Скокни до главната содржина

16-та сесија на Работна група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24)

На 11 јуни 2025 година, се одржа 16-тата сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24), на тема: „Предизвици и перспективи во националните политики за дроги и психоактивни супстанци: усогласување на македонското законодавство со европските стандарди“. Настанот, поддржан од Делегацијата на ЕУ и Министерството за надворешни работи на Словачка, ја истакна важноста од структуриран дијалог и мултисекторска соработка во решавањето на прашањата поврзани со дрогите.

На сесијата се нагласи потреба од балансирана стратегија која ќе ги опфати и побарувачката и понудата на дроги. Министерот за внатрешни работи ја истакна посветеноста на министерството во борбата против илегалната трговија со дроги, нагласувајќи дека оваа борба мора да биде инклузивна и стратешка. Тој посочи на променливиот карактер на заканата, особено зголемувањето на синтетичките супстанци и нивната достапност преку интернет. Според него, министерството ќе застапува политики базирани на превенција, социјална поддршка и третман, наместо исклучиво казнени мерки.

Професорката Лилјана Игнатова – Китева од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје укажа на загрижувачкиот пораст на достапноста на дроги и појавата на нови психоактивни супстанции. Таа го критикуваше недостатокот на ефикасни превентивни програми и повика на научно базиран пристап за намалување на побарувачката.

„Превенцијата треба да започне рано, а третманските програми да бидат достапни за сите, вклучително и за затворениците,“ рече таа. Стигматизацијата на корисниците на дроги претставува значителна пречка, па затоа таа ги повика властите да дадат приоритет на јавното здравје пред казнените мерки.

Меѓународната експертка Марсела Титлова, професорка по кривично право од Словачка, ги сподели своите сознанија за рамката на ЕУ во врска со кривичните дела поврзани со дроги. Таа го нагласи различниот пристап на земјите членки кон политиките за дроги, но посочи на важноста од минимални стандарди за казни и конфискација на профитите од овие дела. Титлова исто така ја потенцираше заканата од новите синтетички дроги и потребата за постојани ажурирања на законската регулатива.

На ова се надоврза професорот Гоше Стефков од Фармацевтскиот факултет, кој говореше за легалната производство на канабис за медицинска употреба во Северна Македонија. Според него, иако индустријата има потенцијал, регулаторните празнини и корупцијата го попречуваат развојот. Тој повика на поголеми институционални капацитети и подобра меѓусекторска комуникација за ефективно следење и контрола на психоактивните супстанции.

Благородна Коцева – Симјанов, извршен директор на граѓанската организација ХОПС, изрази загриженост за недостатокот на финансии за програми за намалување на штети и за отсуството на превентивни иницијативи насочени кон младите. Таа нагласи потреба од национални стандарди во образованието за превенција и подобра соработка меѓу министерствата за спроведување на постојните стратегии.

Зборувајќи за улогата на судството и спроведувањето на законот, судијата Ненад Савески и Јавната обвинителка Ленче Ристоска ја истакнаа улогата на судството во борбата против трговијата со дрога преку конфискација и програми за ресоцијализација. Тие потенцираа значењето на собирањето податоци за подобрување на казнената политика и потребата од рани превентивни програми насочени кон младите. Обвинителката ја нагласи потребата од засилена меѓународна соработка за справување со транснационалниот карактер на овие кривични дела.

Последен збор зема Едвард Андерсон од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, кој сподели светски перспективи за кривичните дела поврзани со дроги, нагласувајќи ја потребата од прилагодена меѓународна поддршка. Тој го поздрави проактивниот пристап на Северна Македонија, но предупреди за „сенката“ на проблемите поврзани со дрогите што се провлекуваат низ општеството. Андерсон застапуваше политики базирани на докази и поголемо вклучување на заедницата во справувањето со основните причини за употреба на дроги.

По излагањата следеше дискусија за нацрт препораките насочени кон унапредување на политиките за дроги во Северна Македонија, вклучувајќи го зајакнувањето на меѓународната соработка, подобрувањето на програмите за превенција и третман и обезбедување подобра координација меѓу институциите. Учесниците се согласија дека е неопходно континуирано следење и евалуација за адаптирање на стратегиите кон новите предизвици.