Медиумска регулација или саморегулација како и дали треба онлајн медиумите да се стават во законска рамка, беа меѓу клучните теми на кои денеска (16.03.) се дискутираше на онлајн сесијата за Поглавјето 23, односно за фундаменталните човекови права. Насловот на вебинарот, на кој имаше околу 60 учесници, главно од областа на правосудството и медиумската сфера, беше на тема „Слободата на изразување наспроти клеветата, навредата и говорот на омраза, а во организација на Националната конвенција за Европската унија во Северна Македонија, НКЕУ-МК.
Експертите рекоа дека фундаменталните права кои претставуваа клучен сегмент од Поглавјето 23 добиваат уште поголемо значење во новата преговарачка методологија (заедно со правосудството и борбата против корупцијата) сочинувајќи го првиот кластер т.н.„ Основи“.
Професор Милева Ѓуровска, Национален координатор на НКЕУ-МК и Претседател на Европско движење ЕМ-МК, рече дека станува збор за широка област на права и слободи кои треба да бидат имплементирани во секојдневните практики на граѓаните за што како неопходност се наметнува нивната афирмација, нивното вткајување во националната легислатива и градење на механизми за нивно оживотворување.
– Ова е прва сесија посветена на фундаменталните права, така што пристапот кон овие права претставува основен услов за натамошниот пристап кон ЕУ. Почнуваме од првото поглавје, зашто човековите права имаат универзален карактер – рече проф. Ѓуровска.
Амбасадорот на Република Словачка во Скопје, Хенрик Маркуш рече дека „Владата на Северна Македонија настојува да ги спроведе европските вредности и тоа треба да се поздрави“. Тој притоа истакна дека Европската унија е соочена со битката со пандемијата на ковид19, при што ЕУ во исто време работи на концептот на новата Унија во иднина.
Драган Тилев, државен советник во СЕП, потсети дека земјава во процесот на интегрирање е повеќе од 25 години.
-Притоа постојано поминуваме низ реформи и промени, се приспособуваме на нови акти и институционални реформи. Политичката цел е членство во ЕУ, но примарна цел ни е почитување на човековите права. Ланската година беше година на успеси и разочарување, – станавме членка на НАТО, но не успеавме, или ЕУ не се усогласи под кои услови треба земјата да почне преговори со Унијата-додаде Тилев.
Тој информираше дека на почетокот на 2021 година Владата усвоила План 21, а од неодамна и конкретна програма „Европа дома“, со основна цел Европа да ја донесеме кај нас.
-Кога сте во процес на реформи умно е да се има план. Без разлика на новата методологија, ние сме подготвени да ги отвориме поглавјата – подвлече Тилев.
Во Македонија над еден милион граѓани активно користат интернет, додаде Тилев, што, според него, е огромна бројка. „Ширењето говор на омраза преку социјалните мрежи е како пукање во подвижни мети, при што не знаете која ќе ја погодите“, предупреди тој.
Професорот од Правниот факултет на УКИМ, Никола Тупанчевски потсети дека клеветата и навредата од 2012 г. се уредени со посебен Закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда.
-Честа и угледот се сериозна правна норма, и тие се критериум за демократскиот капацитет на секоја држава. Македонија тргна по едно автохтоно решение – посебен закон за уредување на клевета и навреда. Дали ваквиот пристап е најдоброто решение во уредувањето на оваа проблематика? Работиме на нов кривичен законик, затоа што сметаме дека стариот не треба да се шминка, туку е потребно темелно ревидирање, па можеби и треба да размислуваме за ревизија и во оваа сфера-порача Тупанчевски.
Калман Петрош, претседател на Хелсиншки комитет на Словачка подвлече дека неговиот поглед на човековите права е поширок отколку што тоа се наоѓа во законите.
-Слободата на изразување не е апсолутна, и таа има извесни законски ограничувања. Зошто е тоа под законски рестрикции? Каде е линијата на разграничување меѓу слободата и говорот на омраза или клеветата, праша Петруш, констатирајќи дека понекогаш е многу тешко да се одреди таа линија на разграничување.
Според него рестрикциите на слободата на изразување се од причини што треба да ги заштитиме политичките слободи.
Ја истакна политичката култура на елитите, потоа која е целта, мотивот или методот на користење на слободата на изразување.
Ненад Савевски, судија во Основен суд порача дека е многу важно јавните обвинители и судии да бидат во кондиција за постојано да бидат свесни за опасноста од овој вид криминалитет, како во санкционирањето, така и во реституцијата на жртвите. Тој посочи дека токму правосудство е мета на овие напади, и затоа треба да се заштити независноста на правосудството.
Фросина Тасевска, државен секретар во Министерството за правда рече дека важно место зазема и прашањето со нападите врз новинарите, при што ЕУ бара расчистување до крај на настаните“. Се следи и јавниот радиодифузен сервис, при што се настојува да се обезбеди задолжителен законски минимум на финансирањето на македонскиот сервис. Таа ја подвлече петгодишната стратегија за развој на МРТ и како важни прашања ги посочи Собранието да го избере составот на Советот за аудиовизиуелни услуги и Советот на МРТ.
Јасна Бачовска Недиќ, професорка на Правниот факултет ги посочи Бангалорските принципи, односно видливост на правдата.
-За жал ова кај нас се запостави, и на академско ниво. Задоцнуваме со поделбата на власта, па судството ништо не прави за да се подобри довербата кај граѓаните кои само 2 проценти им веруваат на судовите. Деновиве ни се случуваат разрешувања на судии, што е атак на судството. Како судството да ја врати довербата? Принцип на транспарентност, јавност во фази на постапки, објавување на пресудите, соработка со новинари, формирање на судско новинарство, новинари кои ја знаат проблематиката-рече професорката од УКИМ.
Снежана Трпевска, од Институтот за истражување на општествениот развој говореше за прашањето дали треба да постои регулатива за онлајн медиумите. Таа информираше дека кај медиумите преовладува ставот дека онлајн медиумите не треба да се предмет на легислатива. Притоа посочи дека иницијативата на ЗНМ вродила со плод при што е направен Регистар на 140 регистрирани професионални онлајн медиуми.
Мирче Адамчевски, претседателот на Комисијата при Советот за етика, подвлече дека ни е потребна многу поголема медиумска писменост, но тоа да не премине во цензура на медиумите.
Според Адамчевски, има многу малку независни медиумите, и оти тие главно се во клиентелистички односи.
-Добиваме многу претставки од тужители за клевета и навреда. Ние не сме судии, туку дали производот ги задоволува етичките и професионалните стандарди. Според статистиката на Комисијата за жалби, најбројни прекршители на Кодексот се онлајн медиумите. Дури 91 % од медиумите кон кои има претставки се онлајн медиумите. Ние сме против регулација на онлајн медиумите за да не се загрози слободата на изразување. Сметаме дека има куп закони со кои може да се бие битка со неодговорните медиуми. Нашиот впечаток е дека судовите и обвинителствата не си ја извршуваат својата задача, па за нив е најлесно медиумите да се регулираат – подвлече Адамчевски.



























