Скокни до главната содржина

18-та сесија на Работна група 3 – Правосудство и основни права: Европските стандарди за дисциплинските и изборните механизми клучни за зајакнување на владеењето на правото

На 12 Февруари, во Клубот на пратеници во Скопје ја одржавме 18. сесија на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23), во рамките на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), во организација на Европското движење во Северна Македонија. Темата на сесијата беше „Европски стандарди за дисциплински и изборни механизми во правосудството како клучен елемент на владеењето на правото“, при што учесниците дискутираа за тековните реформски процеси, законските решенија и институционалниот капацитет за обезбедување баланс меѓу независноста и отчетноста на правосудните органи.

Во своето воведно обраќање, министерот за правда Игор Филков истакна дека реформите во правосудството остануваат еден од клучните приоритети во процесот на европската интеграција. Најпрво ги опфати реформите во судскиот совет и законот за јавни обвинители. Тој рече дека реформите во судскиот совет се веќе изготвени, заострени се критериумите и детално се уредени постапките за избор на членовите и дисциплинската постапка. Со овие законски решенија се очекува да се засили довербата на граѓаните во правосудството.

„Подготвивме измени на триесетина закони од суштинска важност. Имаме можност да создадеме правосудство на кое ќе можеме да се потпреме, кое исто така ќе биде професионално, транспарентно и непристрасно. Независноста на судиите е централен столб за владеење на правото“, изјави министерот Филков.

Амбасадорката на Република Словачка, Ивета Хрицова сподели дека според неа темата не е техничка, туку многу широка и секојдневна.

„Европските препораки даваат многу јасни водилки што треба да се направи и зошто. Јасно е дека прогресот во Поглавје 23 е централно прашање во понатамошниот прогрес на Северна Македонија кон ЕУ. Тоа е и можност за сите институции да изградат демократски капацитети и да пратат силна порака. Словачка останува силен поддржувач на Северна Македонија и е тука да сподели знаење, експертиза, но и да ги презентира сопствените неуспеси, за тие да не се повторат.

 

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска-Стрезоски, осврнувајќи се на новиот предлог закон за Академијата за судии и јавни обвинители што е во изработка, истакна дека професионалниот интегритет и континуираната обука се клучни за ефективна примена на законските решенија. Таа се заложи новиот Предлог-закон да ги содржи сите препораки добиени до сега, како од Венецијанската комисија, од Мисијата на ЕУ, од граѓанскиот сектор, но и од оваа Работна група 3 на НКЕУ-МК. Измените ќе имаат за цел да ги заострат условите и барањата од кандидатите, но и мерит системот, при што најдобрите ќе имаат приоритет при избор на прераспределување.

Амбасадорот и шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, посочи дека за Европските стандарди нема еден правилник, но има многу добри практики и колективно разбирање низ цела Европа, како треба да изгледа ефикасно и професионално правосудство.

„Правна рамка постои во земјата, но недостасува конзистентно спроведување, вклучително и од правосудната фела, рече Вал.

Професорката Александра Деаноска-Трендафилова, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и координатор на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23), се осврна на подготовката на околу 10 закони, кои набрзо ќе бидат усвоени, со што ќе се вратиме во колосек на исполнување на обврските преземени во реформската агенда.

„Сите препораки од ГРЕКО што не се поврзани со уставни промени, се вклучени во новите закони, кои или се влезени или, пак, наскоро ќе влезат во собраниска процедура“, рече таа и додаде дека се очекуваат позитивни промени и во Јавното обвинителство.

„Како граѓанин, очекувам поголема транспарентност во одлуките на Судскиот совет, каде точно ќе се знае колку и кои членови гласале за одредена одлука. Исто така, очекувам ветинг, но не во политичка смисла на зборот, туку во користење на механизмите што веќе постојат, но би почнале редовно да се користат. На тој начин, ќе може да се исчисти правосудството од поединци што не си ја завршуваат работата спред очекувањата“, заклучи таа.

Во рамките на двете панел-дискусии, претставници на Судскиот совет, Советот на јавни обвинители, судството, обвинителството, академската заедница и граѓанскиот сектор ги разгледаа актуелните законски решенија и нивната усогласеност со европските препораки. Посебен акцент беше ставен на транспарентноста на постапките, јасните критериуми за избор и унапредување, како и на дисциплинската одговорност како инструмент за зајакнување на интегритетот.

На крајот од сесијата беа презентирани нацрт-препораки што ќе бидат дополнително усогласени и доставени до надлежните институции како придонес на граѓанскиот сектор во реформскиот процес во рамките на Поглавје 23.