На 25 септември 2025, ја одржавме 13. сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11). Тема на настанот беше „Руралниот развој и можностите на младите за претприемаштво“.
На форумот учествуваа македонски и словачки експерти по земјоделство, како и претставници на младински организации, земјоделски здруженија, млади фармери, академската заедница, граѓанскиот сектор и други меѓународни партнери, кои преку инклузивен дијалог дојдоа до заклучок дека младите во руралните средини сè уште немаат доволна иницијативност за преземање на улогата на клучен двигател на иднината на земјоделството и руралниот развој преку внесување иновации, нова енергија и свежи идеи. За повеќето од нив, како што беше речено, животот и работата во руралните подрачја не претставуваат прифатлива опција, што носи ризик од натамошна депопулација и намалување на земјоделската економија – процес кој сериозно го загрозува овој примарен сектор.
Настанот го отвори Проф. Милева Ѓуровска, национален координатор на НКЕУ-МК, која потенцираше дека Националната конвенција за ЕУ веќе осум години претставува уникатна платформа која ја неутрализира политичката поларизација и овозможува професионален, инклузивен и конструктивен дијалог. Само преку оваа алатка се одржани 67 сесии со вклучување на околу 3.000 чинители – јасен показател за нејзината вредност. Со оваа сесија, нашата цел е да ги поттикнеме младите во земјоделството и да обезбедиме европски пристап во руралниот развој, затоа што иднината на оваа област е иднината на земјата.“
На тоа се надоврза и словачката амбасадорка, Ивета Хрицова, која изјави дека Словачка е горда што е поддржувач на Северна Македонија, не само финансиски, туку и преку експертиза преку НКЕУ-МК, каде се дава придонес кон исполнување на Европските стандарди. Осврнувајќи се на младите, сподели дека смета дека тие се локомотивата особено на руралните средини и мора многу да се работи со нив.
Дијалогот беше фокусиран на суштински прашања како да се дојде до поквалитетно образование и обуки, но и како да се отворат соодветни работни места.
Ана Симоновска од Факултетот за земјоделски науки и храна презентираше за Миграција и намера на младите да останат во руралните средини во Западниот Балкан, споделувајќи дека демографското стареење и иселувањето на младите од руралните средини се најголеми закани за нивниот опстанок и за одржливото снабдување со храна. Младите најчесто заминуваат во потрага по подобри образовни и животни можности, што води кон губење на човечки капитал и виталност на заедниците. Ситуацијата е слична во целиот регион, заклучувајќи дека „Иселувањето и стареењето ја загрозуваат иднината на руралните средини, затоа младите кои избираат да останат мора да се поддржат – тие не се само чувари на традицијата, туку двигатели на иднината.“
На ова се надоврза и проф. Емељ Туна, од Факултетот за земјоделски науки и храна, која презентираше податоци од истражување на тема: Руралниот развој и можностите на младите за претприемништво. Истражувањето покажува дека 8,2 милиони луѓе, односно 46% од населението на Западен Балкан, живеат во рурални средини – бројка што бележи континуиран пад во последните 15 години. Младите на возраст од 15 до 29 години се околу 3,6 милиони, или 21% од населението, но нивното присуство во руралните области постојано опаѓа.
Во Северна Македонија младите сочинуваат 35,4% од населението, но руралната младина се соочува со висок степен на невработеност, ограничен пристап до образование и обуки, слаба инфраструктура и масовна миграција. Проф. Туна потенцира дека, доколку добијат соодветна поддршка, младите можат да бидат двигател на трансформација преку иновации, претприемништво и развој на одржливи агро-хранителни системи, придонесувајќи за оживување на заедниците и создавање подобар квалитет на живот.
Во рамките на сесијата беа претставени европските практики за поддршка и поттикнување на претприемаштвото, како и дел од европските програми и искуства конкретно за руралното претприемаштво како катализатор за задржување на младите и нивно активно вклучување во иницијативи за развој на руралните подрачја.
Словачката експертка Ивана Улична, ги презентираше и словачките искуства на оваа тема, кои се многу слични на нашите. Според неа, руралните средини ризикуваат да го изгубат младинскиот потенцијал поради недостиг на можности, што води кон миграција и депопулација. Таа го презентираше и концептот Practice Enterprise 2.0, кој нуди решение преку училишен модел кој им овозможува на младите да учат претприемаштво засновано на одговорност, иновации и одржливост. Младите се охрабруваат да развиваат бизниси во области како одржливо земјоделство, рурален туризам, обновливи извори и дигитални услуги – со што создаваат вредност локално. Особено се потенцира улогата на жените како двигатели на руралниот развој и иновации.
Вториот панел беше посветен на младите, каде ги детектираа клучните проблеми со кои се соочуваат, споделувајќи ги долгите процеси, недоволната и несоодветна поддршка.
Горан Балевски, основач на органската задруга „B-Organic“, од Валандово, моменталните правила прават земјоделците да се чувствуваат како криминалци, на кои треба да им се оневозможи да направат криминал, што е поразително.
Бавното подобрување на инфраструктурата, финансиите, но и недостатокот на човечки ресурси се исто така големи проблеми со кои се соочуваат, и е нешто што сериозно го забавуваат растот на бизнисите.
Според Јованче Пармачки, од „Фарма Пармачки“, со оглед на состојбата во државата, која не е нова, треба да се инвестира повеќе во модернизација на производството. Токму тоа би придонело до поголема продуктивност, со задржување на високиот квалитет по кој се познати органските македонски производи.
Иван Додевски, професионален пчелар во семејната „Додевски пчеларство“, смета и дека сите треба да дадеме поголема поддршка на македонските земјоделци, со купување на органски македонски производи.
Наталија Кировска, млада производителка на мед од Кочани, се осврна и на можноста за разноврсност, па така, сподели дека од нејзиното поактивно вклучување во семејниот бизнис, започнато е со производство на органска козметика на база на мед.
На крајот на панелите, следеше и дискусија помеѓу сите учесници, каде претставници од министерството за Земјоделство, шумарство и водостопанство, платежната агенција, претставници од граѓанскиот сектор, академијата и амбасадите, по што се предложија заеднички препораки за создавање подобра средина за младинско претприемаштво во руралните средини и зајакнување на улогата на младите како лидери и иноватори во своите заедници.

























