Скокни до главната содржина
Delegation of EU to MK
Evropsko dvizenje
Sfpa

75-та сесија на НКЕУ-МК: КРАЈНАТА ЦЕЛ НА ЕВРОИНТЕГРАТИВНИОТ ПРОЦЕС Е МАКЕДОНИЈА ДА БИДЕ ПОДОБРО МЕСТО ЗА ЖИВЕЕЊЕ

Со завршната 75. дијалог-сесија на тема „Придонесот на структурираниот дијалог кон евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија: од „Темелите“ и пошироко“, Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) го заокружи деветгодишниот циклус на структуриран дијалог посветен на реформите поврзани со европската интеграција.

На сесијата, која се одржа денеска во Клубот на пратеници, претставници на институциите, судството, обвинителството, граѓанскиот сектор, академската заедница и експертската јавност разговараа за реформските предизвици во Кластерот 1 – „Темели“, со посебен фокус на владеењето на правото, правосудството, безбедноста и борбата против корупцијата.

Во изминатите девет години, НКЕУ-МК изгради широка платформа за дијалог меѓу институциите и граѓанското општество, овозможувајќи европските реформи да се разгледуваат низ аргументирана експертска дебата и конкретни препораки. Во работата на Конвенцијата учествуваа повеќе од 3.000 учесници, а до надлежните институции беа упатени повеќе од 700 препораки, чие спроведување беше предмет на континуирано следење.

На отворањето на завршната сесија се обрати министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој испрати силна порака дека „Крајната цел на евроинтегративниот процес е Македонија да биде подобро место за живеење, Македонија да ја направиме европска, во која граѓаните ќе живеат европски“, изјави Тошковски.

Тоа, рече министерот, може да се постигне ако секоја една институција, секоја организација, секој поединец и сите заедно ги засукаме ракавите и почнеме да работиме со конкретни и лични примери секој во рамките на својот делокруг. Притоа, заедничките дебати како овие што се водат во рамките на Националната конвенција се добар пример за плодна соработка на тој пат, но не заборави да спомене и дека партнерите од другата страна, исто така, треба да покажат почит кон нашите напори и достигнувања и да дадат соодветен фидбек.

Министерот за правда Јетон Шасивари, се надоврза на тоа тврдење, истакнувајќи дека нашите деца заслужуваат европска Македонија и европски вредности.

„Европската интеграција не е само усогласување на законодавството, но не само на хартија, туку вистински реформи како дел од една поширока рамка“, рече тој додавајќи дека конкретно Министерството за правда е посветено на реформите каде следен значаен чекор е дигитализацијата.

Амбасадорката на Република Словачка во Северна Македонија, Ивета Хрицова, рече дека Словачка е горда што ја поддржа иницијативата за Националната конвенција во нашата земја уште од  самиот почеток и што со текот на годините се покажа дека токму на овие плодни дебати стана видливо дека еврионтегративниот процес не е само работа на Владата и институциите, туку и дијалог на сите граѓани.

„И честитам на Конвенцијата за досегашниот успех и посакувам таа да остане платформа за вклучување на сите граѓани во дебати за теми поврзани со процесот на евроинтеграција што ќе трае и понатаму“, изјави Хрицова.

И извршната директорка на Словачката асоцијација за надворешна политика (SFPA), Јитка Иванчикова, изрази задоволство што Словачка ја поддржува Конвенцијата речиси една декада, поточно од 2017 година, преку пренесување на нејзиното искуството на нивните научени лекции на патот кон ЕУ.

Евроинтеграцијата не е само задача на владата и институциите туку на секој сегмент од општеството.

„Националната конвенција е добар пример како треба сите страни заедно да соработуваат и да изнаоѓаат решенија на европскиот пат, но и ЕУ треба да се подготви за идното проширување. Потребно е Европа да биде посилна и пообединета за да се соочи со денешните геостратешки предизвици“, рече таа.

На сесијата беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Европското движење во Република Северна Македонија (ЕММК), како носител на НКЕУ-МК, со што се потврдува значењето на соработката меѓу институциите и граѓанското општество во реформскиот процес.

Говорејќи за резултатите од деветгодишната работа на НКЕУ-МК, националната координаторка проф. д-р Милева Ѓуровска истакна дека структурираниот дијалог овозможи континуирано и систематско вклучување на експертите и граѓанското општество во европскиот интегративен процес преку седумдесетина одржани сесии од повеќето фундаментални поглавја.

„Денешната сесија е посветена на темелите како многу значајна област во преговарачкиот процес, но таа е и можност да погледнеме наназад и да видиме што постигнавме и нанапред да видиме што уште можеме да направиме. Конвенцијата создаде огромна мрежа од околу 3.000 учесници кои дадоа значаен и длабок придонес со својата експертиза и со својот професионален пристап. За овие 9 години успеавме да постигнеме политичка неутралност во Националната конвенција, иако се менуваше контекстот во самиот процес на интеграцијата во ЕУ“, рече таа, заклучувајќи дека треба отворено да си го поставиме прашањето дали треба да останеме во состојба на исчекување или ќе го направиме она што зависи од нас.

„Реформите не можат да чекаат. Државата не се одржува само со закони, туку и со влевање доверба кај граѓаните да се чувствуваат како припадници“, изјави Ѓуровска.

Во рамки на трите панел-дискусии беа отворени клучни прашања поврзани со правосудството и темелните права, правдата, слободата и безбедноста и борбата против корупцијата.

Во првиот панел, модериран од проф. д-р Александра Деаноска-Трендафилова, координаторка на РГ-3, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“, УКИМ, Скопје, кој беше посветен на Поглавје 23 – Правосудство и основни права, панелистите Дајанчо Ефтимов, државен секретар во Министерството за правда, Мухамед Халили, амбасадор, потпретседател на Европското движење ЕММК, Оља Ристова, судија во Апелациониот суд, Скопје, Лиле Стефанова, обвинителка во Републичкото јавно обвинителство и Дарко Аврамовски, извршен директор на Здружението „Сите за правично судење“, дискутираа за функционирањето на правосудниот систем, владеењето на правото и потребата од натамошно унапредување на институционалните механизми за заштита на правата и слободите.

Вториот панел беше модериран од Марина Митревска, координаторка на Работната група 4, професорка на Институтот за безбедност, одбрана и мир, Филозофски факултет, УКИМ, Скопје, посветен на Поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност, а Сашо Петрушевски, државен секретар во Министерството за внатрешни работи, Трпе Стојановски, експерт на НКЕУ-МК, професор на Факултетот за безбедност, УКЛО, Ленче Ристоска, поранешна обвинителка и Димитар Николовски, извршен директор на Центарот за европски стратегии – Евротинк, се фокусираа на безбедносните предизвици, институционалната координација и исполнувањето на европските стандарди во оваа област.

Третиот панел и последен панел, кој беше модериран од Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), дискутантите Слободан Ивановски, директор на Управата за Финансиска полиција,  Драган Тевдовски, експерт на НКЕУ-МК, професор на Економскиот факултет – УКИМ, Скопје, Билјана Ивановска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и Благоја Пандовски, претседател на Транспаренси интернешнал – Македонија се осврнаа на антикорупцијата, со дискусија за ефективноста на институционалните механизми, превенцијата и борбата против корупцијата и потребата од доследно спроведување на реформите.

Завршната 75. сесија беше можност не само за осврт на постигнатото, туку и за согледување на преостанатите реформски предизвици и потребата од продолжување на дијалогот за прашањата од значење за европската интеграција на земјата.

НКЕУ-МК во изминатите девет години се разви во платформа за отворен, инклузивен и структуриран дијалог меѓу релевантните институции, експертите, граѓанските организации и академската заедница. Методологијата на НКЕУ-МК се темели на искуството на Словачката асоцијација за надворешна политика и е прилагодена на македонскиот контекст.

„Од „Темелите“ и пошироко“ е пораката со која НКЕУ-МК го заокружува овој циклус, но не и значењето на структурираниот дијалог за европската перспектива на Северна Македонија.