Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК) ја одржа својата седма сесија на Работната група 6 (Антикорупција), фокусирана на поглавјата 5 (Јавни набавки), 18 (Статистика) и 32 (Финансиска контрола). Настанот обедини претставници на институциите, граѓанскиот сектор, академијата и меѓународните експерти кои дискутираа на тема: Институционалните капацитети за спречување и борба против корупцијата во Република Северна Македонија: европски перспективи и националните практики.
Северна Македонија бележи значителен напредок во исполнувањето на меѓународните антикорупциски стандарди. Според последните анализи, земјата целосно имплементирала 17 од вкупно 24 препораки на ГРЕКО во петтиот круг на евалуација, додека 6 се делумно исполнети. Овој учинок ја позиционира земјата поволно во однос на регионалните конкуренти во процесот на пристапување кон ЕУ. Иако новата правна архитектура е воспоставена, експертите порачаа дека усвојувањето на законите е само почеток, а вистинскиот успех ќе се мери според тоа како граѓаните го чувствуваат владеењето на правото во секојдневниот живот.
Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, истакна дека институцијата претрпела значајна трансформација, префрлајќи го фокусот од многубројни мали предмети кон сложени истраги за висока корупција. Иако бројот на поднесени кривични пријави е намален на околу 40 годишно, вкупната причинета штета во овие предмети изнесува рекордни 3,3 милијарди денари.
Ивановски ја спореди корупцијата со „малигна болест“ која постепено ја слабее државата и нагласи дека институциите имаат обврска да постапуваат неселективно, дури и против актуелни функционери. Тој посочи дека финансиските истраги мора да се водат паралелно со кривичните за да се обезбеди ефикасна конфискација на нелегално стекнатиот имот.
Лука Фортелеони од италијанското антикорупциско тело (ANAC) го презентираше италијанскиот модел кој се заснова на превенција преку транспарентност и интегритет. Клучен столб во овој систем е националната база на податоци која содржи 65 милиони документи за јавни набавки акумулирани во изминатите 15 години. Оваа дигитализација овозможува откривање на коруптивни дејствија во реално време и директно изрекување на казни, што е модел кон кој тежнее и македонскиот систем преку најавената целосна дигитализација до 2027 година.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, најави изработка на нова национална стратегија и истакна дека оваа година фокусот е ставен на јакнење на системот на интегритет во судството. Поддршката од меѓународните партнери, особено од Мисијата на ОБСЕ, е клучна во овој процес. ОБСЕ веќе соработува со 80 општини за имплементација на политики за интегритет и работи со Собранието на нов етички кодекс кој треба да биде усвоен во пролетта 2026 година.
На настанот учествуваа и претставници од меѓународните организации во државата, а Русудан Табатадѕе од ОБСЕ поентираше дека донаторите можат само да помагаат, но локалните институции мора да бидат во „возачкото седиште“. Клучните предуслови за успех остануваат исти, односно потребна е силна политичка волја и соодветни финансиски ресурси за антикорупциските тела, заштита на обвинителската и судиската независност од политички влијанија и воспоставување системи за вработување базирани на заслуги.
Во дискусијата, се вклучија професори, судии и претставници на граѓанските организации и сите се сложија дека и покрај напредокот во легислативата, јавната перцепција останува негативна. Податоците од декември 2025 година покажуваат дека дури 36% од граѓаните биле во ситуација да им биде побаран мито.
Како заклучок на оваа сесија учесниците се согласија дека усвојувањето на законите е само формален почеток на реформите. Вистинскиот успех на антикорупциските политики нема да се мери преку бројот на усвоени стратегии, туку преку квалитетот на секојдневието на граѓаните. Само кога секој поединец ќе се чувствува заштитен од законот и кога пријавувањето корупција ќе престане да се доживува како личен ризик, ќе може да се зборува за суштинско владеење на правото и целосно усогласување со европските вредности.


















