На 18.06.2025 програмскиот совет на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност, одржа работна средба во Министерството за внатрешни работи со Државниот Секретар г-дин Сашо Петрушевски.
Средбата започна со истакнување на важноста на соработката помеѓу Националната конвенција за ЕУ и Министерството за внатрешни работи, со посебен акцент на конструктивниот придонес на претставниците на МВР на неодамна одржаната 16-та сесија на РГ-4. Сите учесници се согласија дека досегашната соработка треба да продолжи и понатаму, преку продлабочен и структуриран дијалог, со вклучување на оперативни структури од МВР кои се директно инволвирани во релевантните теми.
Главна тема на средбата беше организацијата и утврдувањето на термин за следната сесија на РГ-4 и беа предложени повеќе актуелни теми за дискусија, поврзани со трговија со луѓе или миграција. Дополнително, се разгледа можноста за ангажирање на експерти од земји-членки на ЕУ и од регионот, со цел споделување на искуства и практични примери за ефективно управување со оваа проблематика.