процес.
Околу прашањата за независноста, самостојноста и интегритетот на судиите и јавните обвинители, како клучни столбови на правосудниот систем во демократските општества зборуваше и директорката на Академијата за судии и обвинители Ирина Трјкоска-Стрезоски, која посочи низа предлози за промена на процедурите за тестирање на кандидатите за интегритет при селекција на судии и обвинители, обуките во Академијата за судии и јавни обвинители, кои подоцна ќе одиграат главна улога во спроведување на механизмите за зајакнување независност и спречување политички притисоци.
Францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, во своето обраќање најави дека Франција преку разни фондови ќе продолжи да ја поддржува борбата против корупцијата, бидејќи сметаат дека судските инстанци и интегритетот на судиите се гарант за владеењето на правото. Но, исто така, на патот на реформите треба да се вклучат и граѓаните и да се охрабрат да пријавуваат и да укажуваат на корупциски појави како свиркачи. Неговиот заклучок е дека за да се забрзаат реформите и побрзо да завладее правото треба да се отвори широк дијалог меѓу клучните актери во правосудството.
Претседателката на НКЕУ-МК Проф. Милева Ѓуровска, заклучи дека токму таков дијалог овозможуваат дебатите како денешната што Националната конвенција за Европската Унија ги организира уште од 2017 година со учество на огромен број национални и странски експерти од областа на правосудството, судии, обвинители, универзитетски професори и претставници на граѓанскиот сектор, релевантни за оваа тема.
На настанот имаше и обраќања од францускиот експерт Жан Пјер Невеу, професорот од Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдула Азизи, заменик директорот на Академијата за судии и обвинители, Илир Исени и јавната обвинителка Емилија Мизо Димков, кој ги споделија своите мислења на темата.
Потоа следеше и дискусија околу препораките на присутните, кои ќе бидат од голема важност за финализирање на препораките кои произлегоа од настанот.