Скокни до главната содржина
Delegation of EU to MK
Evropsko dvizenje
Sfpa

Подготовки за поширока Унија: „ЕУ се подготвува за ново проширување – но се подготвува да се менува и самата унија“

На 6 октомври 2026 година, Европската комисија го објави документот „Preparing for a wider Union“, со кој се отвора пошироко прашање од самото тоа кои земји ќе станат членки на Европската Унија. Комисијата разгледува и како самата Унија треба да се подготви за функционирање со поголем број членки – од начинот на донесување одлуки и функционирањето на институциите, до буџетот, заштитата на европските вредности и постепеното вклучување на земјите-кандидати во политиките и програмите на ЕУ. Во исто време, јасно се потврдува дека проширувањето и понатаму останува процес заснован на заслуги. Напредокот кон членство зависи од одржливото спроведување на реформите и исполнувањето на условите за членство. Паралелно, ЕУ треба да ги подготви своите политики, институции и финансии за идното проширување.

Документот предлага низа мерки за да се направи процесот поефикасен, но и да се обезбеди дека преземените обврски продолжуваат да се почитуваат и по членството. Неколку предложени новини заслужуваат поедноставно објаснување:

1. Квалификувано мнозинство за одредени чекори во преговорите.

Денес за многу одлуки во процесот на проширување е потребна согласност од сите држави членки. Тоа значи дека една држава може да спречи донесување одлука. Во однос на проширувањето Комисијата предлага примена на принципот на квалификувано мнозинство во отворање на преговарачките кластери на државите – кандидати, но и за одредени други меѓуфази во процесот. Тоа значи, една одлука не би морале да ја поддржат сите членки, туку мнозинството од нив, кое истовремено претставува и голем дел од населението на ЕУ. Така, една држава сама не би можела да запре одреден чекор во преговорите. Меѓутоа, за конечниот прием на нова држава во ЕУ и понатаму важи консензус на сите држави – членки.

2. Нова заштита од внесување билатерални спорови во проширувањето.

Комисијата настојува билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за членство да не стануваат услов за напредување на друга држава. На пример, ако две држави имаат спор што не се однесува на европското законодавство или на критериумите за членство, идејата е тој спор да се решава преку билатерални или други соодветни механизми, а не преку блокирање на проширувањето. Исто така, една нова земја членка по определен период по нивното пристапување презема обврска да не блокира идно проширување поради билатерални спорови.

3. Нова „institutional safeguard clause“ – заштитна клаузула и по членството.

Влегувањето во ЕУ не треба да значи дека условеноста за придржување кон основните европски вредности престанува. Ако нова членка по пристапувањето сериозно отстапи од владеењето на правото, демократијата или другите фундаментални вредности на Унијата, би можеле да се активираат посебни заштитни механизми. Наједноставен пример: државата ги исполнува условите и станува членка, но неколку години подоцна сериозно ги нарушува независноста на судството или демократските институции. ЕУ би имала дополнителен инструмент за реакција, наместо да смета дека процесот завршил со денот на членството.

4. „Postponement clause“ – можност пристапувањето да се одложи.

Можно е една држава да ги заврши преговорите, но пред формалното членство да се појави сериозно назадување во реформите. Доколку се утврди сериозно назадување, а другите, поспецифични мерки не се доволни, пристапувањето би можело да биде одложено врз основа на оценка на Комисијата. Предложената клаузула треба да се заснова на објективни критериуми и пропорционален период на одложување, по што повторно би се оценувал напредокот на земјата. Ова ја зајакнува идејата дека формалното завршување на преговорите не значи автоматски дека сите обврски се сметаат за исполнети до моментот на пристапувањето.

5. Постепена интеграција – дел од придобивките и пред полноправното членство.

Интеграцијата не мора да започне дури на денот на членството. Кога кандидатот ги исполнува условите во определена област, може постепено да се вклучува во одредени политики, програми и механизми на ЕУ. Според тоа, се напушта принципот преговори – членство – интеграција, а се применува: преговори, постепена интеграција, членство, продолжено почитување на обврските.

Што значи ова за идното проширување?

Со овој документ Европската комисија покажува дека проширувањето го гледа како процес што паралелно ја менува и самата Унија. Подготовката за нови членки не се однесува само на реформите што треба да ги спроведат земјите-кандидати, туку и на начинот на кој ЕУ ќе носи одлуки, ќе функционираат нејзините институции, ќе се финансира проширувањето и ќе се заштитуваат европските вредности во една поголема Унија.

Во тој контекст, предложениот пристап може да се сумира како поместување од едноставниот модел „преговори – членство“ кон поширок и постепен процес: напредок во реформите, постепена интеграција во одредени области, пристапување, а потоа продолжено следење и почитување на преземените обврски. За земјите-кандидати, тоа значи дека придобивките од европската интеграција може да започнат да се чувствуваат уште пред полноправното членство. Но, истовремено, одговорностите, условеноста и контролата врз исполнувањето на обврските стануваат посилни и се протегаат и по денот на пристапувањето.

Документот изворно може да се прочита на следниот линк.

↑