Скокни до главната содржина

Потпишан Меморандум за соработка меѓу ЕММК и ЗМАИ

 

Европско движење во Република Северна Македонија (ЕММК) потпиша Меморандум за соработка со Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ). Со Меморандумот ќе се воспостави рамка за заедничка работа и поддршка на активности кои промовираат европска интеграција, регионална соработка, истражувања, анализи и други проекти поврзани со овие теми.

ЕММК и ЗМАИ со Меморандумот се обврзуваат заеднички да соработуваат и да ги поддржуваат активностите на платформата за дијалог „Национална конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија“ (НКЕУ-МК), со фокус на поглавјата од економската област, како и други проекти и иницијативи поврзани со европската интеграција, регионалната соработка, истражување и анализи и промоција на заеднички вредности и цели кои ги поддржуваат процесите на европска интеграција.

Претседателката на ЕММК, Милева Ѓуровска, за време на потпишувањето на Меморандумот истакна дека овој документ се потпишува по повод 10-годишнината од формирањето на ЗМАИ, на коишто им го честиташе јубилејот.

„Со ЗМАИ работиме многу успешно во последниве 2-3 години во економските поглавја од Кластер 1. Многу брзо ја воспоставивме оваа комуникација и ги вклучивме поглавјата кои досега не беа работени од граѓанските здруженија. Ја отворивме оваа област во рамките на преговарачкиот процес. Меморандумот се однесува главно на соработката во сите економски поглавја од преговарачкиот процес“, рече Ѓуровска.

Виктор Митевски, извршниот директор на ЗМАИ потенцираше дека сега е време да се официјализира неколкугодишната соработка.

„Нема подобар момент за тоа од одбележување на 10-годишнината на постоење на ЗМАИ. Денешната сесија е одлична сесија која е во сржта на нашата премиса со која го одбележуваме 10-годишното постоење-податоците зборуваат. Се надеваме дека и во иднина ќе можеме преку податоци да ја подобриме работата на НКЕУ-МК и на евроинтеграцискиот пат на земјата“, нагласи Митевски на потпишувањето на Меморандумот.

Меморандумот беше потпишан во рамките на Четвртата сесија на Работната група 6 „Антикорупција“ на тема: „Податоци на кои им веруваме: Предуслов за посилна економија и ефикасна борба со корупцијата“, која се одржа во Скопје, во организација на Европско движење во Република Северна Македонија во рамките на проектот Национална конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК).